Истражувачите конечно имаат некои сознанија и објаснувања зошто болките во текот на менструалниот период и предменструалните симптоми (ПМС) се толку болни и силни.
Во големо истражување спроведено во 2016 година научниците пронашле врска помеѓу воспалениот биомаркер и тежината на ПМС, што укажува на тоа дека акутното воспаление може да ги активира сите грчеви и да предизвика надуеност.
Истражувачите велат дека антиинфламаторните лекови во голема мера може да помогнат при болките за време на менструалниот период - а повеќето доктори веќе ги препорачуваат за пациенти кои сакаат да ја смират матката.
Но ова беше прво големо истражување за идентификување на биолошката врска помеѓу воспалението и ПМС, и еден ден би можел да им помогне на научниците да најдат поефикасни третмани отколку оние што се користат моментално.
По испитувањето на 2.939 жени во Америка, тим од Универзитетот во Калифорнија покажал дека постои позитивна врска помеѓу тежината на ПМС и присуството на нешто што се нарекува Ц-реактивен протеин со висока чувствителност (hs-CRP).
Hs-CRP е биомаркер за воспаление во телото, така што истражувачите сугерираат дека колку повеќе протеин има личноста, толку повеќе воспаленија ќе доживее и жените полошо ќе поминат низ ПМС - со исклучок на главоболките.
- Предменструалните симптоми на расположение, абдоминални грчеви/болки во грбот, желбата за јадење/зголемување на телесната тежина и болката во градите, но не и главоболката, се чини дека се поврзани со покаченото ниво на Hs-CRP, биомаркер за воспаление - велат истражувачите.
Ова е доста големо откритие бидејќи околу 80 отсто од жените пријавуваат дека се соочиле со ПМС. А, сепак, постојат многу малку истражувања во врска со причините или потенцијалните опции за третман. Во моментов, најдобрите опции се ибупрофен, како и лекови против болки.
Некои нови уреди тврдат дека ја „исклучуваат“ болката за време на периодот, меѓутоа, тоа не ги запира симптомите на ПМС. Во основа, ова значи дека милиони жени имаат мал избор, освен да се справат со грчевите, гадењето, повраќањето и депресијата секој месец, во поголемиот дел од нивниот живот.
Претходно во 2016 година Џон Гилебауд, професор по репродуктивно здравје на Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави дека менструалните болки може да бидат исто толку лоши колку и срцев удар, а смета дека се занемарени бидејќи мажите едноставно не сфаќаат.
Не е ни чудо што голем дел од женските астронаути одлучуваат да ги прескокнат нивните периоди додека се во вселената.
Ако може да се дознае повеќе за
биолошките фактори што придонесуваат за ПМС, можеби ќе има шанса да се развијат подобри третмани или барем да се идентификуваат оние со поголем ризик.