Алберт Ајнштајн, еден од најголемите умови во историјата на светот, е роден во Улм, Германија, на 14 март 1879 година.
Револуционерни научни идеи го направиле Ајншајн синоним за гениј, но исто така бил познат и по своите пацифистички ставови, како и по поддршката што им ја давал на движењата за човекови права. Еве уште неколку интересни детали од животот на познатиот научник.
Ајнштајн немал единица по математика како дете
Учениците низ светот што мака мачат со математиката честопати се тешат со тврдењето дека и Алберт Ајнштајн бил лош математичар, што се покажало како неточно затоа што податоците всушност покажуваат дека бил извонреден ученик. Во текот на своето школување во Минхен, Алберт имал високи оценки, но бил фрустриран, како што самиот велел, од механичката дисциплина на која инсистирале неговите професори. Идниот нобеловец го напуштил училиштето иако бил меѓу најдобрите во класот, па дури и го сметале за гениј поради начинот на кој ги разбирал сложените математички и научни концепти. Кога подоцна се појавил новинарски напис во кој се тврдело дека паднал на испитот по математика, Ајнштајн го отфрлил тоа како комплетна невистина и изјавил дека диференцијалната и интегралната математика ги совладал пред да неполни 15 години.
Никој не знае што се случило со неговото прво дете
Во 1896 година Ајнштајн се откажал од своето германско државјанство и се запишал на швајцарското Сојузно политехничко училиште во Цирих, каде што ја запознал српската научничка Милева Мариќ и почнал страсна врска со неа. По дипломирањето тие се венчале и добиле два сина, но една година пред бракот Милева родила ќерка, која ја нарекле Лисл. Ајнштајн никогаш не го споменал ова дете, и биографите не знаеле дека постоело сè додека неговите приватни документи не биле дадени на испитување во 80-тите години од 20 век. Судбината на ова дете и денес е мистерија, а постојат различни поделени мислења: некои веруваат дека починала од заразната болест шарлах во 1903 година, додека други сметаат дека ја преживеала болеста и била дадена на посвојување некаде во Србија.
Ја понудил својата Нобелова награда како бракоразводна спогодба
Откако бракот на Милева и Алберт се соочил со тешкотии во втората деценија од 20 век, славниот физичар го напуштил семејството, се преселил во Берлин и почнал љубовна врска со својата роднина Елза. Бракот меѓу познатите научници конечно бил разведен во 1919 година, а Ајнштајн како спогодба на Милева ѝ ја понудил својата годишна стипендија, како и парите од Нобеловата награда, која со сигурност очекувал да ја добие. Милева ја прифатила понудата, а тој подоцна ѝ предал вистинско мало богатство откако ја добил Нобеловата награда за физика во 1922 година, за својата работа на фитоелектричниот ефект. Во тоа време веќе бил оженет со Елза, со која останал во брак сè до нејзината смрт во 1936 година.
Затемнувањето на Сонцето му донело светска слава
Во 1915 година Ајнштајн ја објавил својата теорија за релативиноста во која тврдел дека гравитациските полиња предизвикуваат нарушувања во ткивата на просторот и времето. Бидејќи ова на јавноста ѝ звучело како слепо прекројување на законите на физиката, теоријата останала контроверзна сè до мај 1919 година, кога целосното затемнување на Сонцето му обезбедило соодветни услови за тестирање на неговото тврдење дека супермасивниот објект, во случајот Сонцето, може да предизвика мерлива крива во движењето на ѕвездите што гравитирале околу него. Со надеж дека еднаш засекогаш ќе ја докаже теоријата на Ајнштајн, англискиот научник Артур Едингтон отпатувал до брегот на Западна Африка за да го фотографира затемнувањето. Со анализата на фотографиите тој дошол до заклучок дека гравитацијата на Сонцето го поместила светлосниот зрак токму колку што предвидувала теоријата на општата релативност. Оваа вест го прославила Ајнштајн речиси преку ноќ. Новинарите почнале да го прогласуваат за наследник на Исак Њутон, а тој патувал по целиот свет за да држи предавања за своите теории за вселената. Според неговиот биограф Валтер Ајзаксон, во наредните 6 години по затемнувањето на Сонцето, во 1919, биле издадени повеќе од 600 книги и написи за теоријата на релативноста.
ФБИ со години го шпионирало Ајнштајн
Непосредно пред доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година, Ајнштајн ја напуштил Германија и се преселил во САД каде што добил позиција на Институтот за напредни студии во Принстон. Неговата поддршка на пацифистите, граѓанските права и левичарските движења веднаш предизвикала сомнеж кај Федералното истражно биро (ФБИ), а по доаѓањето на американска територија, бирото покренало постапка што набрзо се претворила во целодневен надзор во текот на следните 22 години. Агентите му ги прислушувале телефонските разговори, му ја отворале поштата, копале по кантите за ѓубре со надеж дека ќе го разоткријат како субверзивен елемент или советски шпион. ФБИ сепак останало со кратки ракави, но кога Алберт починал, неговото досие веќе имало неверојатни 1.800 страници.
Добил понуда да стане претседател на Израел
Иако не бил особено религиозен, Ајнштајн чувствувал длабока врска со своето еврејско наследство и често говорел против антисемитизмот. По смртта на првиот претседател на Израел, Хаим Вајцман, во 1952 година, владата на оваа земја му го понудила претседателското место на познатиот научник. Ајнштајн ја одбил оваа понуда, а во писмото до израелскиот амбасадор навел дека цел живот се занимавал со објективни работи, па затоа му недостигале способност и искуство правилно да постапува со луѓе и да извршува таква функција.
По смртта му го украле мозокот
Алберт Ајнштајн починал во април 1955 година од аневризма на стомачната аорта. Тој оставил завет по својата смрт да биде кремиран, но патологот од Принстон, Томас Харви, при аутопсијата го извадил мозокот на научникот и го сочувал со надеж дека ќе ги открие тајните на овој гениј. Откако добил одобрување од синот на Ајнштајн, Харви го исекол мозокот на неколку дела и им ги испратил на разни научници од светот за испитување. Од 1980 година биле спроведени неколку студии во врска со мозокот на Ајнштајн, но сите биле дискредитирани. Можеби најпознатата од нив била онаа што ја објавиле експертите од канадскиот универзитет во 1999 година, во која се тврдело дека Ајнштајн имал необични набори на париеталната регија, дел од мозокот кој е поврзан со математички и просторни способности.