X
 12.05.2023 Наша тема

Генерацијата на онлајн настава, бомби, професорски штрајкови и пропуштени екскурзии стигна до матура, а сега таа виси. Дали возрасните ќе им ја расипат иднината?

Ние сме генерација која ќе биде запаметена по тоа што голем дел од средношколските денови ги поминавме дома, погодени од ковид-пандемијата, експериментална генерација на која се учеа како се организира онлајн настава, на која ѝ велеа денес сте во училиште, утре сте на настава од дома, која мораше да ги напушта просториите на училиштето поради дојава за поставена бомба, за која немаше време да ѝ се организира средношколска екскурзија и која губеше настава поради штрајкови за повисоки плати на професорите... вели еден загрижен матурант

Државниот испитен центар го продолжува штрајкот. Се надеваат дека пролонгирањето на државната матура нема да биде големо и дека нема да им наштетат на матурантите. Во меѓувреме, матурантите, особено оние што сакаат да се запишат во странство, се во неизвесност дали ќе им се остварат плановите.

Доста се сопки

- Како матурант кој има желба и намера да студира на некој од универзитетите во странство, конкретно во Словенија, веќе презедов чекори благовремено да ги запазам роковите за апликација поради големата конкуренција. Уредно аплицирав онлајн, и тоа првично само со заверен документ за идентификација. Апликацијата ми овозможува резервирано место за пријавување за упис на посакуваниот факултет, под услов НАВРЕМЕНО испраќање на потребните документи и најдоцна до 31.7.2023 година, доколку истите ги доставам во оригинал, преведени и заверени. Последните случувања во врска со државната матура, за која има најави дека ќе се пролонгира, ми создаваат немир дека нема да успеам да ги запазам роковите за упис на посакуваниот факултет, и тоа не по моја вина. Бидејќи неофицијално нашата училишна година е завршена, веќе сите сме насочени кон спремање на наставните предмети кои се дел од училишната и државната матура. Наместо целото внимание да го насочиме кон тие подготовки, кои бараат и време и концентрација, ние секојдневно сме под стрес дали воопшто ќе успееме да ги запазиме роковите - споделува матурант кој сака да се запише на факултет во Словенија.



Додава дека ништо не можат да направат освен посветено да продолжат со своите подготовки и да се надеваат дека оваа некоректна игра на возрасните нема да им влијае врз иднината.

- Ние сме генерација која ќе биде запаметена по тоа што голем дел од средношколските денови ги поминавме дома, погодени од ковид-пандемијата, експериментална генерација на која се учеа како се организира онлајн настава, на која ѝ велеа денес сте во училиште, утре сте на настава од дома, која мораше да ги напушта просториите на училиштето поради дојава за поставена бомба, за која немаше време да ѝ се организира средношколска екскурзија и која губеше настава поради штрајкови за повисоки плати на професорите, прва генерација на дуално образование и што уште не... И кога помисливме добро е, дотуркавме до крајот, еве повторно сопки. Јас се надевам, како и моите соученици и сите од генерацијата 2019/2023, дека Државниот испитен центар и Министерството за образование ќе седнат и со ладни глави ќе се договорат, и дека нема да ни ја одземат и последната надеж дека успешно ќе го завршиме нашиот средношколски образовен циклус - додава нашиот соговорник.

Можни се последици и врз матурантите и врз училиштата

- На сите што аплициравме во првиот круг за уписи на факултетите надвор од Македонија со намера навреме да си обезбедиме место, не ни останува ништо друго освен да побараме слободни места на посакуваните факултети во наредните уписни рокови за да не бидеме колатерална штета на еден систем кој секојдневно се покажува како послаб и понеефикасен. Ако пандемијата ни ги одзеде најубавите средношколски денови, нека не ни ја одземаат надежта дека по секое лошо доаѓа добро, мирни студентските денови, барем на почеток. А знаеме дека секој почеток е тежок на свој начин, нека не ни го прават потежок - вели матурантот.

Со штрајкот можни се последици и врз матурантите и врз училиштата, вели Митко Димовски, директор на СУГС „Орце Николов“.


Митко Димовски

- Испитите за државната матура се закажани за 27.5.2023 и 10.6.2023 година. Доколку се пролонгира полагањето за првиот испит, тоа значи дека првиот нареден термин би бил 3.6.2023 година, па така ќе имаат една недела простор од испит до испит, но ако се поместат двата термини и не се изнајде решение во овој период, тогаш веќе се поклопува со интерните испити за матурантите во матичните училишта кои треба да се реализираат од 13 до 30.6.2023, како и со уписите во средните училишта, кои се предвидени за 20 и 21 јуни. Сето ова ќе резултира и со доцна информација за резултатите од државната матура, со што ќе им создадат големи главоболки на оние ученици што планираат да конкурираат на универзитетите во странство - посочува Димовски.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема