X
 26.04.2016 Образование

Отворено писмо до сите средношколци

Линдзи Росаско е професорка во средно училиште. Таа се одлучила да им се обрати на сите средношколци низ светот преку отворено писмо, користејќи го нејзиниот блог. 


„Честопати кога луѓето мислат на професорската работа, коментираат за поволностите на работното време - заминување дома во 3, зимски одмор, пролетен одмор и сите тие слободни денови во меѓувреме. Но, она што не го сфаќате е дека кога го напуштате училиштето и одите на тренинг од фудбал, вежбање, на вашата работа или дома, сите мисли од училиштето и професорите ги оттргнувате далеку од вашиот мозок, но јас размислувам за вас“, започнува таа.

„Се фокусирате на поенти, вашите оцени, сфаќам, оцените се важни за вашата иднина. Но, додека собирате хипотетички бројки и се обидувате да добиете половина поен од мене, јас не размислувам за вашата оцена. Моите мисли и грижи за вас се далеку од академскиот свет, поените и тестовите. За мене, вие сте многу повеќе од вашите оцени. Иако средното училиште е целиот ваш свет сега, средното училиште не е сè. Тоа е важна фаза од вашиот живот која мора да ја развиете. Тоа е отскочна даска. Не е сè. Впрочем, училиштето не е дури ниту вашиот најголем предизвик, може да верувате во тоа? Животот е.

Знаете дека животот постои и позади ѕидовите на вашето училиште, а тоа е живот кој ќе ви фрли многу повеќе пречки отколку драмата во која се внесувате сега? Има многу поважни проблеми кои чекаат на вас, многу поголеми од искушението да се сечат агли, да се препишува, па дури и да се лаже додека се предава домашна задача од 10 поени. Има и живот покрај солзите, раскинувањата и забавите; ветувам дека иако средното училиште сега е вашиот цел свет, наскоро ќе гледате наназад и ќе мислите дека е толку мал дел. Дека бевте толку млади. Дека бевте толку мали.“

Таа продолжува со нејзините грижи за средношколците: „Се грижам дека ќе се откажете, за појавувањето кога сакате, за само физичкото присуство. Се грижам за оправдувањата, за недостатокот на труд, за целосната незаинтересираност. Не с грижам бидејќи моето его не го дозволува тоа, туку бидејќи се подготвувате за неуспех во животот и после средното училиште“.

„Искористете го периодов со цедење на сето знаење од мене. Јас не знам сè, но, девојки и момчиња, знам многу. Искористете ме со прашување за материјалот, активност на часот и учење колку што можете повеќе. Искористете го тоа сега бидејќи никогаш нема да ви биде дадено толку лесно.

Многу од вас забележуваат и ме прашуваат зошто секогаш се смеам, зошто немам лоши денови? Зошто никогаш не се жалам? Како ученик кој ме лажел, мамел и препишувал на тест пред мене или пишува на телефон за време на час, се прашуваш како ќе реагирам на тебе. Па кажи ми, како сум реагирала на тебе?

Со трпение. Со насмевка. Со почит и рака за помош. Зошто би се однесувала вака откако си одбрал да не ме почитуваш мене, мојот час и другите околу тебе? Бидејќи се грижам. Кога си возрасен, работата станува најбитен дел од животот, а јас си го сакам животот. Ја сакам мојата работа. Ја сакам поради сите вас. Може да ги заборавам сите овие проблеми бидејќи знам дека сте способни за толку многу и знам дека сте добри. Вие сте повеќе од поени. Вие сте повеќе од фаќањето како пишувате на телефон за време на часот. Тоа се привремено, минливи моменти. Вие сте повеќе од сето тоа.

Дали сфаќате сега? Всушност, навистина, искрено, се грижам за вас како луѓе, не само како ученици во мојата училница. Кога си одите дома и ме заборавате, јас сè уште размислувам за вас. Долго откако дипломирате и сте благодарни дека немате повеќе домашни задачи, ќе ме заборавите, но јас сè уште ќе мислам на вас.

Знаете што велат луѓето за вашата генерација? Дека сте група контроверзности: пасивни, но барате. Имате потреба постојано да ве возвишуваат, но не сте подготвени да работите. Јас сум на ваша страна, па ајде да им докажеме дека не се во право.

Јас ве знам! Јас знам дека сте способни за повеќе! Сум го видела тоа, кај некои од вас секојдневно, а други само на минливи моменти, но се однесува за сите од вас. Верувам во вас.

Па, доколку ова се однесува на вас, тогаш е време да се средите, океј? Престанете да му пристапувате на животот мислејќи дали ќе добиете поени за тоа. Престанете со изговорите. Едноставно, престанете, момци и девојки. Вие сте способни за толку многу повеќе.

П.С. Никогаш не престанувајте да бидете љубезни.

П.П.С. Никогаш не престанувајте да се прашувате за сопствената вредност и да го предизвикувате статусот кво.

П.П.П.С. Доколку го видите ова и коментирате позитивно, кој знае? Можеби ќе добиете поени. Или не - бидејќи не е сè во поените.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование