X
 13.01.2019 Живот

Ротердам создава патишта од рециклирана пластика

Холандија наскоро може да стане првата земја што ќе ги поплочи улиците со пластични шишиња откако градскиот совет во Ротрдам соопшти дека размислува за пилотирање на нов тип на површини на патиштата како позелена алтернатива од асфалтот.

Градежната фирма „Волкер Веселс“ во петокот ги обелодени плановите за површина направена целосно од рециклирана пластика, за која се вели дека бара помалку одржување отколку асфалтот и може да издржи поголеми екстремни температури помеѓу -40 и 80 степени Целзиусови. Патиштата може да се постават за само неколку недели и може да траат три пати повеќе отколку асфалтот.

Компанијата соопшти дека аргументите за животната средина се силни, со оглед на тоа што асфалтот е одговорен за 1.6 милиони тони емисии на СО2 годишно на глобално ниво - 2 отсто од сите емисии на патниот транспорт.

-Пластиката нуди секакви предности во споредба со тековната изградба на патиштата, како за поставување на патиштата, така и за одржување - изјави Ролф Марс, директор на делот за патишта на „Волкер Веселс“.

2
Фото: VolkerWessel


Пластичните патишта се полесни, го намалуваат товарот на земјата и се шупливи, со што се олеснува поставувањето на каблите и комуналните цевки под површината. Дел од нив може да се префабрикуваат во фабрика и може да се транспортираат таму каде што се потребни, намалувајќи ја изградбата на самото место, што значи помалку застои предизвикани на патиштата. Со тоа, полесните материјали можат да се транспортираат поефикасно.

Марс вели дека проектот е во концептуална фаза, но компанијата се надева дека ќе може да го постави првиот целосно рециклиран автопат во рок од три години. Ротердам, вистински поддржувач на одржливата технологија, веќе го сигнализираше својот интерес за тестирање на проектот.

-Позитивни сме кон случувањата околу проектот. Ротердам е град отворен за експерименти и иновативни прилагодувања. Имаме улица-лабораторија на располагање, каде иновациите како оваа може да се тестира - изјави Јап Питерс, од инженерското биро на градскиот совет.

Марс додаде дека идејата има огромен потенцијал за иден развој, како што се загреани патишта или ултра-тивки површини.

-Сѐ уште е идеја на хартија; следната фаза е да се изгради и тестира во лабораторија за да се осигура безбедноста во влажни и лизгави услови. Бараме партнери кои сакаат да соработуваат во експериментот - како и производители во индустријата за пластика, размислуваме за сектор за рециклирање, универзитети и други образовни институции. Ротердам е иновативен град и ја прифаќа идејата. Добро се вклопува во неговата политика за одржливост и е подготвен да работи на пилот-проектот - вели Марс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот