X
 13.08.2019 Наша тема

Ицко Ѓоргоски, декан на ПМФ: Студирајте кај нас, учете од најдобрите за да бидете најдобри

Во последниве две години се зголемува интересот и за студиите по географски информациски системи, нутриционизам, економска (актуарска) математика, медицинска физика, етнологија и другите. Годинава очекуваме зголемен интерес и за наставните студиски насоки, за кои е предвидено државно стипендирање

На Природно-математичкиот факултет во Скопје денес егзистираат шест институти: Институтот за биологија, Институтот за географија, Институтот за етнологија и антропологија, Институтот за математика, Институтот за хемија и Институтот за физика, а седма работна единица на ПМФ во ранг на институт стана Сеизмолошката опсерваторија. Во изминативе речиси 73 години факултетот растел, се развивал, имало реформи, но секогаш со стремеж во секоја учебна година да влегува поцврст во поставените постулати за кои постои, квалитетот на студиите и на завршените студенти да е на ниво кое не заостанува зад европскиот просек и стандард, вели проф. д-р Ицко Ѓоргоски, декан на ПМФ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој ги најавува новостите, поддршката и субвенциите за сите што ќе решат да студираат на овој факултет.

Дел од професорите на ПМФ

За две недели почнуваат уписите за новата академска 2019/2020 година. Што ново ќе им понуди Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на новите студенти?

- Им нудиме да студираат на еден од најдобрите факултети кај нас, кој со децении негува високи стандарди во образовниот и научниот процес. За да се дојде до нашата диплома, треба да се вложи многу труд. Така е речиси и на сите други факултети, но кај нас тој голем труд на колегите-студенти се надополнува и со големиот вложен труд на професорите и асистентите. Тие се постојано во непосреден контакт со студентите преку редовната теориска и практична настава и континуираните консултации. За секоја област се користи најсовремена литература, имаат интернет-пристап до најновите сознанија, литература која се користи и на најголемиот број светски признати универзитети. Нашите професори и асистенти се познати по своето несебично разменување на своите научни сознанија, ги насочуваат студентите кон одредените научни проблеми, а во завршните години од своите студии тие се дел и од некои научни тимови што работат на решавање на одредените проблеми.

ПМФ е комплексен факултет, со шест институти, една сеизмолошка опсерваторија. Каков е интересот на студентите во последните години? Каде најмногу се запишуваат?

- Природно-математичкиот факултет како институција на природно-математичките науки е дел од просветителското, научното, културното и современото творештво на македонскиот народ. Основан е на 16 декември 1946 г., со закон што го донесе Владата на НР Македонија за организирање Универзитет во Скопје во 1945 година и со посебно Решение во пресрет на 29 Ноември 1946 година, во кои беа вткаени и одлуките на асномскиот манифест на слободата. Првите предавања почнаа на 16 декември 1946 година, на катедрите за математика, физика, хемија, биологија и географија со етнологија. Тоа беше првиот факултет кој почна да изведува настава на македонски јазик по Втората светска војна. Денес на ПМФ егзистираат шест институти: Институтот за биологија, Институтот за географија, Институтот за етнологија и антропологија, Институтот за математика, Институтот за хемија и Институтот за физика, а седма работна единица на ПМФ во ранг на институт стана Сеизмолошката опсерваторија. Во изминативе речиси 73 години факултетот растел, се развивал, имало реформи, но секогаш со тенденција во секоја учебна година да влегува поцврст во поставените постулати за кои постои, квалитетот на студиите и на завршените студенти да е на ниво кое не заостанува зад европскиот просек и стандард.

Проф. д-р. Ицко Ѓоргоски, декан на ПМФ


Во изминативе пет-шест години бројот на новозапишани студенти на целиот ПМФ е речиси ист. Во различни години бројот на пријавени кандидати на различните студиски програми на ПМФ само делумно се разликува по насоки и институти. Но, ако се земе вкупниот број на новозапишани студенти, нивниот број од година на година расте. Статистиката за изминатите години покажува дека средношколците најмногу се интересираат за студиите по биохемија-физиологија, студиите по молекуларна биологија со генетика, студиите по применета хемија и аналитичка биохемија, студиите по туризам. Бројот е задоволителен и на другите студиски програми, а очекуваме и да се зголемува. Во последниве две години се зголемува интересот и за студиите по географски информациски системи, нутриционизам, економска (актуарска) математика, медицинска физика, етнологија и другите. Годинава очекуваме зголемен интерес и на наставните студиски насоки за кои е предвидено државно стипендирање.

Секоја од овие природни науки има широка примена понатаму. За кои од студиските програми на ПМФ има најголема побарувачка на пазарот денес?

- Нашите дипломирани студенти се наша гордост. Барем според сознанијата што ги имаме, тие немаат големи проблеми со вработувањето. На некои од нив, кои во тоа не успеваат, се обидуваме да им помогнеме со препораки и разговори со нивните идни работодавци. Има профили за кои се нуди работен ангажман уште пред да дипломираат (пред сè оние од наставните насоки). Нашите дипломирани студенти својата диплома ја користат како аргумент повеќе да ја напуштат нашата земја. Ова е своевидно признание за нас, но не велам дека ме радува. Тоа е жално за нашата држава. Нашите студии се релативно скапи, во нашите дипломирани студенти државата и факултетот вложуваат големи средства. И одеднаш, формирани кадри им подаруваме на побогатите државни системи! Ние сме ги создале, сме биле дел од нив, сме ги вооружиле со знаење, сме ги оформиле како карактери и одеднаш, ние, нашиот систем станал незаинтересиран за нив, или не им го нуди сонот за добар живот овде, туку им олеснува да си одат. Тоа е жално.

Дипломите се признаени секаде во светот

За нашите студенти, погодноста што завршиле на ПМФ е и друга - нашите дипломи се секаде признаени. Не сум чул дипломиран колега да имал проблем со нострификацијата на својата диплома во кој било образовен систем во европските земји или пошироко. Најдобар показател за тоа се големиот број наши дипломирани колеги кои својот работен ангажман или понатамошно научно и стручно усовршување го нашле во некоја од највисоко развиените земји. Во последните години голем е процентот на наши дипломирани студенти на првиот циклус (најчесто најдобрите) кои своето понатамошно усовршување го продолжиле на некој од врвните универзитети во светот, и тоа бесплатно. Летово бев сведок како тројца наши дипломирани студенти беа примени на по неколку светски еминентни универзитети истовремено за да го продолжат своето образование. Сè им беше бесплатно, можеа да одбираат од светот! Сите тројца сакаа да останат кај нас, но што ние како систем ќе им понудиме? Не е доволно само да кажуваме дека ние правиме сè за младите да бидат задоволни. Треба тоа вистински да го направиме. На пример, ако на овие тројца студенти им понудиме бесплатно студирање и стан, и да им обезбедиме средства за нивниот научен проект кој би бил дел од нивниот магистерски или докторски труд, тие би останале, а вака...

Минатата година реновиравте дел од објектите. Во каква состојба се зградите во факултетскиот комплекс?

- Во далечната 1945 година Природно-математичкиот оддел при Филозофскиот факултет бил сместен во две, за тоа повоено време, многу погодни згради − Основното училиште „Браќа Миладинови“ и Природонаучниот музеј. Благодарение на големото залагање и пожртвуваност на првите тогашни професори и надлежните фактори во Републиката кои имаа големо разбирање за потребите на Одделот, освен учеството во решавањето на просторните проблеми, помогнале и да се обезбедат најпотребните научни книги, списанија, апаратура, инструменти, главно врз основа на учеството во распределбата на репарациите добиени по завршувањето на војната. Така дошло до формирање на специјализирани библиотеки при катедрите, како нужен предуслов за развивање квалитетна наставна и научноистражувачка работа.

Во 1951 година Природно-математичкиот оддел бил преселен во новоизградениот објект на ридот Гази Баба, каде што и денес се сместени поголемиот дел од работните единици на Факултетот. Определен застој во научноистражувачката работа и многу отежната наставна дејност предизвика разурнувачкиот скопски земјотрес во 1963 година. Меѓутоа, благодарение на помошта за Скопје што пристигнуваше од сите краишта на Југославија и од многу земји во светот, при обновата на градот не само што беше санирана факултетската зграда на Гази Баба туку беше и завршена, во 1967 година, изградбата на нова зграда, наменета за одвивање на дејноста на Хемискиот институт. За да се решат просторните проблеми на Институтот за етнологија и антропологија, во 2015 година тој беше префрлен во посебно уредените простории во оваа зграда на ПМФ. Со формирањето на факултетот во неговиот состав била и Ботаничката градина, а на Водно се наоѓа посебен објект за Сеизмолошката опсерваторија.

Една од лабораториите на Институтот за хемија

Како што се гледа, годините на градба на сите објекти се далечни. Факултетот постојано барал, бара и убеден сум дека ќе бара средства за реновирање и одржување на овој простор. И претходно се вложувало, колку што дозволувале финансиските средства, во реновирање и одржување на зградите. Во таа насока во изминатите години направивме многу. Го променивме покривот (кој беше од азбестни плочи) на двете згради во површина од повеќе од 7000 м2, ги реновиравме влезните порти на двете згради, ги реновиравме библиотеките, поголемите амфитеатри и предавални на факултетот, ја реновиравме малата зграда и еден од стаклениците на Ботаничката градина, во моментов сме во постапка за комплетно менување на електричната инсталација во најстарата зграда на Гази Баба...

Можеби градежните зафати не се најзначајното нешто за студентите и студирањето, но без основното тешко дека нешто може да се надгради. Некогаш повеќе, некогаш помалку, вложуваме и за општото унапредување на наставата и наставниот процес. Во изминатите две години факултетот вложи свои средства за реновирање на дел од читалниците. Така значително се зголеми и бројот на корисниците. Годинава ги обновивме и сите компјутери во компјутерските училници (околу 50 и два сервери) кои, покрај редовната настава, ќе бидат постојано достапни за потребите на студентите. Тие ќе бидат поврзани со печатачите и копир-апаратите кои постојат во сите читалници, а на тој начин студентите ќе можат да се снабдуваат со копиран и печатен материјал без да плаќаат за тоа. Во дел од лабораториите ги обновивме микроскопите (повеќе од 50) и ги реновиравме работните простории, ги обновивме и реновиравме дел од ходниците на двете згради во кои нашите сегашни студенти студираат, а новите со нетрпение ги очекуваме. Факултетот прави сè за да им помогне на студентите студирањето, покрај обврска, да им биде и уживање. Нашата максима за студентите и студирањето е дека нема поголемо задоволство од задоволството со новонаученото во пријатен амбиент.

И по 30 години државата, МОН не најде начин достојно да се финансира науката во Македонија. Зошто? Каде да го бараме решението?

- Ова е најболното прашање за професорите, асистентите, научните работници и соработници и за студентите на нашиот факултет. Во моментов кадровскиот потенцијал на факултетот го сочинуваат вкупно 193 вработени и 20 демонстратори, од кои 112 се наставници, 8 соработници, а 73 административно-технички персонал, а имаме околу 1.500 студенти на додипломските и околу 250 на студиите од втор и трет циклус. Факултетот е веројатно еден од најголемите не само на УКИМ, туку воопшто во цела држава. Бројот на објавените трудови од научниот кадар од ПМФ е далеку поголем отколку на кој било друг факултет во Македонија. Чест ми е да истакнам дека според податоците, во календарска година (2017) бројот на трудови со импакт-фактор изнесува 145, а минатата година (2018) беше 152, што е околу 65% од вкупниот број на трудови со импакт-фактор во целата држава.



Од ова би произлегло дека нашиот факултет и нашите професори имаат средства и немаат финансиски проблем за својата научна активност. Но, не е така. Ова не е резултат од грижата на државата кон научноистражувачката дејност. Средствата што државата во изминативе години (повеќе од 10) ги наменува за научно истражување се минорни, речиси и немерливи и невидливи, а во последниве години помалку и од тоа. А успехот на нашите професори во научни достигнувања е резултат пред сè на меѓународните контакти што ги имаат, како и нивното учество во меѓународни истражувачки тимови.

Ме прашувате каде е решението? Проблемот со научноистражувачката дејност во една земја е многу комплексен. Ако го гледате од аспект на административно решение е лесен, ќе донесете законска одредба со која од буџетот зафаќањата за наука би биле со поголем процент. Но, дали е тоа решение? Така се правеше и во изминатите години, па се прикажуваше дека зафаќањата и доделените средства и не се мали. Па се правеа споредби по различни основи и со различни земји и нашата земја не беше далеку од нив. Но, тоа не е така едноставно. Решенија има, во другите државни системи ги користат и функционираат, а ние само треба да ги копираме и строго да ги примениме. Но, ние досега и тука имавме проблем. Не може тоа да го спроведе некој што тој проблем не го знае или малку го знае. Научниот развој и насока во една земја секогаш бара јасна стратегија (но не стратегија само напишана и усвоена), бара јасно буџетирање, но и одговорност за направеното. Без тоа нема успех ни во реализирањето на еден научноистражувачки проект, а не пак во државните научни процеси. Се надевам дека ќе го дочекаме денот кога за науката, универзитетот, за високото образование ќе се разговара на малку поинаков начин, а не како досега. Сум барал промена на пристапот и подобрување на состојбата во науката, но кога нешто прашувате и предлагате, прво треба да има кој да ве слушне и разбере, а потоа да се најде начинот за реализација на слушнатото. Но, ова е навистина болна, многу болна тема, а бара подолго елаборирање и аргументирање.

Со ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски (десно)

Што би им препорачале на идните студенти кои ќе решат да студираат на ПМФ?

- Почитувани матуранти, идни студенти, сега е вашата шанса да го изберете вистинскиот пат за сигурна, просперитетна и почитувана професија. Верувајте им на традицијата и докажаните вистини. Природно-математичкиот факултет, како најстара високообразовна институција при првиот, најстариот и најдобриот државен универзитет во земјава, ви нуди широк спектар на студиски програми, интересни предметни програми, како и можност да учите од најдобрите професори во своите научни области. Ви нуди и можност да комбинирате и својот студиум и да го надополните со голем број изборни предметни содржини што се од ваш интерес. Ваше е да изберете, а доколку вашиот избор бидеме ние, ве убедувам дека нема да погрешите. Со нас, вашата професионална иднина е сигурна, независно дали откако ќе дипломирате ќе изберете да ја поминете во нашата земја или надвор од неа. Затоа не двоумете се, студирајте на ПМФ при УКИМ, учете од најдобрите за да бидете најдобри.

Деканот со дипломираните студенти
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема