X
 13.01.2019 Живот

Неверојатна приказна за човекот што на скии го спаси светот

Подвигот на еден Норвежанец во текот на Втората светска војна го стави во редовите на најголемите херои на неговата држава, но и инспирира многу филмови.

Јоаким Ренеберг во 1943 година бил на чело на операција спроведена зад непријателските линии во тогаш окупираната Норвешка, кога нацистичката фабрика за производство на деутериум била дигната во воздух.

Кога тогашниот британски Директорат за специјална операција го избрал за лидер на оваа операција, Ренеберг имал само 23 години и бил најмладиот што отишол зад непријателските линии.

- Бевме група пријатели што сѐ правеа заедно. Често размислувавме дека ова ќе биде пат без враќање - изјавил Норвежанецот во едно интервју.

Неговиот тим тогаш се соочил со речиси невозможни шанси за успех. Претходната операција не ни успеала да стигне до фабриката, а нејзините членови биле заробени или убиени. Тимот заслужен за саботажа на фабриката подоцна ја опишал својата мисија како самоубиствена.

Операцијата почнала со спуштање по планинскиот венец прекриен со снег, по што оперативците со скии тргнале кон дестинацијата. Пешки стигнале до фабриката и поставиле бомби. Ренеберг тогаш донел клучна одлука - да ги скрати приклучоците на бомбите, со што ќе се скрати и времето за предизвикување експлозии, а тоа на тимот му овозможувало помалку време за бегство.

Откако нацистите сфатиле што се случило, била спроведена истрага. Членовите на тимот тогаш почнале да бегаат, поминувајќи стотици километри низ планинскиот терен за да се спасат. Норвешкиот херој успеал да помине пат долг 320 километри и со скиите да се спушти до соседна Шведска, која била неутрална за време на Втората светска војна.

Во интервју за Би-би-си пред шест години тој признава дека ја сфатил важноста на она што го направил дури кога биле фрлени атомски бомби на Хирошима и Нагасаки. Неговиот гест бил прикажан во филмот „Херои на Телемарк“ од 1965 година во кој главната улога ја толкува Кирк Даглас.

- Тој е еден од нашите најголеми херои. Ренеберг веројатно бил последниот жив член од движењето на отпорот од Втората светска војна - изјави премиерката Ерна Солберг.

Ренеберг починал во октомври минатата година, на 99 години. По војната станал новинар. Започнал да ја раскажува својата приказна во 70-тите години кога почнал да работи со младите луѓе во Норвешка за да ја подигне свеста за опасностите од војната.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот