X
 03.11.2021 Живот

Зошто младите Американци масовно ги напуштаат работните места?

Оваа година милиони Американци ги напуштиле традиционалните работни места. Ова е најголемо масовно напуштање на работните места во САД од 2019 година, а бројот на млади лица што даваат отказ продолжува да расте, пишува „Тајм“.

Само во јуни 3,9 милиони Американци дале отказ, а во август тој број изнесувал 4,3 милиони. Според официјалните податоци, речиси една четвртина од лицата на возраст помеѓу 20 и 34 години не биле дел од американскиот пазар на труд во септември.

Околу 14 милиони Американци не се официјално вработени и не бараат работа. Во меѓувреме, во САД има околу 10,4 милиони слободни работни места. Зошто младите масовно даваат откази?


Фото: Pixabay

За некои, уморот е причината за давање отказ, додека лошиот однос и ниската плата принудиле многу други да ја напуштат работата. И двете групи се дел од поголема општествена промена во која младите работници си даваат приоритет себеси бидејќи сега тие може да го сторат тоа.

Според економистот Лоренс Кац од „Харвард“, младите луѓе што имале добро платени работни места пред пандемијата сега имаат поголема финансиска слобода бидејќи помалку трошеле, а повеќе штеделе за време на пандемијата. Освен тоа, големиот број слободни работни места во САД прават младите работници да се чувствуваат сигурно.

Според Кац, не станува збор за тренд во кој младите луѓе засекогаш го напуштаат пазарот на труд, туку за период во кој тие пробуваат нови работи и ги искористуваат новите можности.


Фото: Pixabay

Работењето од дома, исто така, игра улога. Според анкета од 2020 г., дури 74 отсто од младите лица не сакаат да се вратат во канцеларија. Младите жени сакаат да останат дома поради децата.

Во некои случаи младите лица даваат отказ за да започнат сопствен бизнис или да работат хонорарно, што се покажува како успешно за многумина.

Економистите предвидуваат дека „Големото напуштање“ допрва ќе почне, особено за младите генерации кои може да си дозволат да бараат нови начини за заработка.

Извор: Time
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот