Дали сте се запрашале колку време се посветува на размислување за оценките во споредба со менталното здравје на учениците?
Што е толку застрашувачко кај оценувањето? Oценувањето e најголем извор на стрес и анксиозност кај учениците денес. Неодамна во едно истражување прочитав зачудувачки факт - еден просечен средношколец денес има исто ниво на анксиозност како еден психијатриски пациент во педесеттите години од минатиот век. Психологот Гордон Стоукс, пак, тврди дека 80 отсто од тешкотиите во учењето се поврзани со стресот.
Фото: Pixabay
По дефиниција, низ процесот на оценување на учениците треба да им се овозможи да учат и да го покажат своето знаење, вештините и ставовите, а оценките да дадат повратна информација како ученикот може да напредува. Дополнително, средното училиште би требало да нè изгради во емотивно стабилни и образовани личности и да нè подготви за понатамошно, повисоко образование. Но, за жал, нашиот образовен систем не ни го овозможува ова во целост. Ни нуди многу непреспиени ноќи, затвореност во четири ѕида и стрес пред и по оценувањето. Црвените прашалници и извичници на тестовите, уморен лик и изнервиран поглед вперен во тебе чекајќи да „испееш“ педесетина страници од наставниот материјал и притоа застанат „на табла“, го зголемуваат стресот кај нас наместо мотивацијата да се подобриме. И во овој 21 век, додека во училиштата низ светот постојат часови на кои учениците учат за вештини како да се справат со стресот и притисокот, кај нас сето тоа сè уште е табу-тема.
Дали сте се запрашале колку време се посветува на размислување за оценките во споредба со менталното здравје на учениците? Растејќи, ние сме учени дека школото и образованието доаѓаат пред сè. Дека добри оценки водат кон добар успех, добар успех води кон добро образование, добро образование води кон добра и стабилна работа, и така натаму. Затоа, учењето треба да ни е на прво место. Пред социјалниот живот, пред забава надвор од училиште, пред вонучилишни активности, пред што било што навистина нè исполнува и нè прави среќни!
Леа Дојчиновска
Обемната наставна содржина, малиот фонд на часови за повторување на материјалот и краткиот рок даден за учење, зачинет со притисокот за добивање одлична оценка без можност за поправање, се совршен рецепт за развој на стресот и анксиозноста кај нас, учениците. Сè што бараме е системот да биде пофлексибилен, а професорите да ги приспособат техниките и начините на оценување согласно индивидуалните разлики кај секој ученик. Некои чувствуваат поголема трема при усното испрашување и не можат елоквентно да се изразат усно како што тоа би го направиле писмено, а некои, пак, чувствуваат поголема слобода изразувајќи се усно. Но едно е сигурно, прекумерното оценување дефинитивно ја убива нашата мотивација за понатамошно учење!
Фото: Pixabay
Сигурна сум дека повеќето од вас ќе речат: Па добро, зошто морате да бидете со сите петки? И ние не сакаме секогаш да бидеме најдобри, секој од нас е свесен за своите потенцијали и интереси, понекогаш е едноставно неизводливо и неиздржливо да бидеме одлични по сите 14 предмети, со оглед на оценувањата што ни се закажуваат во еден ист период, понекогаш и по неколку во еден ден, што сосема ни ги одзема фокусот и концентрацијата. И покрај тоа, ние треба да бидеме виртуози и да можеме невозможното да го направиме возможно. Па, потоа нè стигнува матурскиот испит, на кој исто така треба да брилираме доколку сакаме да започнеме со реализирање на нашиот животен сон, што би значело запишување на посакуваниот факултет, за добивање стипендија итн. И, затоа, секое тестирање поради овој притисок за нас претставува психолошка траума.
Наставникот треба да развие доверба кај учениците и правилен однос кон оценувањето: дека оценките не се тајно оружје, моќ или пресуда, туку оцена на заедничката работа. Наставата би требало да биде ослободена од страв, тензија, недоверба и стрес, што е пресудно за правично оценување. Кога оценувањето навистина би се приспособило на личноста на секој ученик посебно, тоа би резултирало со поголемо задоволство кај учениците, желба за вложување и креативност.
Пишува: Леа Дојчиновска, ученичка во четврта година во СУГС „Орце Николов“, Скопје