X
 29.08.2025 Живот

„Јадранскиот Титаник“ - бродот потона пред 111 години, а и денес е атракција за нуркачите

Некогаш најубавиот пароброд на австриската компанија „Оестрајхишер Лојд“ - елегантен, брз и луксузен, веќе 111 години лежи на дното на Јадранот, на околу 13 километри од Бриони.

Бродот се викал „Барон Гауч“ и историјата го памети како најголемиот патнички брод потопен во Јадранот.

Од Трст до Котор


Луксузниот брод бил изграден по нарачка на австрискиот „Лојд“ со седиште во Трст, заедно со сестринскиот брод „Принц Хохенлоје“, во бродоградилиштето „Гурлеј Брадрс енд компани“ во шкотскиот град Денди.

Првпат запловил на 16 јуни 1908 година, кога како гориво користел јаглен. Во 1911 година добил мотор на нафта.

Бродот бил модерен за тоа време - со панорамски стаклени ѕидови, елегантна трпезарија за 96 гости, украсена со дабово дрво и комори за греење и ладење. Сепак, класата на патување била строго одвоена, па патниците од третата класа немале класични кабини.

Редовната маршрута започнувала од Трст со запирање во Пула, Мали Лошињ, Задар, Сплит, Хвар, Груж (денешен Дубровник), Херцег Нови и Котор. На таа линија „Барон Гауч“ поставил рекорд со просечна брзина од 17 јазли (околу 30 км/ч).

Бродот бил долг 85,4 метри, широк 11,64 метри, со капацитет од 300 патници и 64 члена на екипажот.

 

Првата светска војна и последното патување

Со избивањето на Првата светска војна сите трговски бродови на Австро-Унгарија биле префрлени во воена служба. Така и „Барон Гауч“ ѝ бил ставен на располагање на морнарицата на 27 јули 1914 година. За време на четири воени патувања поминал 2.900 километри и транспортирал 2.855 лица, главно војници и материјал до Котор, а на враќање евакуирал цивили.

По завршувањето на воените задачи, бродот бил вратен во цивилна служба.

На последното патување бродот превезувал дипломатски и државни службеници и цивили од воени подрачја. Поради тоа што се дозволувало качување без билет, точниот број на патници никогаш не бил утврден, но сведоците тврдат дека бил далеку над дозволените 300, меѓу кои имало и околу 100 деца.

Трагедијата на 12 август 1914 година

На 12 август 1914 година луксузниот брод испловил од Котор кон Трст. Заостанал околу еден час, поради што не застанал во Пула, а екипажот брзал да избегне казна поради доцнење.

Капетанот Паоло Винтер се повлекол од командната позиција за да руча и да одмори, оставајќи му ја командата на првиот офицер Џузепе Лупис, кој подоцна му ја предал командата на вториот офицер Џузепе Тенце.

Истовремено, бродот „Базилиск“ поставувал минско поле за заштита на пристаништето во Пула. Во истрагата, капетанот и првиот офицер тврделе дека не издале наредба за промена на курсот и не ги виделе предупредувачките сигнали од „Базилиск“, па бродот продолжил да се движи опасно блиску до брегот.

На палубата завладеала паника. Околу 14:45, „Барон Гауч“ удрил во претходно поставена мина, околу 13 километри од Бриони. Експлозијата го пробила трупот, водата брзо ја поплавила кабината, а први жртви биле членовите на екипажот кои изгореле од жешката пареа.

Патниците брзале да стигнат до чамците за спасување, кои биле или преполни или блокирани. Многумина скокнале во морето, каде што се разлеала густа нафта од напукнатите резервоари, што им го отежнувало дишењето.

И покрај тоа што бродот имал осум чамци со по 30 места, 13 чамци за спасување и 166 појаси за спасување, опремата воопшто не била од помош, а преживеаните тврделе дека голем дел од екипажот ги оставил да се спасуваат сами.

 

Бродот потонал за 5-7 минути по експлозијата. Во близина биле бродовите „Триглав, „Балатон“ и „Чепел“, кои успеале да спасат 159 лица. Најмалку 127 луѓе загинале - главно жени, деца и членови на екипажот.

Капетанот Винтер и првиот офицер Лупис преживеале и биле ставени во домашен притвор. На воен суд биле прогласени за одговорни. Деталите од судењето не биле познати поради цензурата за време на војната.

Првата потрага по остатоците започнала неколку дена по несреќата, кога загинал еден од нуркачите. Дури во 1958 година Либеро Џурасини ги пронашол остатоците на бродот заедно со Ѓакон Сток.

Но, бидејќи Бриони во меѓувреме станал резиденција на Јосип Броз Тито, нуркањето и пловидбата долго време беа забранети. Обидот за подигнување на остатоците од бродот останал неостварен сон.

Денес, остатоците се под заштита на Министерството за култура на Хрватска и се прогласени за културно богатство. Дозволено е нуркање, но само во придружба на овластени професионалци и со плаќање надомест.
До местото каде што лежи бродот нурнале илјадници нуркачи, повеќе отколку на кое било друго место во Јадранското Море, и се смета за една од најфасцинантните атракции за нуркање.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Wikimedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот