X
 13.09.2020 Живот

Како гардеробата во вашиот плакар влијае врз климата и како да го промените тоа?

Кога човекот почнал да се облекува, паралелно почнала да се развива и модата. Некогаш луѓето имале по еден пар чевли, еден костум за свечени пригоди и еден за секојдневна работа. Денес приказната е малку поинаква и облеката стана поевтина и подостапна за сите, но по која цена?

Модните трендови се менуваат секоја сезона, ако не и почесто, а луѓето слепо ги следат. Дали некогаш сте се запрашале колку пара фармерки всушност ви се потребни? Дали веќе не ја носите таа една маица затоа што има дупка или само затоа што веќе не е во мода?

Брзината на промената на модните трендови и нивното следење и одобрување создаваат сè поголем проблем. Според податоците од Економската комисија на ОН за Европа, модната индустрија произведува дури 10 отсто од вкупните светски емисии на јаглерод диоксид, што е петпати повеќе од авиоиндустријата. Покрај тоа, модната индустрија е одговорна и за 20 отсто од отпадните води.

Оваа индустрија е многу зависна од физичката работа и вработува околу 40 милиони луѓе во светот, кои се платени помалку од минималец и работат во нехумани услови. Тоа се претежно жени.

Проблемот не е само во создавањето облека, туку и во фрлањето откако веќе нема да се носи. Материјалите што не се биоразградливи стојат и по 200 години на депониите, а облеката не завршува само во контејнерите, туку и во морињата. Исто така, маиците што се од полиестер испуштаат микропластика секојпат кога ги переме.

Доколку сакаме да го намалиме нашето индивидуално влијание врз животната средина, еден од подобрите начини е да ги промениме нашите навики во врска со модата, а во продолжение ви даваме неколку предлози како да го направите тоа.

Фото: Pixabay

Брза и бавна мода

Треба прво да научиме да разликуваме што е брза, а што бавна мода. Наједноставно кажано, треба да го купуваме само она што навистина ќе го носиме, и тоа повеќе пати. Подобро да купуваме поквалитетно, иако е поскапо, отколку поевтино и со лош квалитет.

Модната индустрија живее од постојаните промени на трендовите и ги тера своите потрошувачи постојано да купуваат нови нешта, кои во суштина и не им се потребни. Се следат нови трендови, додека старата облека завршува на депониите. Од 80 милијарди парчиња облека што се произведуваат во една година, 80 отсто ќе завршат на депонија.

Како да се бориме против тоа?

Бавната мода е контракултура на брзата мода. Таа се залага за купување облека во продавници за облека од втора рака, поддржува мали локални производители, модифицирање на веќе купена облека и купување поквалитетна облека која би траела подолго. Поради помалото производство, бавната мода нуди поквалитетна облека која е направена во фер услови и остава помалку отпад.

Фото: Pixabay

Внимателно избирајте го материјалот

Вештачките материјали прават голема еколошка штета. Најраспространет е полиестерот, кој се прави од нафта и со тоа е врзан со нафтената индустрија, која е еден од најголемите светски загадувачи. Тоа бара многу енергија во текот на производството, многу вода за процесот на ладење и при перењето се создава микропластика.

Природните материјали се подобра алтернатива, но не е ни секој природен материјал еднакво лесен за производство. Некои бараат повеќе вода или треба повеќе да се третираат за да примаат боја.

Свилата има релативно низок јаглероден отпечаток, бара малку место и земјиште. Се собираат лисја од црница и со нив се хранат ларви на свилен молец кои ја плетат својата кукла од свила. Одгледувањето на дрвото бара многу вода, но и задржува многу јаглероден диоксид.

Тексасот се прави од памук и потребни се многу вода и пестициди за да се произведе. Компанијата „Леви штраус“ пресметала дека се потребни околу 3.781 литар вода за производство на еден пар фармерки.

Памукот е еден од најраспространетите материјали, но можеби и најнеетичкиот во своето производство. Потребни се 2.700 литри вода за производство на една памучна маица. Прилично е зависен од користењето на пестициди. Речиси 6 отсто од пестицидите на светско ниво отпаѓаат на памукот, од кои 16 отсто се инсектициди. Се одгледува исклучително во земји во развој, а експлоатираните работници работат за помалку од 2 долара дневно.

Органскиот памук е друго нешто бидејќи се избегнува користење на пестициди и други хемикалии, меѓутоа бара повеќе земјиште и има дебата кој вид е подобар од гледна точка на емисија на гасови со ефект на стаклена градина. Затоа, веројатно најважното нешто е да ја намалиме количината на облека што ја купуваме.

Погледнете ја етикетата



B corp - единствената која го мери целото влијание на компанијата врз социјалните и еколошките последици. Проценува како самата компанија и бизнис-моделот влијаат врз работниците, купувачите и животната средина.



Fair Trade International – една од најпознатите етикети. Купувањето облека со оваа ознака значи поддршка за работниците кои градат свој живот и заедница.



Ecolabel by the European Union – им помага на компаниите што сакаат да го намалат јаглеродниот отпечаток. Промовира циркуларна економија и облека која може да се носи подолго и да се рециклира.



PETA Approved Vegan – производи што ги исполнуваат условите на организацијата PETA за благосостојба на животните. Со оваа ознака сте сигурни дека не сте загрозиле нечиј живот.



Global Organic Textile Standard – водечки светски стандард за текстил произведен од органски материјали. Само ткаенина од минимум 70 отсто органски влакна може да биде сертифицирана, но само ако следи детални правила на производство.


Oeko Tex Standard 100 – можеби најпознатата ознака за текстил тестиран на присуство на штетни хемиски соединенија. Ако купувате облека со оваа ознака, знајте дека секое влакно, копче и секој додаток се тестирани на штетни соединенија.

Зошто да ја изберете бавната мода?

Бавната мода ја спасува планетата и вие можете да бидете дел од тоа. Ако се придружите на движењето на бавната мода, ќе ја намалите вашата количина на отпад и отпадните води кои се создаваат со правење нова облека. Ќе го намалите вашиот јаглероден отпечаток и ќе заштедите. Ќе го намалите користењето на штетни хемиски соединенија, како за вас така и за природата. Ќе ги поддржите малите и локални компании и правата на работниците и животните.

Автор: Антонија Авдаловиќ
Извор: Klima 101
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот