Финска нареди запирање на работите на две локации на центрите за податоци на „Гугл“ додека не завршат задолжителните процени за влијанието врз животната средина.
Американскиот технолошки гигант во септември најави инвестиција од 13 милијарди евра во дигиталната инфраструктура во Финска во текот на следните две години за да ги оствари своите амбиции во областа на вештачката интелигенција. Во „Гугл“ тоа вложување го опишаа како нивна најголема поединечна инвестиција во Европа.
Финската надзорна агенција (ЛВВ) во вторникот објави дека од компанијата „Туике Финланд“, која го застапува „Гугл“, побарала веднаш, а најдоцна до 23 октомври 2026 година да ги запре сите подготвителни мерки кои значително би ја промениле животната средина во врска со планираните проекти за центри за податоци во Мухос и Кајани.
Агенцијата истражува дали „Туике Финланд“ исчистила стотици хектари шума во Мухос и Кајани без задолжителната процена за влијанието врз животната средина.
Претседателката на Финското здружение за заштита на природата, Хана Халменпе, минатата недела за АФП изјави дека во природните подрачја што треба да се зачуваат е исечена површина поголема од 300 хектари.
„Туике Финланд“ мора до 14 октомври да достави објаснување и детали за тоа како планира да постапи. Доколку не го исполни барањето, агенцијата објави дека би можела да покрене постапка за извршување.
Според зборовите на раководителот на одделот за животна средина на ЛВВ, Томи Муилу, дрвјата се отстранети, површинскиот слој на почвата е оголен, изградени се патишта и складишни подрачја и променети се каналите.
Портпаролот на „Гугл“, Сондре Ронандер, ги призна пропустите на компанијата.
-Ја разбираме загриженоста и во овој случај не ги исполнивме сопствените високи стандарди. Ќе ги разгледаме наодите на ЛВВ и ќе ги следиме нивните насоки - рече тој во изјава за АФП.
Тој додаде дека компанијата дејствувала во добра волја и спровела истражувања и мерки за заштита на животната средина.
Додека ја продолжуваме нашата долгорочна работа во регионот, ги унапредуваме нашите планови за уредување на животната средина и биодиверзитетот, кои вклучуваат садење дрвја на 130 хектари во Мухос - рече Ронандер.
Финската министерка за животна средина и клима Сари Мултала изјави дека проектите на „Гугл“ веројатно ќе бидат одложени поради проблемите со процените за влијанието врз животната средина.
Фото: magnific