X
 22.05.2024 Живот

Инвазија на озлогласените азиски стршни во Европа: Како да се заштитите и што да направите ако ве каснат?

Во текот на летните месеци, додека уживате на отворено, внимавајте на азиските стршни (Vespa velutina). Овој инвазивен вид претставува закана за пчелите и другите опрашувачи, а во моментов во тек е голема инвазија во еден дел од Европа.

Имено, бројот на вакви инсекти забележани во Велика Британија е зголемен и тамошните медиуми веќе објавиле неколку предупредувања и пренеле различни изјави на лекари и здравствени институции кои ги советуваат луѓето да се држат настрана од нив и да известуваат каде се видени.

Идентификување на азискиот стршен

Азиските стршни се малку помали од домашните стршни. Се карактеризираат со темно тело, широка портокалова лента на четвртиот сегмент од стомакот и жолти врвови на нозете. Иако тие не претставуваат поголема закана за здравјето на луѓето од домашните стршни и оси, нивното присуство може да биде погубно за пчелните колонии. Еден азиски стршен може да изеде до 50 пчели дневно.

Зголемен бројот на регистрирани инсекти


Во 2023 година забележан е рекорден број на видени азиски стршни во Велика Британија, а имало неколку и во остатокот од Европа. Здравствените власти предупредуваат на потребата од зголемена будност и истребување на стршните за да се спречи штетата што овие стршни можат да ја предизвикаат врз екосистемот.

Што да направите ако видите азиски стршен?

Ако забележите азиски стршен, важно е да не се приближувате или да не го нарушувате гнездото. Професорот Никола Спенс, главен службеник за здравје на растенијата и пчели во Министерството за земјоделство, храна и животна средина во Велика Британија, истакнува дека раното предупредување е клучно за да може брзо да се преземе акција за справување со заканата.

Како да избегнете привлекување азиски стршни?

Експертот за контрола на штетници Роберт Мун советува како да избегнете привлекување на овие инсекти во вашиот дом. Стршните се привлечени од извори на протеини и овошје.

Важно е правилно да се фрлаат ѓубрето и остатоците од храна, со цел да се намали можноста за нивно пристигнување. Мун забележува дека стршните претпочитаат суви и безбедни места како тавани и градинарски бараки за да ги градат своите гнезда.

 

Што ако ве касне азиски стршен?

Убодот на азискиот стршен е поболен од убодот на домашните стршни. Џеј Ригс ја опишува болката како чувство на боцкање со врела игла. Убодот може да предизвика оток и болка која трае неколку дена. Ригс советува да се измие местото на убодот со сапун и ладна вода и да се нанесе мраз за да се забави ширењето на отровот.

Ако сте биле искасани повеќе од еднаш или ако забележите знаци на алергиска реакција, треба да побарате лекарска помош.

Покрај тоа, се препорачуваат антихистаминици и хидрокортизон крем или лосион со каламин за намалување на болката. Во случај на сериозни симптоми како што се отежнато дишење или голтање, веднаш побарајте лекарска помош.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот