X
 13.06.2022 Живот

За појавата на миомите и третманите, објаснува д-р Јосиф Ѓорески

Доколку за време на менопаузата чувствувате чудна болка ниско во стомакот и невообичаено крвавење, време е да го посетите својот лекар.
Миомите претставуваат бенигни тумори на мускулниот слој на матката. Тие не се појавуваат пред пубертетот бидејќи најчесто се појавуваат во репродуктивниот период на жената. Растат под влијание на естрогенот чие ниво опаѓа за време на менопаузата.

Внимавајте на промените

Во однос на знаците кај пациентите со миом, најчесто се забележува неправилно зголемена матка, обилно крвавење, продолжена или болна менструација. Може да се јави чувство на притисок во долниот дел на стомакот или зачестена потреба од мокрење. Она што е важно е дека немањето на горенаведените симптоми не е гаранција за отсуството на миомот. Редовната посета на гинеколог има огромно значење за навремено откривање. Меѓу другото, неправилното и обилно крвавење ќе го намали нивото на железо во крвта и може да доведе до анемија.

Големината и локализацијата на миомот може да доведат до притисок на преостанатите органи, што би предизвикало пречки во работата на цревата. Може да доведе до тешкотии при мокрењето, хидронефроза, односно проширување на бубрезните чашки поради притискање на некој од мочоводите. Притисок може да настане и на некој од поголемите венски крвни садови во малата карлица – што би довело до венска стаза во долните екстремитети.
Покрај другите симптоми, неплодноста и спонтаните абортуси исто така може да претставуваат симптом при постоење на миоми; особено ако се лоцирани во грлото на матката, веднаш под лигавицата на матката; или на петелката, со што би правеле компресија на јајцеводите.

Која е причината?

Не е позната причината за појава на миомите. Иако нивната појава не е предизвикана од хормонот естроген, истиот тој хормон го поддржува нивниот раст бидејќи миомите имаат поголем број на естрегенски рецептори од преостанатиот слој на матката.

Како да знаете?

Миомите најчесто се дијагностицираат на општ гинеколошки преглед со помош на ултразвук. Покрај тоа, тие може да се детектираат и при преглед под спектрум, вагинален преглед или пак бимануелен преглед. Уште еден метод за дијагностика на миомите е МРИ – магнетна резонанса, RTG - рендген, HSG – хистеросалпингографија и HSC – хистероскопија.

За време на бременост

Бременоста на пациентките со миоми треба да биде следена од страна на матичниот гинеколог бидејќи миомите растат забрзано во вториот и третиот триместар на бременоста. Третирани со токолитична терапија, односно терапија за спречување контракции на матката, бремените жени потребно е да бидат внимателно третирани во породилиштата. Наглиот раст на миомот вон бременост може да асоцира на неговата малигнизација.

Вашиот доктор го знае соодветното решение

Во зависност од локализацијата и големината на миомот, третманот може да биде различен. Факторите што влијаат врз терапијата зависат и од возраста на пациентот, како и од симптоматологијата и причините.

Со хормонска терапија (медикаментозно) се третираат помалите миоми кај пациентите чија крвна слика има потреба од подобрување пред оперативен зафат, или пак кај пациентите каде што оперативниот третман е контраиндициран. Кога станува збор за оперативниот третман, најчесто тоа претставува отстранување на миомите со миомектомија. Доколку станува збор за пациент со завршена репродукција, истите може да бидат отстранети со хистеректомија по вагинален или абдоминален пат, додека во зависност од нивната локализација, некои миоми може да бидат отстранети со лапароскопија или хистероскопија.

Најновата метода која од неодамна стана достапна и во нашата држава и која се смета за доста ефикасна е – емболизација на миомот. Тоа претставува намерно затнување на крвниот сад кој го храни миомот, со што миомот се суши и се намалува. Емболизацијата е интервенција која се изведува со локална анестезија и се работи амбулантски.

Иако се бенигни тумори, миомите бараат точна дијагностика, евалуација и следење. Она што е важно да се знае е дека секоја непредвидена промена или раст на големината може да претставува малигна алтернација.

Природен начин со кој можете да го спречите растењето на миомот;
Иако појавата на миомите не може да се предвиди или спречи, еве неколку совети кои би имале позитивен ефект за репродуктивното здравје на жената;
• Јадете помалку месо, повеќе риба
• Брзата храна заменете ја со овошје и зеленчук
• Намалете го стресот и спијте повеќе
• Внимавајте на телесната тежина и прочистете го телото со детоксикација.

Автор: д-р Јосиф Ѓорески, спец. гинеколог – акушер
ЈЗУ УК за Гинекологија и акушерство

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот