X
 12.11.2023 Здравје

Здрави навики што можат да го забават стареењето, според научниците

Придржувањето до листата со осум здрави навики, формирана од Американското здружение за срце, потенцијално може да го запре стареењето.

Овие препораки вклучуваат 150 минути умерено или 75 минути интензивно вежбање неделно, урамнотежена исхрана богата со зеленчук, јаткасти плодови и протеини и воздржување од пушење. Исто така, списокот со осум здрави навики се залага за спиење помеѓу 7 и 9 часа секоја ноќ, одржување здрава тежина и одржување на холестеролот, шеќерот во крвта и нивото на крвниот притисок под контрола.

Истражувањето предводено од Ноур Макарем од Универзитетот „Колумбија“ и нејзиниот тим, кое ќе биде претставена на научните состаноци од Американското здружение во Филаделфија, открива дека следењето на овие навики не само што го подобрува здравјето на срцето, туку може и да го забави процесот на стареење.

Научниците процениле колку од 6.500 учесници во Националното истражување за здравјето и исхраната ги следеле овие осум здрави навики. Истражувањето се базирало на фактот што учесниците сами се изјаснувале дали ги следат препораките за исхрана, вежбање, пушење и спиење, додека им биле мерени тежината, холестеролот, шеќерот во крвта и крвниот притисок.

Што покажало истражувањето?


Тимот на Макарем ја пресметал нивната фенотипска возраст, индикацијата за биолошката возраст утврдена со мерење на нивоата на телесни хемикалии вклучени во метаболизмот, воспалението и функцијата на органите, како што се гликозата и креатининот.

Фенотипската возраст дава посеопфатна слика за тоа како личноста старее внатрешно, додека хронолошката возраст се заснова исклучиво на бројот на години што ги живее човекот, објаснува Ема Стенмор од Универзитетот во Манчестер, која не била вклучена во истражувањето.

Истражувањето покажало дека оние што пријавиле дека најмногу се придржуваат кон листата со здрави навики, имале биолошка возраст која во просек била шест години помлада од нивната хронолошка возраст. Оние што најмалку се придржувале, имале просечна биолошка возраст четири години постара од нивната хронолошка возраст.

Макарем ги нагласува повеќекратните придобивки од следењето на контролната листа, како што се годините на живот проживеани без болести и намалувањето на ризикот од предвремена смртност. Таа посочува дека дури и постепените промени во животниот стил можат значително да влијаат врз здравјето на срцето и да го забават биолошкото стареење.

Поглед во иднината


Со понатамошни истражувања лекарите би можеле да следат нечие придржување до оваа листа за проверка, за да ја проценат стапката на биолошко стареење, како и здравјето на срцето, поттикнувајќи рана интервенција и превенција.

Сепак, важно е да се напомене дека лонгитудиналните податоци, собрани со мерење на исти луѓе постојано во подолг период, ќе дадат повеќе увид во трендовите и промените со текот на времето, смета таа.

Извор: New Scientist
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје