X
 04.05.2017 Образование

Нема економски развој без подобри компетенции на учениците

Резултатите од ПИСА тестирањето не треба да се занемаруваат. Имајќи предвид дека Владата решила дека Македонија треба да учествува во вакво тестирање, претпоставувам дека ја проценила важноста од истото за креирање на идните образовни политики. Голем број држави ги користат податоците од меѓународните тестирања, понекогаш во комбинација со националните тестирања, за да го проценат успехот на образовниот систем, но и да испланираат идни политики.



Не може да очекуваме економски развој на државата без подобрување на компетенциите на учениците - смета Ана Мицковска Ралева, аналитичар за образовни политики во Центарот за истражувања и креирање политики од Скопје. На последните податоци од меѓународното тестирање ПИСА, Македонија е рангирана меѓу последните земји според постигањата на ученици на 15-годишна возраст по јазична писменост, математика и природни науки. Резултатите за 2015 година покажаа дека позади нас се само Косово, Алжир и Доминиканската Република.

И Светска Банка објави дека нашите 15 годишници или поточно две третини од нив се фунционално неписмени. Функционалната неписменост подразбира дека лицето умее да чита, пишува и зборува со ограничени и основни вештини и дека нема основно познавање на работење на компјутер, како и разговорно познавање на некој од светските јазици. Според аналитичарите, ова не смее да се остави вака и надлежните институции мора да направат анализи зошто се случува ова и како може да се поправиме.

- Резултатите од ПИСА тестирањето не треба да се занемаруваат. Имајќи предвид дека Владата решила дека Македонија треба да учествува во вакво тестирање, претпоставувам дека ја проценила важноста од истото за креирање на идните образовни политики. Голем број држави ги користат податоците од меѓународните тестирања, понекогаш во комбинација со националните тестирања, за да го проценат успехот на образовниот систем, но и да испланираат идни политики, со цел да се надминат детектираните недостатоци - вели Мицковска Ралева.

Според неа овие податоци нудат голем број можности за анализа, вклучително кои компетенции се недоволно развиени кај учениците, кои категории на ученици се со послаби компетенции, итн. Затоа врз основа на анализата (на овие и други достапни податоци) би требало да ги формулираме идните образовни политики за тоа што треба да развиваме кај нашите ученици и на кој начин да го правиме тоа.

- Во спротивно, ризикуваме да „гаѓаме во празно“ и да воведуваме реформи кои ни изгледаат дека се соодветни, но немаме докази за истото. Не може со сигурност да се предвиди во која насока ќе се движат постигањата на учениците, но постои ризик да назадуваат или стагнираат доколку не се превземат конкретни чекори за надминување на детектираните недостатоци. Дополнително, имајќи предвид дека бројни истражувања укажуваат на врската помеѓу образовните постигања и економскиот развој, не можеме да очекуваме економски развој без подобрување на компетенциите на учениците - вели Мицковска Ралева.

Кој е виновен за ваквата состојба, дали образовниот систем, честите реформи кои се воведуваат без темелни подготовки, наставните програми, учебниците, наставниот кадар, родителите или учениците? „Сите по малку“, ни одговара наставничката Марија С. која предава во скопско основно училиште.

Најмногу се разбира надлежните институции, МОН и Владата кои се одговорни за тоа каков образовен систем создаваме. Крајно време е сериозно да се анализира нашиот образовен систем, да видиме каде грешиме, какво ни е потребно за генерациите што доаѓаат. Знаењето на младите мора да биде темелно и функционално. Постигањата на учениците се сè помали, знаат сè помалку и тоа е факт, но ние мора да видиме од каде доаѓа сето тоа - вели наставничката Марија.
Подготвил: М.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование