X
 11.04.2022 Наука

Нова имунотерапија ветува агресивен напад на видови рак што тешко се лекуваат

Истражувачите од Институтот за истражување на ракот (ICR) - Лондон и Фондацијата „Ројал Марсден Ен-ејч-ес траст“ го тестираа новиот лек познат како AFM24.

Лекот покажал знаци на ефективност кај третина од пациентите со низа напредни карциноми кои престанале да реагираат на третман, вклучително и рак на дебелото црево, белите дробови и на панкреасот.

AFM24 ги пренасочува природните имунолошки клетки-убијци на телото да ги убијат клетките на туморот, без да мора да помине низ сложениот процес на реинженеринг на сопствените клетки на пациентот, познат како CAR-T клеточна терапија.

Резултатите од новата студија, фаза I испитување на 24 пациенти, беа претставени во понеделникот на конференцијата на Американското здружение за истражување на ракот (ААCR).

Експертите се надеваат дека имунотерапијата во иднина би можела да дејствува против низа тумори на рак кои продолжуваат да растат и покрај третманот.

Тие, исто така, веруваат дека новиот третман има потенцијал да биде побезбеден и помалку комплексен од клеточните терапии како CAR-T и може да дејствува против поширок опсег на видови рак.

Испитувањето е финансирано од производителот на лекот „Афимед Ен-ви“ и ја тестира безбедноста на лекот и која доза треба да се даде, како и неговата ефикасност во справувањето со туморите позитивни за EGFR - клучен протеин вклучен во растот на ракот.

Третина од пациентите за време на испитувањето одговориле на имунотерапијата и забележале дека ракот кај нив престанал да расте.

- Лекот го примам како инфузија еднаш неделно и од сите третмани што ги добив во последните седум години, овој имаше најмалку несакани ефекти. Способен сум да работам, да живеам активен животен стил - вели 64-годишниот Ричард Конди, на кој во 2015 година му бил дијагностициран рак на дебелото црево, но и покрај операцијата, болеста се проширила на црниот дроб.

- Природните клетки-убијци се суштински дел од имунолошкиот систем и се способни да ги препознаат клетките на ракот. Оваа нова имунотерапија може да ги пренасочи природните клетки-убијци кон тумори со таргетирање на протеинот наречен EGFR, кој често се наоѓа на површината на клетките на ракот. Третманот сè уште е експериментален и нашето испитување е во рана фаза, но возбудени сме затоа што постои потенцијал - вели д-р Хуанита Лопез, медицински онколог од „Ројал Марсден“.

- Овој нов третман е иновативен бидејќи наоѓа начин да ги насочи природните клетки-убијци во имунолошкиот систем кон тумори без да бара сложено и скапо реинженерство на сопствените клетки на пациентот. Досега видовме првични наоди само кај мала група пациенти, но резултатите се ветувачки и оптимисти сме дека ова би можело да биде нов тип на имунотерапија за видови рак што инаку тешко се лекуваат - вели професорот Кристијан Хелин, главен извршен директор на Институтот за истражување на ракот.

Извор: Newschainonline.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука