X
 25.02.2024 Живот

Првата американска населба каде што се забранети автомобили

Во срцето на жешката пустина во Темпи, Аризона, се наоѓа првата американска населба без автомобили. Всушност, тоа е нова населба наречена Кулдесак, оддалечена околу три километри од центарот на градот Темпи, каде што автомобилите се забранети.

Кулдесак е станбен проект од 170 милиони долари на американскиот бизнисмен Рајан Џонсон, кој сакал да создаде заедница која ќе се грижи за животната средина, ќе ги намали емисиите на јаглерод и ќе најде алтернативни средства за транспорт.

 
Заедницата е изградена во периодот од 2019 до 2023 година, а дизајнирана е по моделот на некои европски градови каде што сите значајни објекти се наоѓаат во непосредна близина и до нив може да се стигне пеш.

Наместо постојаната бучава од автомобилите, во Кулдесак се слуша „нежното брмчење“ на електричните велосипеди, кои се сметаат за единствено преферирано превозно средство. Покрај тоа, првите 200 жители на Кулдесак добија бесплатен е-велосипед од „Електрик ибајкс“ како подарок.

 
Нема гаражи и паркинг-места

Населбата зафаќа околу 6,5 хектари и моментално вклучува околу 600 апартмани, како и ресторани, кафулиња, фитнес-центар, па дури и кујна на отворено.

Бидејќи автомобилите се забранети, нема потреба од гаражи и паркинг-места – овој простор ќе се користи за содржини од заеднички интерес.

Во свет каде што луѓето се чувствуваат изолирани и отуѓени, Рајан Џонсон сака да го врати чувството на заедница на улиците на Кулдесак. Токму затоа идните жители се охрабруваат што повеќе да шетаат, да градат добрососедски односи и да се дружат.

 

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот