X
 13.11.2023 Живот

Јавни објекти што користат нафта и мазут за греење, решение?

Несомнено е дека користењето огревно дрво за загревање на домовите е главна причина за загадување на воздухот во градовите во Република Македонија (РМ). Но, исто така, со големо внимание треба да се земе предвид неодамна објавената информација во медиумите од невладината организација „Шанса за Центар“ дека низ цела Македонија има близу 700 јавни објекти што користат нафта и мазут за загревање на просториите, а само во градот Скопје нивниот број е над 100. Именувани и лоцирани на мапа се јавни (државни) објекти со различна намена, и тоа: болници, училишта, градинки, судови, државни агенции, јавни претпријатија – акционерски друштва, касарни, затвори и други установи. Од „Шанса за Центар“ додаваат дека за загревање на овие објекти во оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут, и тоа би чинело над 20 милиони евра од буџетот на државата и на општините (горивата се од увоз).
На ова треба да се додадат и не мал број приватни комерцијални и индустриски објекти кои исто така користат мазут и нафта во урбаните средини. За нив не можам да најдам ниту приближно во колкав број се.

Последиците од согорувањето на нафтата и мазутот и емисиите на отпадните гасови и честички се очигледни: многу загаден воздух штетен за здравјето на граѓаните, зголемена концентрација на ПМ-10 и ПМ-2,5 честички. Според некои меѓународни институции, во некои зимски денови минатата година Скопје беше меѓу првите десет најзагадени градови во светот.

Бидејќи нафтата и мазутот се фосилни горива, со нивното согорување се зголемуваат емисиите на СО2, најголемиот причинител на климатските промени. Ова е уште една голема причина овие горива да се исфрлат од употреба.

Се разбира дека постојат можни решенија овој проблем да се отстрани од страна на надлежни служби на републичко и на локално ниво. Досега требаше да преземат соодветни мерки, но тоа не е сторено. Најчест изговор е дека нема доволно финансиски средства, но и заради слабости во работењето и управувањето. Понатаму накратко ќе наведам неколку можности

Прва можност:
приклучување на топлификацискиот систем на градот Скопје. Доколку во близина постои топлификациска мрежа, не е проблем да се инсталира топловод и приклучок на мрежата.

Втора можност
е користење природен гас со приклучување на гасоводот кој до градот Скопје е изграден уште од 1998 година. Во првите десетина години се приклучија само некои поголеми индустриски објекти, така што искористеноста на гасоводот беше од 10 до 15% од номиналниот капацитет, а по изградбата на Те-То искористеноста се покачи на 40 до 45%. За жал, до денес не е изградена дистрибутивна гасоводна мрежа која би овозможила помасовно користење на природниот гас во градот Скопје (слично и во Куманово), а со тоа ќе беше (биде) многу помало загадувањето на воздухот. Зошто се чекаше 25 години (и сѐ уште се чека)? Барањето партнер за јавно-приватно партнерство не може да биде оправдување.

Трета можност
: инсталирање системи со топлински пумпи.
Принципот на работа на една топлинска пумпа (накратко опишано) е следниов: тоа е машина што одзема топлина од околниот воздух (или од вода) и ја предава на воздух или вода на повисока температура (за греење), притоа таа троши електрична енергија. За разлика од електричните греалки (и печки), кај топлинските пумпи за 1 kWh потрошена електрична енергија се добива 3 до 5 kWh топлинска енергија зависно од условите при работа и квалитетот на опремата и монтажата.

Пошироката јавност е запознаена со клима-уредите со инвертер кои служат и за греење и за ладење на воздухот во просториите. Тие се, всушност, топлински пумпи (воздух-воздух) кои одземаат топлина од надворешниот воздух, го подигнуваат температурното ниво и предаваат топлина внатре во просторијата (греење).

Но темата на овој напис е греење на поголеми објекти, а за тоа постојат топлински пумпи со различни капацитети од 8 kW до неколку MW. Речиси сите топлински пумпи имаат и работен режим на ладење кој се вклучува во летниот период за ладење на просториите. Значи, наместо котли на нафта и мазут, треба да се стават топлински пумпи кои ги има во различни изведби зависно од тоа од каде се одзема топлина и како се оддава топлина во просториите. Денес најчеста изведба се топлинските пумпи воздух-вода направени како еден агрегат сместен надвор од зградата, или поретко од два дела, едниот надвор, а другиот внатре. Другата опрема е речиси иста како и кај секое централно греење. Постои цевна мрежа за развод на топлата вода до грејните тела кои можат да бидат радијатори, но најчесто се вентилаторски конвектори (фенкојлери) заради работа во режим на ладење во лето. Кај топлинските пумпи вода-вода како извор на топлина се користи подземна вода од дупнатина, а може и вода од река, езеро или отпадна вода (претходно пречистена). Како примери ќе ги наведам големите топлински пумпи вода-вода инсталирани за греење на хотелите „Мериот“ и „Хилтон“ во Скопје, а такви има и во многу други објекти.

Предноста на овие топлински пумпи е и дополнителната можност за подготовка на санитарна топла вода (наместо електричен бојлер).

Меѓународната агенција за енергија (IEA) ги препорачува топлинските пумпи и тврди дека тоа е најдобриот начин за греење на зградите во иднина, при што за нивниот погон треба да се користи електрична енергија од обновливи извори. Природниот гас не е еколошко решение и во некои земји почнува или е најавена забрана на употребата за греење во новите згради бидејќи тоа е фосилно гориво кое при согорување ослободува СО2.

Постојат топлински пумпи воздух-воздух (т.н. VRF ) со поголеми капацитети наменети за греење и ладење на згради. Кај нив нема цевна мрежа со вода, туку со специјален ладилен флуид (порано „фреон“) кој што свои предности, но и негативни страни.

Во секој случај, постојат повеќе опции за замена на системите со мазут и нафта, а предност им се дава на топлинските пумпи. За наоѓање соодветно решение, како и за изведување современ систем за греење, се препорачува контакт со специјализирана фирма која може да дава консултации, да врши испорака на опрема, монтажа, сервисирање и сл.


Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот