X
 02.06.2017 Образование

Јунска испитна сесија анте портас

„Hannibal ante portas“ – „Ханибал пред портите“ извикале вознемирено сенаторите во Рим, пред повеќе од 2000 години, соочени со реалната и застрашувачка опасност дека војсководецот Ханибал од Картагина може да го освои Рим. Додуша тој тоа и го сторил и владеел со Италија наредните 15 години. Историјата говори дека Римската империја во меѓувреме се консолидирала и го приморала Ханибал да се врати во Северна Африка каде што бил целосно поразен од Римскиот генерал Спицио.

Значењето на оваа латинска изрека е „Настапи опасност“. Јунската испитна сесија е пред врата.


Нема студент кој не го доживува на своја кожа значењето на оваа латинска изрека. Модерното име е стрес. Тој се манифестира со многу симптоми – физички, емоционални, когнитивни, бихејвиорални. Секој ќе ги препознае следните: загриженост, вознемиреност до појава на паника, иритабилност, избувливост, намален/или зголемен апетит, несоница, променливо расположение, проблеми со стомакот, непроспиени ноќи, многу планови, многу калкулации со време, со бодови, со можноси како да се добие битката со професорите, со материјалот, со прашањата, со желбите, со очекувањата, со плановите за летото… Но, во спектарот на симптоми на стресот од испитна сесија влегуваат и парализирачка вознемиреност, безиницијативност, безволност, немањето мотив да се седне да се учи, почнување на некои други активности и проекти баш сега, лажен оптимизам, голема поспаност, барање на секакви оправдувања за прогнозираниот неуспех…. Калабалак.

Еве неколку идеи како да се преживее Ханибал од јунската сесија:

1.    НАПРАВЕТЕ СПИСОК НА ИСПИТИТЕ ШТО ПЛАНИРАТЕ ДА ГИ ПОЛАГАТЕ

Списокот треба да биде заснован на реална проценка на материјалот што треба да се научи, на вашите капацитети за учење, на вашиот најефикасен начин на учење и на времето кое што е на располагање.
Добро е да се консултирате со колегите за начините како полесно и како поефикасно да ги положите испитите, но не заборавајте секој од нас е посебен. Она што функционира кај другите може да не функционира кај нас. А сега не е време за експериментирање. Држете се до проверените начини на работа кои што во минатото се покажале како успешни.

2.    НАПРАВЕТЕ ПЛАН НА УЧЕЊЕ И ДРЖЕТЕ СЕ ДО НЕГО

Поделете го материјалот и до крајот на денот тој план исполнете го. Колку помалку се држите до планот, толку потешко ќе го надокнадите тоа што не сте го завршиле претходниот ден. Убаво е да се има партнер за учење со кој ќе се проверува темпото на совладување на материјалот.

3.    РАЗМИСЛУВАЈТЕ ПОЗИТИВНО
Позитивното размислување ја растоварува анксиозноста пред испит и ни овозможува подобро да помниме, побрзо да учиме и да го исполниме претходно зацртаниот план. Размислите од типот „леле што ќе правам ако не ги положам испитите во јунска сесија“ не помагаат. Тие одмагаат – го одвлекуваат вниманието од материјалот и ве вовлекуваат во магичен круг кој секогаш завршува со напад на паника и/или со откажување од учењето.

4.    ДРУЖЕТЕ СЕ, НО НЕ СЕ СПОРЕДУВАЈТЕ СО КОЛЕГИТЕ
Секој човек има свој ритам. Споредбата е добра за да мотивира (кога може таа/тој-можам и јас), но е многу непродуктивна ако се сведе на погрешниот заклучок дека другите се попаметни и поуспешни од вас.

5.    ИСКЛУЧЕТЕ ГО МОБИЛНИОТ ДОДЕКА УЧИТЕ
Создадете атмосфера за учење, без извори кои ќе ви го одвлекуваат вниманието. Ништо нема да пропуштите ако неколку часа сте недостапни за околината. Учењето во читална е добар избор за тоа.

6.    ПРАКТИКУВАЈТЕ ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ
Обврзно имајте физичка активност во паузите на учењето. Излезете на свеж воздух (велосипед, теретана, трчање, или барем одење во продавница по овошје и пијалок). Самите ќе го почувствувате ефектот.

7.    УЧЕТЕ ЗА ДА НАУЧИТЕ И ГО ПОЛОЖИТЕ ИСПИТОТ, А НЕ ЗА ОЦЕНКА ИЛИ БОДОВИ
Колку помалку се оптоварувате со калкулации со бодови, оценки, просек, одобрување и награди од родителите за високиот просек или пак претпоставено разочарување на родителите од пониска оценка, или не дај Боже паднат испит, потенцијални можности за вработување после пет, четири или три години, избор на специјализација, споредба со колеги и слично, толку полесно ќе учите и толку полесно ќе добивате подобри оценки. Проверено и докажано од генерации студенти. Вие учите за себе, студирате за себе, ќе работите за себе.

8.     НЕ ДОПУШТАЈТЕ ГОДИНИТЕ НА СТУДИРАЊЕ ДА ВЕ ОБЕСХРАБРАТ
Еден од најсилните извори на стрес за студентите и нивните семејства е можноста за губење година и/или изгубената година. Генерално во нашата средина тоа се доживува како страшен неуспех, доказ дека не вредиме, дека сите (и родителите и детето) сме потфрлиле, дека не сме се труделе доволно, дека сме ги изневериле очекувањата свои и на родителите. Ова е погрешно верување кое создава големи товари и препреки за разрешување на состојбата.


Факултетите може да бидат е тешки и напорни. Презапишувањето на испити дава можност во таа година да поработиме на себе и на односот со тие чии очекувања веруваме дека сме ги изневериле, да видиме каде сме запреле, да се потрудиме тоа да го исправиме. Не заборавајте дека сеуште созревате, некој побрзо, некој побавно, некој поповршно, некој подлабоко. Тука нема упросечување, прескокнување скалила, а особено нема глума и лажирање.

Сетете се – Римјаните на крајот го поразиле Ханибал!
Со среќа и успех во јунската сесија,

Советувалиште за студенти по медицина
Медицински факултет – Скопје
www.szspm.wordpress.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование