X
 13.01.2023 Живот

Визата не била доволна. Како патувале Југословените во странство?

Стар текст од 1988 година објавен од хрватскиот медиум „Индекс“ во соработка со веб-страницата „Југопапир“ открива како се патувало во минатото како државјанин на поранешна Југославија. Што барале земјите од странците кои доаѓале на нивните граници?

Текстот открива дека во тоа време Франција барала од сите странци (освен граѓаните на земјите кои биле дел од Европската економска заедница) да покажат виза и уверение за незаразеност со ХИВ. Од жителите на Југославија се барал и доказ за поседување девизна книшка со најмалку 4.000 франци кои би им биле на располагање за престој од еден месец.

За Канада се барал доказ за сума од 150 канадски долари дневно за престојот. Двете земји, Франција и Канада, барале и потврда за вработеност, решение за годишен одмор и повратна карта.

Унгарија ги обврзувала патниците од Југославија да заменат одредена сума динари во форинти на границата. Германија барала задолжителна медицинска потврда за незаразеност со сида. Во тоа време од болеста најмногу се заразувале во Швајцарија, Франција и САД, но овие земји не подлегнувале на барањата за потврда за незаразеност на границите.


Фото: Wikipedia

Во 1988 година Југословените морале да бараат виза и за патување во Грција, додека за Грците, визата за влез во Југославија се добивала на границата. Во текстот пишува и дека визата за влез во Грција може да биде одбиена во некои случаи за жители во Егејска Македонија.

Кога станува збор за Австралија, цариниците ги проверувале куферите поради храната. Било забрането да се внесува храна во Австралија поради опасност од разни зарази. Се правела разлика меѓу храната според местото на производство, па така се дозволувало да се внесе сирење од Швајцарија, но не и од Југославија. На Нов Зеланд, југословенските кикиритки и грисини биле забранети, а германските не.

Југословенските жители биле посебно проверувани на американските граници. Во текстот пишува и дека жителите на Југославија добивале виза како жители на земји од Варшавскиот пакт за некои земји како Колумбија, Бразил и Индонезија.

Извор: Index
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот