X
 13.11.2018 Наша тема

Кој дел од Скопје бил прв ослободен?

Непријателот ги повлекол сите свои сили оставајќи само една поголема група, која била утврдена во зградата на Учителската школа. Оваа група давала жилав отпор, но веќе во попладневните часови, по силните напади на македонските единици, се предале 86 германски војници и старешини

Снегот што почнал да паѓа таа вечер одел во прилог на македонските единици. Поради слабата видливост, непријателската артилерија не можела да дојде до полн израз. Жестоките улични борби кои најмногу се воделе во утврдените објекти по должината на главните улици ги принудиле германските сили на повлекување... Во вакви услови почнало ослободувањето на Скопје, вели проф. д-р Марјан Иваноски, историчар во Одделението за НОВ и најнова историја при Институтот за национална историја.

По повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, тој ни раскажува кој дел од градот бил прв ослободен, зошто за германските единици било толку важно зачувувањето на Скопје, кои бригади ја донеле слободата, а и крајот на Втората светска војна во нашиот главен град.


Свечен дочек на борците - ослободители на Скопје. Фото: Од монографијата „НОБ на Македонија“

Иваноски вели дека операциите за конечното ослободување на Македонија, во кои спаѓа и битката за Скопје, во завршната фаза биле водени против единиците на германската армиска група „Е“. Претходно, евакуацијата на германските воени сили од Атика почнала на 1 октомври 1944 година. Според директивата на Хитлер, групата армии „Е“ требало да организираат одбрана на т.н. „сина линија“: Скадар – Гостивар – Велес – Осоговската Планина – Клисура (североисточно од Сурдулица) – Бела Паланка и да воспостават врска со армиската група „Фелбер“ во Србија. Повлекувањето на групата армии „Е“ требало да се одвива без застои, поради што обезбедувањето на главните сообраќајници на замислената маршрута било од врвен приоритет.

- За таа цел, дел од германските единици во Македонија имале задача да го заштитат источниот блок - да ги затворат сите правци и приоди кон долината на Вардар од исток, да ги одржуваат во исправна состојба важните сообраќајници север-југ и внатрешно да ја смират ситуацијата. Додека траело повлекувањето, особено важно за германските единици било зачувувањето на Скопје, како град со мошне важна геостратешка позиција – објаснува Иваноски.

Битката за Скопје – сложена операција

Битката за Скопје претставувала мошне сложена операција. Главниот штаб на Македонија претпоставувал дека битката за Скопје ќе биде последната битка во долготрајните операции за ослободување на Македонија. Главнината на силите на германската армиска група „Е“ се повлекувала по долината на Вардар и преку Струмица и Штип, а еден дел преку Албанија. Заради безбедно повлекување на силите во делот што бил под бугарска окупација, биле распоредени 11. Воздухопловна и 22. Гренадирска дивизија, додека во Западна Македонија во последната фаза на повлекувањето биле оставени единици од дивизијата „Скендер-бег“ (формирана на Косово и Метохија) и балистичките вооружени формации (создадени во Македонија), придружени од незначајни единици на 297. Гренадирска дивизија.


Проф. д-р Марјан Иваноски

- Овие сили биле буквално искористени и жртвувани од германските команданти за да го задржат Скопје и безбедно да се повлече германската армија „Е“. Уште повеќе што најголемиот дел од силите биле квислиншки формации. Пред финалната битка за ослободување на Скопје македонската војска водела повеќе борби во околината на Скопје, како што биле судирите кај реката Треска, Сува Гора, Скопска Црна Гора, Качаничката Клисура, затворот во Скопје и др. Но, по ослободувањето на Штип и Велес веќе се создале поволни услови за напад на Скопје со концентрацијата на 42. и 50. Народноослободителна дивизија и 16. Македонска бригада - објаснува Иваноски.

По ослободувањето на Велес (9 ноември) и на Куманово (11 ноември), сите германски единици што ги бранеле тие градови, без задржување, се повлекле за Скопје. Некои од нив веднаш го продолжиле извлекувањето за Качаник, а некои останале за одбрана на Скопје. Со тоа, германски сили надвор од реонот на Скопје речиси и да не постоеле, освен слаби делови со нешто артилерија во реонот на Катланово. Главнината на германската одбрана била распределена во јужниот дел на Скопје (на десниот брег на Вардар), а помошни сили во источниот дел на градот, во реонот на Гази Баба и во реонот на индустрискиот крај. Дел од силите се наоѓале во северозападниот крај на Скопје.

- Германците ги организирале сите објекти за кружна одбрана, зајакнати со жичени препреки. Во градот, германските сили ги обезбедиле сите витални објекти, воедно и подготвени за уривање како што биле сите мостови и хидроцентралата „Матка“. Надворешната одбрана на Скопје се протегала по линијата: с. Лисиче, Кисела Вода, сртот Карлијак (врв на Водно), Бел Камен и Крстовар. Покрај ова, и на мостот преку Вардар било поставено германско обезбедување - вели Иваноски.

Нападот почнал утрото во 3:30 часот

Додека траеле подготовките за нападот на Скопје, во градот дејствувале ударни и диверзантски групи кои вршеле диверзии во градот и околината и собирале информации за германските единици во градот. Главниот штаб решил нападот да го извршат само 42. Дивизија и 16. Македонска бригада. Долгоочекуваниот напад за ослободување на главниот град на Македонија кај македонските борци предизвикал чувство на еуфорија и со нетрпение ја очекувале командата за напад, кој почнал ноќта спроти 13 ноември 1944 година.


Операциите за ослободување на Скопје. Фото: Од монографијата „Завршните операции на НОВ за ослободување на Македонија“

- По заземањето на селото Горно Лисиче, на 13 ноември во 3:30 часот, започнал општиот напад на градот од падините на Водно. Третата бригада имала задача преку селото Црниче да го нападне Скопје во реонот на Железничката станица, плоштадот, Камениот мост и аеродромот, додека 12. Бригада требало да се движи кон Горно и Долно Водно и да навлезе во остатокот од градот, а дел кон селата Грчец и Матка за да им се спротивстави на балистичките сили. Снегот што почнал да паѓа таа вечер одел во прилог на македонските единици зашто, поради слабата видливост, непријателската артилерија не можела да дојде до полн израз. Жестоките улични борби кои најмногу се воделе во утврдените објекти по должината на главните улици ги принудиле германските сили да се повлечат - раскажува Иваноски.

Каде се воделе најсилните борби

Силни борби се воделе во реонот на Монополот и при заземањето одделни поголеми згради, како што била зградата на денешното Собрание на Република Македонија, Градската болница и хотелот „Македонија“, а подолготрајни борби се воделе кај Железничката станица, Народната банка, Домот на армијата и Камениот мост.
Германските сили давале силен отпор од зградите на училиштето „Гоце Делчев“, Женската гимназија, Радио-станицата Скопје и Главната пошта, кои биле организирани во кружна одбрана.

- Во мошне остри борби во кои обете страни имале доста загуби, до вечерта овие објекти биле заземени. Единиците на 12. Бригада, кои го напаѓале градот, заедно со единиците на 3. Бригада избиле на десниот брег на Вардар. По овие борби Германците се утврдиле на потегот од Камениот мост до Универзитетската библиотека. По неутрализирањето на германските артилериски орудија кои го оневозможувале преминот кон левата страна на Вардар, македонските единици го преминале Железниот мост и почнале да се концентрираат на левата страна на Вардар. Во меѓувреме, дел од единиците на 12. Бригада воделе мошне тешки борби со балистичките формации на северозападните падини на Водно кај селата Горно Нерези, Грчец, Крушопек, Шишево и на тој начин ги обезбедувале единиците што го напаѓале градот од ударите на балистите во нивниот фланг и грб. При овие борби балистите биле поддржувани од германската артилерија од кај касарните – објаснува Иваноски.

Како е спасена браната на Матка

Во текот на 13 ноември македонските единици успеале да ги потиснат германско-балистичките сили кај хидроцентралата Матка на реката Треска, да ја прекинат инсталираната мрежа, да ја спасат браната од уривање, да го заземат манастирот „Св. Богородица“ и да го обезбедат мостобранот на левиот брег на Треска.


Највисокото македонско воено-партиско раководство дочекано со овации во центарот на Скопје. Фото: „НОБ на Македонија“

Ноќта, 13 спроти 14 ноември, се воделе борби само во реонот на Кале, Топаана и касарните кои се наоѓале на качаничкиот пат. Во мугрите на 14 ноември се воделе кратки борби со помали германски групи кои се повлекувале кон Качаничката Клисура. Непријателот ги повлекол сите свои сили оставајќи само една поголема група, која била утврдена во зградата на Учителската школа. Оваа група давала жилав отпор, но веќе во попладневните часови, по силните напади на македонските единици, се предале 86 германски војници и старешини. Во истиот момент пристигнала и 50. Дивизија на македонската војска, која од објективни причини не стигнала навреме да учествува во борбите за ослободување на градот. Но затоа дел од оваа дивизија се упатил кон Ѓорче Петров да земе учество во борбите против балистите.
Според Иваноски, особено важна улога за ослободувањето на Скопје имала и 16. Македонска бригада, која на јужните падини на Скопска Црна Гора водела жестоки борби со германскиот окупатор, потпомогнат од балистичките формации, и го загрозувала германското повлекување кон Качаник.

- Бригадата влегла во Скопје на 14 ноември. Со тоа завршиле борбите за Скопје. Тогаш настанала општа веселба. Долгоочекуваниот момент македонска војска првпат да маршира во главниот град на Македонија, а тоа народот еуфорично го доживеал. Граѓаните им приредиле величествен пречек на своите ослободители. По ослободувањето на Скопје македонската војска се упатила кон уништување на последниот отпор од балистите и на 19 ноември било ослободено и Тетово. Тоа значело и конечно ослободување на територијата на Македонија, која влегла во рамките на федеративна Југославија - вели Иваноски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема