Крвната одмазда во Албанија не е омилена тема меѓу луѓето - но сепак таа се'уште постои. Ова е приказна за една наставничка која ги посетува децата кои живеат во изолација поради стравот од одмазда.
Лилиана Луани е на пат: еден час возење со автомобил, 45 минути со чамец и уште половина час пешки. Оваа наставничка треба да го помине овој пат за да дојде до северноалбанскиот Мазрек - и тоа три пати неделно. Покрај тоа, таа за време на викенд оди во посета на села кои имаат потежок пристап, посетувајќи ги децата со цел да учати и да пишуваат - и сето ова без плата. Овие деца не одат на училиште бидејќи нивните семејства живеат повлечено поради стравот од крвната одмазда. Учебниците се набавуваат со помош на донации, а на децата им предава според планот кој сама го направила. Им дава домашни задачи кои ги прегледува кога ќе дојде следниот пат.
За оваа тема во Албанија не се зборува. За граѓаните срамно е тоа што оваа појава од дамнешните времиња постои се'уште. Со векови „Канун“, албанското обичајно право, го регулирало животот на племињата на северот на Албанија. Според ова право, семејството чиј член е убиен се одмаздува такашто го убива семејството на убиецот. Глава за глава. Од крвната одмазда ослободени се жените и децата до 16 години.
Денес, „Канун“ е само изговор - да се оправда непочитувањето на државата и законот. Законодавецот казната за убиство поради крвна одмазда повторно ја зголеми на 30 години затвор или доживотен затвор, но Албанија се оправдува дека понекогаш луѓето правдата ја земаат во свои раце. Многу воопшто не се осудуваат да поднесат кривична пријава против некој од противничкото семејство, поради смртните закани. Ова го покажува недостатокот на доверба во судството.
Живот во изолација
Албанскиот народен правобранител Игли Тотозани во својот најнов извештај ја обвинува државата поради рамнодушноста кон овој проблем. „Државните институции не се занимаваат сериозно со крвната одмазда. Не постојат точни полициски податоци за бројот на убиените поради крвна одмазда или бројот на изолирани семејства“. Спроед наводите на албанскиор одбор за национално помирување, во 2013 година скоро 1.000 деца живееле во изолација, а сега наводно ги има само 40.
Наставничката Лилиана не верува на овие бројки. „Јас го знам бројот на децата на кои им предавам“. Од искуство знае дека овие деца подоцна нема да знаат да читаат ниту да пишуваат. Тие патат поради изолација, сонуваат за светот и постојано се обидуваат да побегнат. Некои деца живеат во виртуелен живот преку Фејсбук или други социјални мрежи. „Колку и да е напорна работата, се радувам кога можам да ги видам овие деца и среќата во нивните очи кога ќе дојдам. Тие ми ги раскажуваат нивните тајни и нивните соништа“, вели наставничката.
Повеќе од обична настава
Кога семејството живее во крвна одмазда, децата можат слободно да се движат само ако од противничката страна имаат ветување за мир. Ако го немаат ова ветување, тие со години живеат во изолација, не одат на училиште. „Особено машките не сакаат да седат дома и тогаш доаѓа до поголема опасност. Знам ваков случај. Еден 16 годишен мој ученик постојано ми велеше дека не сака да седи дома. И бегаш од дома. Еден ден, некој од противничкото семејство го уби со пиштол на сред улица. Ова момче никогаш нема да го заборавам“, вели наставничката.
Таа знае дека кога ќе ја отвори вратата на едно семејство кое живее во изолација, повеќе не е само наставничка. Бидејќи, овие семејства, не само што имаат огромен страв, туку живеат и во огромна сиромаштија. „Некогаш организирам лекарска помош. Овие семејства се препуштени сами на себе. Голем број деца растат со психологијата за одмазда и од нив се очекува да извршат крвна одмазда. Да им се каже дека тоа е злочин е доста тешко. Јас се обидувам да ги научам на толеранција и помирување но не секогаш успева. Влијанието на семејството е доста големо.
Извор: DW
Автор: Линдита Арапи Болц