Сѐ почесто мотоцикли возат малолетници што се под возрасната граница за полагање за возачка дозвола, не носат кацига и не ги почитуваат правилата во сообраќајот, па полицијата ги зачести контролите на терен
„Се шокирав кога син ми, кој има само 12 години, се врати дома од школскиот двор каде што играат со другарите и ми кажа дека имал возбудлива можност сам да вози веспа. Ние му немаме купено мотоцикл зашто е мал! Но, го позајмил од другарче кое има повозрасен брат и веспата ја однело во дворот“, раскажува Мила Јанкулова, мајка на седмоодделенец.
Веспите, мотоцикли кои денес ги има речиси во секое семејство поради практичноста и достапната цена, стануваат опасна играчка за малолетниците, па дури и за тинејџерите. Иако законски е дозволено да ги управува лице откако ќе наполни 16 години, сѐ почесто младите имаат вакви искуства и порано од дозволеното. Дури и ако возачот има 16 години, се случува совозачот да биде помлад.
На мотор девојката треба да изгледа убаво
- Имав 14 години кога првпат се качив на веспа, ја возеше другар и ме префрли до дома. Не носевме кациги. Низ градот често пати се вози без кацига. Можеби ситуацијата се подобри последниве неколку месеци откако се случи сообраќајна несреќа, во која 15-годишна девојка се здоби со тешки телесни повреди возејќи се како сопатник на мопед управуван од малолетно лице при што удри во возило и пешак. По 20-дневна борба, девојчето почина - раскажува битолчанката Елена Милошевска.
Не само кацига, се избегнува и носење на друга заштитна опрема, како јакна, елече, чизми, очила, ракавици, кои се исклучително важни за безбедноста.
- Заштитна јакна, кожена? Па и кожени панталони? Па, веспата не се движи со голема брзина, ќе преживееме и без заштитна опрема. Кога девојката ќе се качи на мотор, треба да убаво да изгледа. Дечко ми има 18 години и кога ќе ме земе со моторот да излеземе, јас сакам добро да изгледам. Се случува да носам и кратки панталони - вели една тинејџерка со која разговаравме.
Фото: СВР-Битола
Од 5.536 санкционирани мотоциклисти во три месеци - 126 малолетни
Сезоната на мотоциклите го опфаќа летниот период, а од МВР посочуваат дека од 1 јуни до 31 август годинава на територијата на Македонија се санкционирани вкупно 5.536 возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, од кои 126 се малолетници. Тоа значи дека 2 процента од казнетите моторџии се малолетници. Ова лето МВР во континуитет презема мерки со цел санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, ги набројува евидентираните прекршувања на сообраќајните правила: управување без возачка дозвола или со сообраќајна дозвола со измината важност, нерегистриран мотоцикл, управување под дејство на алкохол, но најголем број прекршувања се неносење кацига. На прекршителите им се дава казна, некои се исклучуваат од сообраќај, а има и случаи на одземени возачки дозволи.
Сања Стаматова
Младите мотоциклисти да не ги игнорираат законските обврски
- Мотоциклистите спаѓаат во групата учесници во сообраќајот кои се најмногу изложени на опасности, со исклучително висок ризик за здобивање смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода. Оваа констатација се однесува на дел од мотоциклистите, особено помладите, кои со голема брзина управуваат мотоцикли, ја игнорираат законската обврска за користење заштитна кацига, разговараат на мобилен телефон додека го возат мотоциклот. Истото се однесува и на совозачите, кои најчесто не носат кацига и му зборуваат на возачот, а со тоа му го одвлекуваат вниманието, што е опасност за предизвикување сообраќајна незгода - вели Стаматова.
Таа додава дека е евидентен бројот на млади мотоциклисти кои вршат непрописно претекнување и не даваат првенство на минување на другите учесници во сообраќајот.
Мотоциклистите од „Ѓорги Стефановски“ советуваат
Мото-клубовите им порачуваат на родителите да не им купуваат веспи или други мотори на децата помали од 16 години, а мотоциклистите да возат со заштитна опрема и според сообраќајните правила и прописи. Здружението на мотоциклисти „Ѓорги Стефановски“ - Битола, формирано во 2018 година во чест на нивниот другар кој прерано починал поради непретпазливост на други учесници во сообраќајот, првенствено се занимава со едукација и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Тие имаат свои златни правила.
- Прво, почитувајте ги законските регулативи за поседување возачка дозвола за А/А2/А1 категорија. Второ, секогаш носете безбедносна опрема, таа е приоритет на секој моторџија. Се состои од квалитетна кацига, ракавици, палто или елек, долги панталони и високи чизми, чевли или патики. Облеката треба да биде комотна за возачот, но и отпорна на временски и физички влијанија. Трето, бидете со бистар ум и добра психо-физички состојба. Четврто, почитувајте ги сообраќајните знаци, внимавајте на првенството на минување, почитувајте хиерархија и возете претпазливо. Користете звучна и светлосна сигнализација. Користете ги огледалата, но не секогаш да се осврнувате целосно на нив, проверете ги мртвите точки и фрлете поглед преку рамото. Во група внимавајте на растојанието и страната на возење - предупредуваат од „Ѓорги Стефановски“.
Петтото правило е: бидете внимателни во градскиот метеж, особено поради бенефитот мотоциклистот да се пробие побрзо низ метежот. Шесто, моторот секогаш треба да биде во одлична техничка подготвеност.
Анализата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот за 2016 година покажува дека од 165 загинати лица во сообраќајни незгоди, 13 биле мотоциклисти, а 2 патници на мотоцикл. Од Советот заклучиле дека учеството на мотоциклистите во вкупниот број загинати лица во незгодите е несразмерно висок во однос на тоа во колкав дел од сообраќајот тие учествуваат. Во анализата објавена во 2017 година, од 768 обработени сообраќајни незгоди, во 73 настрадале возачи на мопеди и мотоцикли, а во 21 сообраќајка предизвикувачи биле возачи на мопеди или мотоцикли. Посебно отскокнува процентот на незгоди што се случиле поради непочитување на првенство на минување (39,7%). Убедливо најголем предизвикувач на незгоди со мопед или мотоцикл е возач на автомобил (86,3%). Кога станува збор за сообраќајни незгоди предизвикани од возачи на мопеди или мотоцикли, најголем број на настрадани се сопатниците на мопед или мотоцикл со 42,9%. Потоа следуваат пешаци (23,8%) и велосипедисти (14,3%) .
Фото: приватна архива