X
 13.11.2020 Образование

Меѓународното училиште „Нова“ ќе биде домаќин на првиот виртуелен дебатен натпревар

Дебатниот натпревар ќе се одвива преку достапните онлајн-платформи, при што учениците ќе се натпреваруваат во неколку категории, како што се дебата, ораторство, глума во дуо и слободна ораторска интерпретација

Меѓународното училиште „Нова“ од 20 до 21 ноември ќе биде организатор на виртуелен дебатен натпревар за основци и средношколци од повеќе меѓународни училишта од Централна и Источна Европа, кои заедно со „Нова“ се дел од CEESA-мрежата на училишта поддржани од американскиот Стејт департмент. Иако првичната замисла беше на натпреварот да гостуваат ученици од повеќе земји, оваа година првпат учениците виртуелно ќе се натпреваруваат во вештини на говорење поради состојбата што ја наметна актуелната ситуација со Ковид-19. Сепак, организаторите од „Нова“ се максимално подготвени за новиот предизвик изнаоѓајќи различни алатки и методи за да го организираат виртуелниот натпревар, а дебатниот тим на ова училиште со нетрпение очекува да ги вкрсти аргументите и да размени ставови со своите врсници на зададените теми.

Дебатниот натпревар ќе се одвива преку достапните онлајн-платформи, при што учениците ќе се натпреваруваат во неколку категории, како што се дебата, ораторство, глума во дуо и слободна ораторска интерпретација.
- Темите на кои учесниците на виртуелниот натпревар ќе дебатираат се поврзани со општествените проблеми и предизвици за кои учениците имаат одреден интерес и предзнаење, но пред сè се подготвени да ги истражуваат и активно да дискутираат за нив - вели Зорица Стаменковска, тренер во дебатниот клуб на „Нова“.
Дебатниот клуб на меѓународното училиште „Нова“ веќе две години е дел од CEESA-мрежата. Во училишниот клуб членуваат околу 12 ученици од прва до четврта година средно, кои со помош на тренерите навлегуваат во тајните на оваа вештина и ги подобруваат своите способности за јавно говорење.

Даниел Канингам, тренер во дебатниот клуб на „Нова“, вели дека учениците стануваат дел од овој клуб за да станат подобри комуникатори, но и поради тоа што учеството во овој клуб е високо вреднувана вештина во апликациите за прием на универзитетите.


Зорица Стаменковска и Даниел Канингам

- Дебатата бара развој на ригорозни вештини од повисок ранг и критичко размислување, ги подобрува аналитичките и истражувачките вештини, при што учениците стекнуваат способност да ги структурираат и организираат мислите додека се под предизвикувачки ограничувања. Ние ги подготвуваме учениците водејќи ги низ основните компоненти и структурата на аргументите, барајќи од нив да ги конструираат и бранат своите аргументи индивидуално и како тим. Бидејќи темите за дебата се избираат на почетокот на секоја сезона од страна на училиштето кое ќе го организира турнирот во тековната година, постои широк свет на поврзани идеи и концепти кои учениците мора да ги истражуваат самостојно за успешно да се подготват за дебатниот турнир - објаснува Канингам.

Според него, успехот во дебатата зависи од подготовката, при што најуспешни дебатери се учениците кои имаат широка база на знаење и критички ум, односно оние што ги разбираат проблемите и можат да размислуваат од обете страни на предлогот за дебата, потпирајќи се на нивното длабоко разбирање на прашањата.

Лука Павиќевиќ е средношколец во „Нова“ кој две години е член на дебатниот клуб во училиштето и веќе има постигнато забележителни резултати на меѓународни натпревари. Минатата година учествувал на натпревар во Белград каде што со неговата партнерка во тимот дебатирале на тезата дека слободата на говорот треба да биде лимитирана како превенција на екстремизам и освоиле златен медал. Павиќевиќ вели дека дебатата го интересирала уште од основно училиште и уште оттогаш членува во дебатен клуб. Но, истакнува дека во „Нова“ добива професионален дебатен тренинг.

- Дебатата многу помага во развојот на ораторски и комуникативни вештини, но има свој придонес и во некои помалку конвенционални области. На пример, целиот дебатен бонтон лесно го подучува дебатерот и на останатите општествени манири. За дебатирање претпочитам филозофски теми кои не бараат статистики и официјални податоци. Во ваквите случаи нема точно или неточно тврдење, но секогаш мора да се внимава на логичноста на аргументите. Сето ова ги прави дебатата и негирањето на аргументите мошне забавни. Тематски обично сакам контроверзни и политички теми, но секогаш е добро да се излезе од својата удобна зона - објаснува Павиќевиќ.

Лука Павиќевиќ

Во однос на јавните личности на кои им се воодушевува на способностите за дебатирање, Павиќевиќ истакнува дека редовно ги следи дебатите на британските дебатни платформи Оксфордска унија (Oxford Union) и Интелигенција на квадрат (Intelligence Squared), при што особено ги издвојува дебатерските способности на професорката Мари Бирд.

И средношколката Саре Адемоска е дел од дебатниот клуб на „Нова“ две години, а годинава се подготвува за нејзиниот прв голем меѓународен натпревар. Во центарот на нејзиниот интерес се темите за општествените и политичко-филозофските идеологии бидејќи, како што вели, креираат простор за едно пошироко и слободно мислење со кое говорникот многу често се запрашува за суштински човечки идеали и верувања.


Саре Адемоска

- Дебатата е фундаментален аспект кој се јавува во разновидни контексти од животот. Таа не е нешто што произлегува само во рамките на еден дебатен клуб, туку е дел од секојдневието на секој човек кој искажува мислења и ставови кои се поткрепени со валидни аргументи. Целта на дебатниот клуб во „Нова“ е да се создадат компетентни индивидуи кои имаат јасни согледувања, но и мислат на пошироко глобално ниво. Овој дебатен клуб креира простор за развој на голем број вештини, меѓу кои се ораторство, реторика, анализа, проучено мислење и сл. Исто така, дебатниот клуб не само што ги развива овие вештини туку ги гради своите членови како подготвени луѓе кои без никакви препреки можат да се соочат со непознатото - вели Адемоска.

Поранешната премиерка на Велика Британија, Маргарет Тачер, е личноста која Адемоска ја издвојува како умешен говорник на кој се угледува и која ја смета за еден од врвните светски оратори.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование