X
 13.11.2019 Технологија

Данска го има првиот амбасадор на технолошката индустрија во светот

Каспер Клинг, професионален дипломат од Данска, работел на некои од најтурбулентните места во светот.

Тој поминал 18 месеци работејќи на реконструкција во Авганистан. Две години се занимавал со кризен менаџмент во Косово. Сепак, Клинг вели дека најтешката работа е таа со која се занимава сега - како прв странски амбасадор во технолошката индустрија.

Во 2017 година Данска стана првата земја што официјално формирала дипломатски оддел што ги застапува нејзините интереси пред компании како „Гугл“ и „Фејсбук“.

- Што има најголемо влијание врз општеството? Земја на југот на Европа, на југот на Азија или во Латинска Америка или тоа се големите технолошки платформи. Нашите вредности, нашите институции, демократијата и човековите права се соочуваат со големи предизвици како резултат на проширувањето на новите технологии. Од компании со комерцијални интереси, овие компании станаа странски политички актери - вели Клинг.

Данските власти се особено загрижени за тоа како технолошката промена влијае врз западните демократии: ширењето лажни вести и политички дискутабилни содржини на социјалните мрежи, прашањата за приватноста и собирањето лични податоци, сајбер-безбедноста и ниските даноци што ги плаќаат компаниите надвор од САД.

Работата на Клинг е да се обезбеди демократските влади да постават граници за технолошката индустрија наместо да се случи спротивното, вели Јепе Кофод, дански министер за надворешни работи.

Ендру Купер, професор по политички науки на Универзитетот во Ватерло, кој студира дипломатија, смета дека помалите земји веќе долго време имаат потреба да најдат иновативни начини за привлекување на вниманието на помоќните држави.

kasper
Фото: The New York Times


На пример, на Малдивите се одржани состаноци за подигнување на свеста за климатските промени, додека Шведска во виртуелниот свет, односно во видеоиграта „Секонд лајф“ отвори амбасада. Она што е изненадувачки овде се размерите до кои Данска спроведува дадена стратегија.

- Данска мора да игра различна игра - вели Клинг.

По две години поминати на оваа позиција, Клинг не живее во заблуда дека проблемите на Данска се особено важни за припадниците на Силициумската долина. Данска има 5,8 милиони жители, помалку од Сан Франциско, а во оваа скандинавска земја живеат помалку од 0,3 отсто од корисниците на „Фејсбук“.

Тој никогаш не се сретнал со Марк Закерберг од „Фејсбук“ или Тимоти Кук од „Епл“. Некои технолошки компании соопштиле дека сè повеќе ја разбираат работата на Клинг.

- Ни требаа неколку состаноци за конечно да ги разбереме намерите на Клинг и што подразбира неговата улога. Сега водиме добар и конструктивен дијалог со данскиот амбасадор за технологија, кој е искрен и за критиката и за позитивните аспекти - изјави Питер Минстер, портпарол на „Фејсбук“.

Данска се најде на мета на критики затоа што ги става корпорациите еднакво со суверените влади на националните држави, но и други земји почнуваат да одделуваат дипломатски ресурси за технолошката индустрија. Франција назначила амбасадор за дигитални работи, а Австралија, Велика Британија и Германија исто така имаат сектори за технолошки прашања.

Клинг води тим од единаесет вработени - седум во Калифорнија, тројца во Данска и еден во Кина. Неговата канцеларија се наоѓа во Пало Алто, Калифорнија, недалеку од седиштето на многу технолошки компании.

Наместо да поминува време во фрустрирачки обиди да се сретне со високи претставници на компанијата, Клинг работи со вработени од пониско ниво, поранешни вработени, луѓе од помали ривалски компании, невладини организации и владини претставници.

Неговиот тим ја известува владата за развојот во компаниите, како и сајбер-безбедноста, засилената употреба на лични податоци и развојот на автономни возила. Данските власти потоа ги доставуваат информациите до законодавниот дом. Клинг вели дека поминал половина година на турнеи во технолошки центри во Кина, Индија и во европските земји. Смета дека имал одреден успех. Кога дански државјанин бил убиен од терорист на пат за Мароко минатата година, Клинг разговарал со претставници на „Фејсбук“ и „Гугл“ за да ги отстрани снимките од бруталниот напад на платформите.

- Дипломатијата се промени. Повеќе не сме во 90-тите; не живееме во свет каде што сè се врти околу билатералните односи со другите земји. Државите треба на тоа да го приспособат своето гледиште за дипломатија - истакнува Прија Гуха, некогашен конзул на Британија во Сан Франциско.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија