X
 26.11.2020 Живот

Хоспитализирани 836 пациенти со Ковид-19, во моментот има 130 празни кревети во болниците

Вкупно 836 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат во ковид-центрите во болниците низ земјава во изминатите 24 часа, соопшти Министерството за здравство. Во Битола се хоспитализирани 65 пациенти, во болницата во Штип се лекуваат 57 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 64 болни, а во Куманово 119 пациенти. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 115, во ковид-центарот во Гостивар 59, а во Струга 29 болни. Во болницата во Струмица лежат 81 пациент, во Кочани 18, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 13 лица позитивни на коронавирусот.

- Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород - соопштуваат од МЗ.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.314 и има околу 130 празни болнички кревети во ковид-центрите. Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Министерот за здравство Венко Филипче утрово се сретна со директорите на ковид-центрите и ја разгледаа состојбата со капацитетите. Во моментов интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород. Во текот на денот ќе се отвори и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло каде што ќе можат да се сместат уште 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.

Во комплексот клиники „Мајка Тереза“ има околу 350 кревети за ковид-пациенти распоредени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на интерните клиники - за дерматовенерологија, за очни болести, за нефрологија, за гастроентерохепатологија и на Клиниката за неврологија, како и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. Дополнителни 110 кревети има во ГОБ „8 Септември“ и 40 на Институтот за белодробни заболувања кај деца - Козле.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот