Британската луксузна стоковна куќа „Хародс“ почна со продажба на праски од јапонскиот регион Фукушима, како дел од напорите за враќање на довербата во плодовите израснати таму по нуклеарната катастрофа што се случи во 2011 година.
Кутија од три праски чини 80 долари, а ова е првпат праски од Фукушима да се достапни во европска продавница.
Топењето на реакторите на нуклеарната централа во Фукушима предизвика истекување на радијација со која Јапонците се справуваат и ден-денес.
Од 2011 година фармите во регионот, кој е втор најголем производител на праски во Јапонија, се борат да ги продадат производите поради стравот од контаминација. Продажбата на праските во „Хародс“ е дел од напорите на Компанијата за електрична енергија на Токио (ТЕПКО) да ја поправи репутацијата на регионот на меѓународно ниво. Продажбата на праските доаѓа по две години од кревањето на рестрикциите за храна од Фукушима од страна на Велика Британија и по пробни продажби на културни настани. Според Би-би-си, од следниот месец „Хародс“ ќе почне со продажба и на грозје од регионот.
ТЕПКО започна со слични кампањи и во други земји, меѓу кои се и САД и Тајланд.
Сите фармерски и риболовни производи извезени од областа мора да одат на тестирање за радијација, но сè уште има загриженост за ефектите на радијацијата.
Фото: Freepik