X
 20.10.2024 Здравје

Експертите тврдат дека овие животни навики можат да ни помогнат да доживееме длабока старост

Постои постојан интерес, меѓу обичните луѓе и истражувачите - да дознаат што е потребно за долг и здрав живот. Од книги за готвење, кои се достапни во секоја книжарница, до истражувачки трудови, до стотици статии што можеме да ги прочитаме на интернет, има безброј информации и совети на таа тема. Но, постојат едноставни пристапи што можеме да ги прифатиме и лесни промени што можеме да ги примениме ако сакаме да доживееме длабока старост.

Јадете здрава храна

-Исхраната е убедливо најважниот фактор за долговечност - вели Валтер Лонго, италијанско-американски биогеронтолог и клеточен биолог, кој ја проучува долговечноста околу 20 години.

Безброј експерти кои ги проучуваат најдолговечните општества во светот, не можат доволно да нагласат колку храната што ја јадеме може да влијае на нашиот животен век. Моделот на исхрана сличен на медитеранската исхрана е она што најмногу го препорачуваат експертите за долговечност.

Според Лонго и Ден Буетнер, експерт за долговечност кој интервјуира стогодишници, диетата за долговечност треба да биде главно растителна и да вклучува:

-мешункасти плодови, особено гравот
-јаткасти плодови
-цели зрна, како што е овесот
-без црвено месо
-здрава количина на зеленчук, особено лиснат зелен зеленчук.

-Препорачувам 12 часа пост на ден. Да речеме дека јадете помеѓу 8 и 20 часот или 7 и 19 часот - вели Лонго. 

Бутнер исто така јаде во интервали од 10 или 12 часа.

Движете се редовно

Некои експерти за долговечност препорачуваат секојдневно вежбање, додека други се повеќе за секојдневно движење преку физичка активност со низок интензитет.

Тренинзите за сила двапати неделно и аеробни вежби трипати неделно, дури и по 10 минути на ден, се меѓу секојдневните вежби кои ги зголемуваат шансите на човекот да живее до 90 години, според една спроведена студија на стогодишници.

Во сините зони – места каде што живеат најголем број долговечни лица, физичката активност е многу помалку напорна, но стогодишниците сè уште се движат секојдневно, вели Бутнер. Вообичаено, жителите на Сината зона пешачат од место до место, градат работи со рака и ги негуваат своите градини, додава тој, што им овозможува да се вклучат во физичка активност со низок интензитет секој ден.

Верувајте во нешто

До крајот на 2023 година, Бутнер интервјуирал 263 стогодишници. Сите, освен петмина од тие стогодишници припаѓале на заедница заснована на вера, вели Бутнер.

-Луѓето кои одат во црква, храм или џамија живеат некаде помеѓу четири и четиринаесет години подолго од луѓето кои немаат религија. Се заклучува дека луѓето кои имаат вера или животна филозофија се исто така посреќни од оние кои немаат - вели Артур К. Брукс, водечки експерт за среќа, кој предава за чувството на радост на „Харвард“. Кога следите религија или духовна пракса, тоа ви помага да најдете смисла во животот – заклучува Бутнер.

Негувајте позитивни односи

Позитивните односи во вашиот живот се број еден приоритет, нешто што може да ви помогне да живеете подолг, посреќен живот, според едно 86-годишно и тековно истражување на „Харвард“. Но, инвестирањето во тие врски и нивното зајакнување е исто толку важно, она што истражувачите го нарекуваат „социјален фитнес“.

-Без разлика дали се работи за смислено и внимателно поставено прашање или момент на посветено внимание, никогаш не е доцна да ги продлабочите врските што ви значат - напишале во 2023 година Марк Шулц и д-р Роберт Валдингер, автори на студијата на „Харвард“.

Негувањето социјални врски е исто така вредност на стогодишниците во сините зони.

-Луѓето во сините зони ги ставаат своите партнери на прво место, ги негуваат и инвестираат во нивните односи. Да се има вистински пријатели е најголемата тајна што им помага на овие луѓе во сините зони да ги направат вистинските работи и да ги избегнат погрешните односи - вели Бутнер.

Дајте приоритет на вашата цел и доживотното учење

Во Окинава, Јапонија, една од сините зони со многу стогодишници, икигаи, што во превод значи „среќата е секогаш да се биде зафатен“, претставува огромна вредност. Толку многу што книгата „Икигаи: Јапонската тајна на долг и среќен живот“ е една од најпопуларните книги за долговечноста и меѓународен бестселер.

Важноста на икигаи е да ја пронајдете вашата цел и да и се посветувате секој ден на истата. И токму тоа е она што Бутнер го препорачува за долговечност: „Луѓето со чувство за цел, живеат околу осум години подолго од луѓето без цел“.

-Постојат седум практики за кои истражувачите во 86-годишната студија на „Харвард“ откриле дека водат до состојба „да се биде среќен и здрав во старост, а не да се заврши тажен и болен“ - објаснил Брукс во својот курс за среќа.

Една од тие практики е поттикнување на размислување за раст, преку инвестирање во доживотното учење и образование.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје