X
 13.02.2019 Здравје

Низ Европа кружи лажен лек за рак, предупредува СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) издаде предупредување за пациентите, лекарите и аптеките за лажниот лек за рак што кружи низ Европа и Америка. Лажниот лек се наоѓа во слична амбалажа како и лекот за леукемија „иклузиг“, декларацијата е на англиски јазик, а во пилулите од 15 и 45 милиграми не се наоѓа ништо друго освен обичен парацетамол.

- Нема активна супстанција во него. Ова е опасно и многу сме загрижени - изјави Мајкл Дитс од групата за откривање лажни лекови при СЗО во Женева.

Лекот бил необичен токму затоа што бил направен исклучиво од парацетамол. Дитс додава дека иако се почести лажните или неефикасните антибиотици, не е необична појавата и на лажни лекови за рак.

лек
Фото: Profimedia

- Од сите краеви на светот континуирано се пријавуваат лекови наменети за лекување рак на дојка, простата и лекови за леукемија - вели Дитс.

Овој лажен лек се пакува во 30 х 45 милиграми или 60 х 15 милиграми, што било сомнително за препродавачите во Швајцарија. Швајцарците со анализа утврдиле дека лекот е лажен и ја известиле СЗО. Дитс наведува дека лекот бил наменет за луѓе што боледуваат од рак, но и за оние што живеат во земјите во кои ракот не е бесплатен или не го покрива здравственото осигурување.

- Лекот го купувале и пациентите од други краеви на светот и тоа се луѓе кои очајно сакаат да пронајдат лек за својата болест, а добиваат парацетамол - вели Дитс.

Лекот не е ни евтин - цената во Велика Британија е 5.000 фунти за кутија, додека во САД - 450 долари за пилула, односно 13.500 долари за кутија.

Дитс предупредува дека самиот факт дека лекот циркулира во слободна продажба доволно загрижува, така што сите треба да бидат внимателни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје