X
 13.06.2021 Живот

Улици без паркирани автомобили и куќи без гаражи - план за нова населба во Германија

Во една типична приградска населба секоја куќа има патека и гаража за автомобил.
Но, новото предградие планирано надвор од Хамбург, Германија, ќе има сосема поинаков пристап: иако ќе може да се вози до дома, жителите нема да можат да паркираат пред својот дом. И повеќето луѓе веројатно ќе изберат воопшто да не возат.

- Не е населба без автомобили, туку е улица без паркинг. Значи, нема да има паркирани автомобили. Во суштина, рековме дека не сакаме автомобилите да го дефинираат начинот на кој изгледаат улиците. Сакаме да им оддадеме почит на пешаците и на јавниот простор, а не да биде натрупан со автомобили - изјави Дариус Резнек, партнер од „Карес ен Брендс“, холандска дизајнерска фирма што работи со данската фирма „Адепт“ на проектот.

1

Новата населба, која ќе има 7.000 домови и 5.000 канцелариски простори на она што моментално е земјоделско земјиште, се наоѓа до железничката станица, па за помалку од 15 минути со воз се стигнува до центарот на Хамбург. Во новата населба ќе има училишта, продавници и канцеларии до кои жителите ќе можат да пешачат или да возат велосипед. Низ соседството ќе има зелен парк.

2

- Улиците ќе бидат многу порекреативни и ќе се користат како заеднички простори, а не за паркирање автомобили - вели Мартин Лаурсен, партнер во „Адепт“.

За оние што ќе сакаат да возат, во околината ќе има гаражи за паркирање. Но, далечината до гаражите ќе биде доволно голема за во повеќето случаи да се избегне возењето.

- И покрај тоа што сте во предградие, ќе мора да пешачите 200 или 300 метри до вашиот автомобил. Значи, за секојдневните работи полесно ќе биде да пешачите или да возите автомобил.

4

Дизајнерите во моментов работат на главниот план за предградието, така што деталите за одделни згради сè уште не се конечни. Но, соседството ќе биде енергетски неутрално и кога ќе започне развојот за неколку години, зградите ќе ја користат најдобрата технологија што е достапна во тоа време. Бидејќи во областа често се случуваат поплави, дизајнерите работат со инженери за да планираат систем на канали, зелени покриви и други зелени површини што можат да апсорбираат вода за да ги заштитат зградите кога врне. Соседството ќе им понуди и земјоделски простор на жителите.

5

Се очекува развојот да почне во 2025 година, а првите куќи да бидат изградени набрзо потоа. Целиот проект би бил готов до 2040 година. До тој момент, сите што живеат во соседството може да возат електричен автомобил.

Како што велат дизајнерите, урбанистичкиот план е повеќе од намалување на емисиите на стакленички гасови, сака да покаже како јавниот простор на улиците може да се користи поинаку.

- Автомобилите не се нужно нешто лошо. Тие едноставнo го утврдија начинот на кој изгледаат нашите соседства, па ние сакавме да го промениме тоа - вели Резнек.

Извор: Fast Company
Фото:  Adept + Karres en Brands
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот