Тим од археолози открил луксузен брод од времето на Антички Египет покрај брегот на Александрија, кој одговара на описот на грчки историчар од првиот век.
Бродот бил долг 35 метри и имал луксузно украсена кабина. Тимот на археолози од Европскиот институт за подводна археологија (ИЕАСМ), предводен од професорот Френк Годио од Универзитетот „Оксфорд“, го пронашол бродот во водите покрај потонатиот остров Антиродос, кој бил дел од античкото пристаниште Александрија.
Грчкиот историчар Страбон го посетил тој град и опишал луксузни бродови како овој, наведувајќи дека биле наменети за екскурзии на припадниците на дворот, како и за групи луѓе кои патувале од Александрија на разни фестивали и прослави.
Како што опишал историчарот, овие бродови биле полни со луѓе и дење и ноќе, а тие „свиреле музика и танцувале непрестајно“.
- Ова е исклучително возбудливо бидејќи ваков брод е откриен првпат во Египет. Се споменуваат од разни антички автори, а се претставени и на некои мозаици, но обично биле многу помали - истакнал Годио.
Портпаролот на Институтот, Демиен Робинсон, вели дека ваков брод никогаш порано не бил пронајден. Остатокот од бродот ќе остане на дното на морето и ќе се почитуваат прописите на УНЕСКО бидејќи таа организација смета дека е подобро ваквите остатоци да се остават под вода.
Досега е истражен само многу мал дел од оваа област, а подводните ископувања треба да продолжат. Видеоснимки од откритието можете да видите на овој линк.
Извор: euronews.rs
Фото: Instagram screenshot