По речиси два века од потонувањето на дното на морето, конечно би можела да се открие причината зошто потонал бродот „Терор“ и да се реши една од најдолгите мистерии во историјата на арктичкото истражување.
Од канадската агенција за управување со природно и културно наследство ги објавија резултатите од истражувањето на остатоците од бродот и заклучија дека добро сочуваните предмети може да откријат што всушност се случило со бродот кој се користел за истражување на поларните области.
„Терор“ исчезнал заедно со бродот „ХМС Еребус“ во текот на експедицијата на британскиот истражувач сер Џон Франклин, кој заедно со тимот тргнал од Британија во 1845 година. Целта на експедицијата било истражување на Северозападниот премин, кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан.
Бродовите последен пат биле видени во август истата година кога поминале покрај два китоловци во заливот Бафин, помеѓу Гренланд и Канада.
Фото: Screenshot
„Еребус“ бил пронајден во 2014 година во теснината Викторија, а „Терор“ две години подоцна, стотина километри подалеку, на длабочина од 24 метри.
Заливот каде што бил пронајден се наоѓа во близина на островот Кинг Вилијам, Нунавут. Интересна случајност е тоа што заливот се вика Терор, а бил именуван во чест на потонатиот брод, сто години пред да се открие каде се наоѓа бродот.
Подводните археолози ова лето поминале седум дена истражувајќи го бродот, а во соопштението истакнаа дека биле зачудени од неверојатната зачуваност на бродот. Тие веруваат дека капетанската работна маса и плакарите со мапи и документи, добро сочувани од студената вода, може да откријат што точно се случило со експедицијата.
- Седиментацијата обезбедува најдобри услови за зачувување затоа што создава средина со помалку кислород, што помага во зачувување на органски работи како хартијата - стои во соопштението.
- Пишаните материјали може да помогнат во откривањето на тоа што се случило, хронологија на настаните, кога бродовите се разделиле и како стигнале до местата каде што биле напуштени - изјави раководителот на проектот, Рајан Харис.
Тој истакна дека бродот е пронајден исправен на морското дно, со пропелерот на место, без фрлено сидро.
- Се чини дека бил во оперативна состојба и дека потонал неочекувано, а бил напуштен многу, многу брзо - смета Харис.
Археолошкиот тим претходно овој месец работеше на тродимензионално мапирање и истражување на ентериерот на бродот. Тие добиле јасни снимки за повеќе од 90 отсто од потпалубата во која престојувал екипажот. Единствено не биле во можност да влезат во спалната соба на капетанот Френсис Крозиер.
На снимките се гледаат креветите и работните маси, полици со чинии, стаклени шишиња и прибор.
Харис изрази надеж дека тимот наредната година ќе продолжи со истражување на бродот. Кога бродовите тргнале на пат, имале храна и други материјали за тригодишен престој на Арктикот. По исчезнувањето на двата брода, вдовицата на Френклин, Џејн, во 1859 година финансирала нова мисија која на островот Кинг Вилијам пронашла порака дека нејзиниот сопруг и 23 члена на екипажот починале на 11 јуни 1847 година, но околностите не биле наведени.
Се чини дека бродовите заглавиле во мразот и дека на 22 април 1848 година 105. преживеани тргнале пеш да најдат копно, но никој не преживеал.
Канадските
истражувачи во 80-тите години објавиле дека ги пронашле телата на членовите на експедицијата на островот Бичи и дека тие починале од студ, глад и труење со храна.