X
 13.11.2021 Живот

Ни во ерата на мобилните Британците нема да се откажат од телефонските говорници

Денес, 96 отсто од возрасните во Велика Британија поседуваат мобилен телефон, а покриеноста на сигналот се подобрува секој ден. Од тие причини, навиките на корисниците се менуваат, а потребата од јавни телефонски говорници е сѐ помала.

Националниот британски телекомуникациски оператор „БТ“ има план да ги повлече од употреба веќе непрофитабилните, легендарни црвени говорници. Меѓутоа, беше спречен од локалниот регулатор на телекомуникацискиот пазар „Офком“, кој нареди да задржат во живот најмалку пет илјади говорници.

Со оваа одлука на „Офком“ илјадници говорници ќе се спасат од отпад или од пренамена. Во последниве години „БТ“ им продаваше стари говорници на локалните заедници за една фунта, а тие потоа ги претворија во мали библиотеки, туристички атракции и наоѓаа друга употреба за нив. Но, телеком сега ќе мора да воведе дигитални фиксни конекции на оние телефонски говорници кои исполнуваат некои од критериумите поставени од „Офком“.

Во употреба ќе мора да останат сите јавни телефонски говорници од јавен интерес, односно оние што:

- Се наоѓаат на локација каде што нема сигнал од ниту еден мобилен оператор;
- Се во близина на места со чести несреќи или самоубиства;
- Имаат забележано повеќе од 52 повици во изминатите 12 месеци;
- Ако вонредни околности налагаат дека на одредена локација е потребен јавен телефон.

Во Обединетото Кралство во моментов има околу 21.000 вакви телефонски говорници, а во минатото биле 92.000. Во текот на 12. месеци до мај 2020 година, речиси 150.000 повици биле направени од јавни говорници во оваа земја до службите за итни случаи, 25.000 до линиите за заштита на децата и 20.000 до добротворната организација „Самерчијанс“.

- Некои говорници што сакаме да ги заштитиме сега се користат за релативно малку повици. Меѓутоа, ако еден од тие повици бил упатен од дете во неволја, жртва на несреќа или некој со самоубиствени намери, тој јавен телефон може да спаси живот - изјави „Офком“ и додаде дека идејата е модернизираните телефонски говорници во руралните области да ги опремат со безжичен интернет и полначи за мобилни телефони.

Извор: Bug.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот