X
 30.11.2021 Живот

Како да го намалиме кардиоваскуларниот ризик?

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност на човечката популација. Тие се одговорни за 31% од сите смртни случаи во светот. Дури 85% од овие смртни случаи се предизвикани од срцев и мозочен удар.

Поголемиот дел од луѓето не се свесни за личниот кардиоваскуларен ризик и за ризик-факторите што ги поседуваат. Познавањето на сопствените ризик-фактори и нивна корекција може значително да го подобри ризикот, да ја превенира или одложи појавата на болестите, да го подобри квалитетот на животот и да го продолжи животниот век.

Немодифицирачките ризик-фактори се оние на кои не може да се влијае и се одредени со возраста, полот и генетиката.

Возраста е фактор на ризик кој прогресивно доведува до зголемување на ризикот со секоја наредна година. Жените под 50 и мажите под 40 години најчесто имаат низок кардиоваскуларен ризик, но можат да имаат нерегулирани ризик-фактори кои понатаму во животот нагло можат да го зголемат нивниот ризик.
Иако жените вообичаено имаат пониска инциденца на кардиоваскуларни болести споредно со мажите, ризикот од овие болести кај нив е често пати потценет со ставот дека жените се „позаштитени“ од мажите во однос на кардиоваскуларните болести, што често пати неоправдано води до помалку агресивен третман кај жените. Сепак, постојат извесни разлики помеѓу мажите и жените во однос на ризик-факторите, клиничката манифестација, влијанието на хормоните и бременостите.

Генетиката или наследната склоност кон одредено заболување, исто така, треба добро да се анализира и почесто да се следат пациентите со појава на рани кардиоваскуларни настани во потесното семејство.
Модифицирачките ризик-фактори се оние на кои личноста може да влијае преку своето однесување и стил на живот.
Модифицирачки ризик-фактори се нездравата исхрана, физичката неактивност, зголемената телесна тежина, пушењето, стресот, кои понатаму доведуваат до покачен крвен притисок, покачени вредности на маснотиите во крвта и дијабетес.



Здравата балансирана исхрана е клучна во одржувањето здраво срце и здрав циркулаторен систем. Здравата исхрана треба да вклучува непроцесирана и свежа храна, како овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно), интегрални житарици, јаткасти плодови. Да се избегнува високопроцесирана храна со висока содржина на заситени масти, шеќери и сол. Да се внесува доволно течности. Лошата исхрана го зголемува кардиоваскуларниот ризик, води до обезност, дијабетес, хиперлипидемија и хипертензија. Високо се препорачува медитеранската диета и сродните типови исхрана.
Внесувањето алкохол треба да се ограничи на најмногу 100 грама неделно.

Редовната физичка активност може значително да го намали кардиоваскуларниот ризик. Возрасните лица треба да имаат најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно или 75 минути интензивна физичка активност неделно. Децата треба да имаат најмалку 60 минути умерена до интензивна физичка активност секојдневно. Физичката активност треба да биде составен дел на секојдневието. Таа, исто така, го намалува стресот и помага во одржување на нормалната телесна тежина.

Зголемената телесна тежина традиционално се проценува преку ИТМ - индекс на телесна маса или BMI - body mass index, а се пресметува како однос помеѓу тежината (во кг) поделено со квадратот на висината (во м²).
Смртноста од која било причина е најниска кога ИТМ е 20-25 кг/м². Зголемената телесна тежина е силно асоцирана со покачен крвен притисок, покачени маснотии и дијабетес.

Прекинот на пушењето може значително да го намали кардиоваскуларниот ризик земајќи предвид дека пушењето е еден од најмоќните фактори за појава на кардиоваскуларни болести. Пушењето цигари е одговорно за 50% од смртните случаи кај пушачите кои можат да се избегнат, а од кои половина се последица на атеросклеротски промени на крвните садови. Лице што пуши во текот на целиот живот просечно губи околу 10 години од животниот век. Кардиоваскуларниот ризик кај пушачите помлади од 50 години е пет пати повисок споредено се непушачите. Долготрајното пушење е поштетно кај женската, споредно со машката популација. Пасивното пушење, исто така, е поврзано со зголемен кардиоваскуларен ризик.

Покачениот крвен притисок, кога е недоволно регулиран, е силно поврзан со појавата на срцев и мозочен удар. Нерегулираниот крвен притисок е одговорен за околу 9,4 милиони смртни случаи годишно. Честопати тој не дава никакви симптоми и поради тоа е потребно негово редовно следење. Преваленцата на крвниот притисок расте со возраста и речиси четири од пет лица на возраст од 75 години имаат висок крвен притисок. Во случај на покачен крвен притисок, потребно е да се направат промени во стилот на живот, како и да се зема соодветна медикаментозна терапија со цел одржување нормални вредности на крвниот притисок.

Покачените вредности на холестеролот и триглицеридите во крвта значително го зголемуваат кардиоваскуларниот ризик. Затоа е потребно одржување на нормалните вредности на овие параметри во крвта преку здрава исхрана, физичка активност, а често пати е потребно и земање лекови за намалување на маснотиите во крвта.

Дијабетесот е нарушување на метаболизмот на шеќерот во организмот и значително ја зголемува појавата на болести на срцето и на крвните садови. Дијабетесот го зголемува ризикот за појава на атеросклеротска кардиоваскуларна болест околу два пати, зависно од популацијата и успешноста во контролата. Здравата исхрана, физичката активност и придржувањето кон редовната терапија може значително да помогнат во гликорегулацијата.

Потребно е лекарот да му помогне на пациентот прво да ги препознае своите ризик-фактори, да ги знае своите ,,бројки“, за вредностите на крвниот притисок, маснотиите и шеќерот во крвта. Понатаму да му го објасни нивното влијание врз неговото кардиоваскуларно и целосно здравје. Да му посочи колку е голема неговата улога во нивно контролирање преку правилен избор на намирници во исхраната, одржување физички активен начин на живот, одржување оптимална телесна тежина.

Клучни се редовните лекарски контроли и принципиелно придржување кон препорачаната терапија со цел подобро здравје и подолг живот.
Кардиоваскуларната превенција бара интердисциплинарен пристап помеѓу матичниот лекар и специјалисти од неколку области и тесна соработка помеѓу пациентот, семејството, лекарот и социјалната средина.


Автор: д-р Билјана Шишкова, ПЗУ Кардиомедика-Србиновски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот