X
 17.04.2021 Наука

Како научниците го „најдоа“ Немо - најновиот вид пајак што танцува за да ги привлече женките

Во мочуриштето во близина на планината Гамбиер во Јужна Австралија, Шерил Холидеј, влезена во вода до глуждовите, фотографирала расцветани виолетови орхидеи. Само што Холидеј се подготвувала да ја направи фотографијата, здогледала нешто ситно како скока пред објективот.

Таа не знаела дека штотуку открила еден нов вид пајак-паун, австралиски пајаци што скокаат, а се познати по нивните живописни бои и интересни танци за парење.

- Веќе три години барам пајаци-пауни - вели Холидеј, службеник во „Нејчр Гленелг траст“ и научник. Но, овој пајак изгледал поинаку затоа што имал карактеристично портокалово-бели пруги на лицето.

Интригирана од изгледот на пајакот, таа ги споделила своите фотографии на фејсбук-страницата посветена на овие пајаци. Фотографиите му го привлекле вниманието на администраторот на страницата, Џозеф Шуберт. Холидеј му испратила живи примероци, па Шуберт и колегите го идентификувале пајакот како „Maratus nemo“, по Немо, рибата од цртаниот филм на „Дизни“.

pajak
„Maratus azureus“ /Фото: Facebook

Пајакот-паун Немо е најновиот од големиот број откриени пајаци. Од 15 пајаци откриени во 2011 година, сега бројот изнесува 92. Според Шуберт, откривањето на пајаците е благодарение на модерната фотографија денес, секој може да фотографира со паметен телефон и да ги постави фотографиите на социјалните мрежи.

Секако, помага и популарноста. Шармантниот танц за парење на овие пајаци со големина на зрно од ориз ги направил популарни. Но, тоа не значи дека се лесни за наоѓање затоа што поголемиот дел од годината пајакот-паун е кафеав. Само мажјаците добиваат впечатливи бои во пролет.

Кога Шуберт успеал да го охрабри Немо да танцува за женка во лабораторијата, се изненадил од она што го открил. Имено, овој пајак не го крева целосно стомакот како другите видови. Наместо тоа, мажјакот ја импресионира женката кревајќи го третиот сет на нозе и вибрирајќи со стомакот на земјата, создавајќи звук. Не е познато дали ова е заштитен знак на пајакот Немо.

Шуберт истакнува дека домот на Немо се мочуриштата, што е навистина чудно бидејќи повеќето други познати пајаци-пауни претпочитаат да живеат на суви места. Но, овие пајаци секогаш го изненадуваат Шуберт. Во 2020 година научници го пронашле видот „Maratus volpei“ кој живее во солено езеро.

- Научивме дека треба да бидеме поотворени кон живеалиштата каде што ги бараме овие пајаци - вели Шуберт.

Иако пајаците-пауни играат важна функција како предатори кои ги контролираат популациите на инсектите, сè уште има премногу малку информации за нивната улога во екосистемот и статусот на зачувување, вели Шуберт.

2
Фото: Facebook

- Пајаците-пауни се одлични затоа што го оспоруваат стереотипот за пајаците како големи, влакнести и опасни. Ова е одличен пример за луѓето да видат колку се интересни, разновидни и недоволно проучени - вели Мајкл Рикс, главен кустос за арахнологија и истражувач од австралискиот музеј во Квинсленд, Австралија.

Официјално се документирани околу 30 отсто од безрбетниците во Австралија, а можеби има уште 15.000 неидентификувани пајаци. Откривањето нови пајаци може да биде од голема корист за човештвото, без оглед дали тоа е контрола на земјоделските штетници или инспирира нови медицински третмани. Протеините од отровот на некои пајаци веќе се користат за развој на лекови против болка, како и третмани за епилепсија, мозочен удар и потенцијално некои видови  рак.



Во меѓувреме, паѓа популацијата на пајаците и инсектите низ светот. Во Австралија, пожарите и пестицидите можат да уништат цели видови пајаци пред да се откријат, предупредува Рикс.

- Во основа, не можеме да го зачуваме нашиот биодиверзитет за идните генерации ако не знаеме дека постои - вели тој.

Извор: Nationalgeographic.com
Фото: Facebook/Peacockspider
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука