X
 10.08.2020 Образование

Како ќе почне учебната година? Ова се правилата на МОН, се чека мислење од Комисијата за заразни болести и ЗЕЛС

Проблем е што имаме многу општини со блокирани сметки и со многу долгови. Прашање е како тие училишта би обезбедиле сапуни и средства за хигиена кои ќе бидат неопходни, а мора да се реши и училишниот превоз, уредите за следење настава...

Комисијата за заштита од заразни болести денеска ги разгледуваше моделите и протоколите што треба да почнат да важат во училиштата во земјава од 1 септември, за учениците и вработените да бидат заштитени од Ковид-19. Откако Комисијата ќе даде свое мислење до Кризниот штаб, тој дава препораки до Владата, која ќе донесе крајна одлука за тоа како да работат училиштата во новата учебна година, објаснуваат од Министерството за образование и наука.

Елизабета Наумовска, заменик-министер за образование и наука, за „Факултети.мк“ вели дека Министерството нуди опција наставата да почне со физичко присуство, опција наставата да биде комбинирана во мали групи (половина паралелка да следи настава со физичко присуство, а другата половина онлајн, па да се менуваат) и третата варијанта е комплетно учење на далечина.



Училишта со долгови, проблем со средства за хигиена...


- Утре и ЗЕЛС (Заедница на единиците на локалната самоуправа) ќе треба да даде свое мислење, со оглед на фактот дека најголемиот товар околу организацијата на сите активности ќе падне на општините и на училиштата. Тие треба да кажат кој модел каде би можел да се примени и организира. Не се исти скопските училишта, односно градските со руралните училишта. Од друга страна, проблем е што имаме многу општини со блокирани сметки и со многу долгови. Прашање е како тие училишта би обезбедиле сапуни и средства за хигиена кои ќе бидат неопходни. Ќе се организира поинаку и превозот за ученици. Превозникот ќе мора да ги почитува општите протоколи за намален број ученици во комбе, а тоа значи дополнителен трошок бидејќи ќе треба да обезбедат уште еден автобус или комбе за да може да се превезат безбедно сите деца. Во Скопје, ЈСП ќе треба да пушти повеќе автобуси во периодите кога има зголемена фреквенција на патници - информира Наумовска.

Државата не може да создаде идеален систем, но таа уверува дека се прави сè за да се обезбеди заштита и безбедност на учениците.

Што со учениците што немаат уреди?


Се планира кога ќе бидат во училиште, наставниците да користат училишни компјутери, кои ќе бидат наместени во секоја училница.



- Генерално сите училишта имаат кабинети по информатика. Компјутерите оттаму може да се распоредат во училниците. Ако фалат некаде, може да се набават. Ако има проблеми со интернет, бидејќи има региони и училишта што немаат интернет, тогаш може со УСБ-стикчиња да се користи интернет. Децата што немаат уреди најверојатно ќе посетуваат настава со физичко присуство, нема од дома да работат, туку ќе одат цело време на училиште. Има и ученици што се хронично болни, па тие треба од дома да ја следат наставата - вели Наумовска.

Таа информира дека преку донација обезбедиле таблети во сите општини за учениците од социјално ранливи категории граѓани. Но, добила информација дека подоцна многумина ги продале уредите затоа што им требале пари за егзистенција.

- Се размислува за опцијата повторно да се набават такви уреди, па да им се дадат на семејствата на реверс. Но тоа не би успеале да го направиме пред 1 септември, бидејќи треба пак да се скенира состојбата, да се види колку дечиња се од оваа категорија граѓани. Да се види и колку пари би чинело тоа. Ако уредите ги набавува МОН, односно Владата, тоа е долга процедура, која би траела со месеци. Ги повикувам и општествено одговорните организации и фирми од приватниот и државниот сектор да излезат во пресрет со обезбедување компјутери и интернет, за таму каде што ќе има потреба - апелира Наумовска.

Се кршат копја околу времетраењето на часот

Бирото за развој на образованието е на став дека еден наставен час треба да трае 40 минути, а јас лично сметам дека треба да се скратени часовите, вели заменик-министерка.

- Во законите е дефинирано дека 40 минути трае час во основно, односно 45 во средно образование. Останува во овие два дена да се прецизира тоа прашање, а за него треба да се изјасни и Комисијата. Законот вели да не се скратени, но јас мислам дека  наставникот нема да издржи со маска седум часа по 45 минути, а камоли дете - смета Наумовска.

Кој ќе ги чува децата ако часовите се скратени?

Кој ќе ги чува децата ако наставата е скратена, е прашање кое со право многумина родители го поставуваат деновиве на социјалните мрежи. Наумовска вели дека ниедна држава немала толку многу пари за да ги плаќа сите родители за седење дома.

- Имаше одлука родител на дете до 10 години да може да биде дома. Неизвесно е дали ова ќе продолжи да важи, ќе се знае деновиве. Јас разбирам дека родителите мора да се вратат на работа и дека нема да има кој да им ги чува децата. Ќе се знае и тоа наскоро - додава таа.

Министерството за здравство информираше дека на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за образование и наука, на кој се дискутираше за здравствените протоколи за реализација на наставата, како и можното започнување на наставата од 1 септември не биле донесени заклучоци во однос на овие прашања. Разговорите продолжуваат и во наредните денови со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование