Мартина Баракоска од Скопје е 26-годишна тапанарка која го урна стереотипот дека тапаните се инструмент на кој свират само музичари од посилниот пол.
Поради желбата да го пренесе знаењето, Мартина отвори свое училиште за тапани и предава на луѓе од сите возрасти. Неодамна за своите 16 ученици одржа концерт – “Student Drum Show” во соработка со ДоРеМи.
Мартина почнала да свири на 13-годишна возраст, а веќе на 17 години добива награда за најдобар тапанар на фестивалот “T’k Таk”. Доста е активна на музичката сцена, а во моментов свири и турира со „Funk Shui“. Соработувала и со Дупер, MPNG (Германија), Efterklang (Данска), Љубојна, Пијан Славеј, Дина Јашари, Владимир Четкар и други.
Во 2021 година го објави својот прв соло албум “Weird Fishes” и го одржа својот прв солистички концерт на фестивалот „Прво па женско” во МКЦ. Во 2022 година го објави и вториот соло албум “Sunrise”, а исто така беше и судија на добро познатиот натпревар “Hit Like A Girl”. Во 2023 година беше дел од документарниот проект на Yamaha “Way Up House”, кој беше снимен во Португалија, во соработка со музичари од Англија и од Америка.
Мартина е артист на реномираните брендови „Meinl Cymbals“, „Yamaha Drums“, „Promark Drumsticks“, „Evans Drumheads“ и „Shure Microphones“.
Главна цел на Мартина во моментот е да остави свој печат и да ги охрабри луѓето околу себе да го прават тоа што го сакаат, без разлика на стереотипите.
Што почувствува кога првпат седна да свириш на тапани?
- Искрена возбуда за тоа што конечно седнувам на инструментот, кога претходно со месеци тропав со пенкалца и палки во воздух додека слушав музика.
Како и каде почна да свириш? Кои тапани ти беа најдраги, електрични или акустични или, пак, оние што сама си ги купи?
- Почнав да свирам на часови кај мојот прв учител Иво Митковски. Таму одев цело средно, а покрај тоа имав средношколски бенд и едно од омилените места ми беше вежбалницата во „Никола Карев“. Благодарение на Емилија Ристановска, имав каде да вежбам првите месеци кога почнував да свирам. Омилени тапани ми се сите на кои седнувам во моментот. Искрено, можеби првите што си ги купив на ново – „Yamaha Stage Custom Hip“ во бојата „Surf Green“. Прекрасен сет на тапани што ми донесе преубави работи.
Не изгледа едноставно да се движат сите екстремитети со таква леснотија и координација. Што е потребно за свирење на тапани?
- За свирење на тапани (а и на секој инструмент) е потребна идеја, но еднакво е важно и вежбањето. За тапаните треба доста фокус и кондиција, така што важно е да се одвои време секој ден за свирење и вежбање.
Претпоставувам дека доби силна поддршка од родителите, но какви беа реакциите од јавноста, пријателите, другарите?
- Безусловна поддршка од моите, за што сум им многу благодарна. Сум имала и имам многу среќа да бидам опкружена со луѓе кои ме поддржуваат. И да имало негативни реакции, тоа било незначително во споредба со поддршката што ја добивав.
Што им паѓа на ум на луѓето кога ќе видат жена на тапани?
- Мислам дека веќе и не е толку чудно како порано, повеќето го сметаат за мотивирачко, особено жени и девојчиња. Од негативните коментари би ги издвоила дека не би имала доволно сила за да свирам (напротив, треба техника) или дека треба да свирам на поелегантен инструмент.
Имаш и школа за тапани, колку девојки ти доаѓаат на часови и која е најсилната порака што им ја испраќаш?
- Да, имам школа за тапани и таму имам 13 девојчиња и 4 машки. Најсилната порака е кога ќе се видат во колкав број се. Растат и се во околина каде што тоа не е чудно. Мислам дека тоа многу ги охрабрува. Гледам да не ги делам и силно верувам во тоа дека не треба да има поделба на машки и женски. Како што споменав, најважна е идејата и колку време ќе поминеш со инструментот.
Дали твојата работа придонесе да се разбијат некои од стереотипите во општеството?
- Сигурна сум дека разбива, но мислам дека имаме уште работа, јас и моите ученички :)
Дали сметаш дека со музиката ги зближуваш различностите, без разлика дали се социјални, родови, етнички?
- Дефинитивно, преку музиката - со акциите.
Дали може да се живее само од музика кај нас?
- Може, а за тоа треба добра организација на времето, дисциплина и добра организација за да ги постигнам сите проекти на кои работам.
Фотографии: Стефан Трпевски, Наташа Величковска, Приштина драм фестивал, Јамаха Волт
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.