Февруари 1975: Големиот индиски писател-нобеловец Рабиндрант Тагоре кон крајот на 1926 година, патувајќи низ Европа, поминал неколку дена и во Југославија.
„Утрото на 13 ноември пристигна во Загреб со воз од Будимпешта“, пишува загрепскиот „Обзор“ во извештајот посветен на предавањата на Тагоре одржани во Музичкиот институт. „Се прошета низ градот и го привлече една продавница со изложени предмети со народна тематика; заклучи дека мотивите на народните везови се слични со хиндустанските, па купи неколку парчиња.
Вечерта предаваше за модерната цивилизација во преполната сала во Музичкиот институт. Од Загреб, Тагоре се упати кон Белград...
Во Белград пристигна во 22 часот, и тука повторно срдечно беше пречекан на станицата. Следното утро го интервјуира поетот и новинар Станислав Винавер.
„Не сум долго меѓу вас, но можам слободно да ги изнесам моите први импресии. Вие сте тука сосема различни луѓе од оние на Запад. Нивната цивилизација е стара, механичка.
За сè е размислено, за сè е создаден одреден поим и повеќе нема некои нови, посвежи, побујни нации.
А вие? Вие на Балканот, повеќе сте примитивни, млади, бујни, во текот на развивање. Сè уште се формирате. За среќа, не сте го достигнале врвот на цивилизацијата, вашата цивилизација, која вие ќе ја дадете. И како такви сте спонтани, експресивни, создавачи.
Ве гледам како кристал. Низ вашата душа, дарот на младоста, можам да видам нова култура во создавање. Ми се допаѓа тоа што кај вас сè уште не е сè балансирано. Тоа е знак на младоста која обезбедува во иднина зрела, солидна старост, со силна, нова култура и цивилизација, која може да ја надмине и западната...“
Во салата на Новиот универзитет, Тагоре го одржа предавањето „За значењето на уметноста“. Додека сите воодушевено го поздравуваа Тагоре, три студентки по книжевност во народни носии му дадоа букет цвеќиња, а на неговата глава ставија ловоров венец.
Трогнат од ова внимание,
Тагоре, длабоко се поклони, а потоа прочита неколку од неговите песни на бенгалски.