Финска стана најновата земја што воведе заклетва за туризам, барајќи од посетителите на оваа земја да ветат дека ќе ја почитуваат нејзината природа, култура и жителите.
Формирајќи дел од пошироката кампања за одржливост, што се фокусира на финските вредности и традиции како што се прифаќање на природата и рециклирање, заклетвата бара посетителите да бидат повеќе како Финците, вклучувајќи ја реченицата: „Во мојот избор, климата доаѓа во прв план“.
Во јули 2017 година Исланд стана првата земја што воведе идеја туристите да почнат да преземаат обврска да се однесуваат одговорно кон земјата и природата. Една година подоцна оваа земја инсталира копче за заклетва на аеродромот „Кефлавик“ за да ги охрабри посетителите да се согласат да ги остават во истата состојба местата како што ги нашле, да паркираат и да спијат онаму каде што е дозволено, но и кога природата повикува, да не одговорат на повикот.
Фото: Alamy
Во декември 2017 година Палау, во западниот дел на Пацификот, објави задолжителна заклетва за децата од Палау која посетителите мораат да ја потпишат при пристигнувањето во земјата. Во септември 2018 година Хаваи ја промовира заклетвата Поно, што претставува дел од новата маркетинг-кампања чија цел е да охрабри одговорно и паметно патување и одржлив туризам.
Ветувањето наречено Тиаки во Нов Зеланд беше објавено во ноември 2018 година и сега се промовира на летовите на „Ер Њу Зеланд“, во туристичките канцеларии и преку операторите на тури. Оваа година округот Сонома во Калифорнија предвиде планови за туристите да се посветат на „љубезно патување“, дел од стратегијата насочена кон привлекување туристи чии вредности се усогласуваат со визијата на областа за одговорен туризам.
На Фарските Острови, туристичкиот одбор својата нова одржлива стратегија за туризам ја нарекува „Пресерволушн“, која ги става потребите, желбите и начинот на живот на фарскиот народ во центарот на Манифестот за туризам. Наместо заклетва, граѓаните на Фарските Острови презедоа драстични акции годинава затворајќи ги островите во период од една недела, кога 100 волонтери им помогнаа на мештаните да ги санираат патеките. Туристичкиот одбор сега планира иницијативата „Затворено поради одржување“ да ја направи годишен настан и ги поканува волонтерите да се пријават до април 2020 година.
За сите овие дестинации, заложбите се дел од долгорочната визија за балансирање на потребата од туризам со решеност да се заштитат природните ресурси, но не е секој убеден за нивното вистинско влијание. Експертите велат дека наместо заложби и заклетви, потребни се даноци за туризам што ќе создаваат приходи за
дестинацијата, а парите да бидат наменети за подобрување на дестинациите за мештаните и идните туристи.