X
 25.04.2024 Колумни

Колумна: Колку е ефикасен македонскиот пазар на труд?

Извесна фрикциска неусогласеност кај вештините се очекува да постои во секоја динамична економија. Сепак, перзистентна неусогласеност меѓу вештините кои ги поседуваат невработените и вештините кои се бараат од страна на работодавците во подолг период може да има мошне штетни последици. Ваквата неусогласеност значително ја намалува продуктивноста и претставува трошок како за општеството така и за поединците.

Основната функција на пазарот на труд е да врши алокација на трудовите ресурси преку соодветно поврзување на понудата со побарувачката за труд. На страната на понудата се наоѓаат работниците со своите вештини и компетенции, додека на страната на побарувачката се работодавците кои имаат потреба за работна сила. Доколку поврзувањето помеѓу понудата и побарувачката е посоодветно, дотолку и пазарот на труд е поефикасен во својата алокативна улога и е во функција на постигнување подобри економски перформанси. Сепак, пазарот на труд како и другите видови пазари не е совршен, односно се карактеризира со појава на т.н. пазарни неуспеси кои доведуваат до намалување на неговата ефикасност. Совршено поврзување на понудата со побарувачката за труд не може да се постигне бидејќи економските агенти донесуваат одлуки во услови на нецелосни информации. Имено, потребното време за стекнување вештини варира од неколку недели па сѐ до неколку години, така што периодот од индивидуалниот избор за почнување едукација/обука до влезот на пазарот на труд е релативно долг. Во меѓувреме, брзата динамика на технолошките промени може значително да ја измени конјунктурата во економијата и да предизвика структурни поместувања во побарувачката за работна сила.

Неусогласеноста помеѓу понудата и побарувачката за труд може да биде од различна природа, поради што се јавува невработеност. Во овој контекст, разликуваме фрикциска, сезонска, циклична и структурна невработеност, кои во помала или во поголема мера може да учествуваат во вкупната невработеност во една економија. Извесна фрикциска неусогласеност кај вештините се очекува да постои во секоја динамична економија. Сепак, перзистентна неусогласеност меѓу вештините кои ги поседуваат невработените и вештините кои се бараат од страна на работодавците во подолг период може да има мошне штетни последици. Ваквата неусогласеност значително ја намалува продуктивноста и претставува трошок како за општеството така и за поединците. Имено, неусогласеноста во вештините придонесува за пониски плати и зголемен стрес кај вработените и на тој начин го намалува задоволството од работата. Натаму, работодавците може да трпат намалување на продуктивноста, што води кон помала конкурентност, како и зголемени трошоци за евентуална преквалификација. Конечно, на макрониво, економијата се соочува со намален аутпут и ограничен економски раст, како и потенцијален пораст на социо-патолошките појави.

Теоријата за „поврзување“ (matching theory) се наоѓа во основата за определување на исходите на пазарот на труд кога се претпоставува дека работниците се во потрага по работни места, а работодавците се во потрага по соодветни работници за слободните работни места. Со оваа теорија се дава одговор на загатката зошто истовремено постојат голем број невработени што бараат работа и голем број слободни работни места. Централната идеја на оваа теорија е дека размената на пазарот на труд е децентрализирана економска активност што се одвива во услови на несовршени информации. Според тоа, поврзувањето е некоординирано, одзема време и создава трошоци како за работниците така и за компаниите. Поврзувањето на работниците што бараат работа, од една страна, со слободните работни места, од друга страна, се одвива според т.н. функција на поврзување. Со оваа функција бројот на креирани работни места е претставен како зависна променлива од бројот на работници што бараат работа, бројот на компании што бараат работници, како и други променливи величини.

Доколку сите работници се идентични меѓу себе, сите работни места се идентични меѓу себе, и доколку постои совршена информација за нивната локација, тогаш размената на пазарот на труд би била тривијална. Сепак, размената на пазарот на труд не е тривијална економска активност бидејќи постои хетерогеност кај работниците што бараат работа, а информациите што ги поседуваат се непотполни. Хетерогеноста може да се однесува на вештините што ги поседуваат работниците и оние што се побаруваат од страна на компаниите. Освен тоа, може да постоjат несовршени информации за работните места во поглед на нивната локација. Во ваквото опкружување постои неизвесност во поглед на отворањето добри работни места за работниците што бараат работа или наоѓање добри работници од страна на компаниите. Како последица, работниците и компаниите треба да одлучат дали да ја прифатат постојната понуда, да чекаат подобра алтернатива или, пак, сами да влијаат врз процесот на поврзување преку дополнително трошење ресурси за прибирање информации или промена на местото на живеење.

На макрониво, како аналитички инструмент за истражување на поврзувањето на работните места со работниците се користи т.н. крива на Бевериџ која го добила името според британскиот економист Вилјам Бевериџ. Таа ја претставува зависноста меѓу стапката на невработеност и стапката на слободни работни места за различни временски периоди. Емпириските сознанија покажуваат дека кривата на Бевериџ има опаѓачки наклон што укажува на тоа дека стапката на невработеност се намалува кога стапката на слободни работни места е висока. Во спротивно, високата невработеност е придружена со релативно ниска стапка на слободни работни места. Динамиката на кривата на Бевериџ можеме да ја разграничиме како движење по должината на кривата и поместување на самата крива како што е прикажано на графиконот подолу.



Движењето по должината на кривата на Бевериџ се должи на дејството на цикличните фактори. Во тој контекст, позицијата на кривата дава идеја за состојбата на економијата и пазарот на труд во рамките на бизнис-циклусот. Имено, во услови на експанзија се креираат голем број нови работни места, што доведува до зголемена вработеност, а со тоа предизвикува намалување на невработеноста. За време на рецесија, драстично опаѓа креирањето нови работни места, некои компании отпуштаат дел од своите вработени, што доведува до пораст на невработеноста.

Од друга страна, поместувањата кај кривата на Бевериџ ги рефлектираат структурните промени во поврзувањето меѓу невработените и слободните работни места. Колку што кривата е подалеку од координатниот почеток, толку е полош процесот на поврзување, што укажува дека во економијата постои релативно висока невработеност паралелно придружена со голем број слободни работни места. Во овој случај велиме дека пазарот на труд е неефикасен во усогласувањето помеѓу понудата и побарувачката за труд. Во спротивно, доколку кривата на Бевериџ е поблиску до координатниот почеток, тоа е знак за подобрување во процесот на поврзување, односно ниската невработеност е придружена со релативно мал број слободни работни места. Тогаш станува збор за релативно ефикасен пазар на труд кој овозможува поголема усогласеност помеѓу понудата и побарувачката за труд. Односот помеѓу стапката на невработеност и стапката на слободни работни места во Македонија на квартално ниво за периодот 2013-2023 е претставен на графиконот подолу.



Од графиконот може да се забележи дека се издвојуваат три последователни периоди за кои засебно може да се оцени кривата на Бевериџ. Имено, во текот на набљудуваниот период кривата се поместува налево како резултат на континуираното намалување на невработеноста, но исто така се поместува нагоре што е предизвикано од растечката стапка на слободни работни места кои тешко се пополнуваат. Односот меѓу бројот на невработени и бројот на слободни работни места континуирано се намалува од 50:1 во 2013 година до 10:1 во 2023 година. Овде треба да се истакне дека намалувањето на невработеноста не секогаш се должи на порастот на вработувањето, туку и на други фактори што доведуваат до структурни промени како што се емиграцијата и појавата на обесхрабреност кај долгорочно невработените. Затоа, денес сме соочени со парадоксална состојба каде што и покрај невработеноста на околу 100.000 лица, работодавците се соочуваат со тешкотии да најдат соодветни работници за околу 10.000 слободни работни места.

Според Анкетата за потреби од вештини на пазарот на труд што ја спроведува Агенцијата за вработување, во 2023 година 32% од анкетираните работодавци во Македонија се изјасниле дека имаат тешкотии при наоѓање соодветен кадар за пополнување на слободните работни места. Во тој поглед се истакнуваат следниве занимања: програмер, машински инженер, сметководител, градежен инженер, фармацевт, архитект, доктор, медицинска сестра, машински техничар, келнер, шивач, продавач, готвач, бравар, возач на товарно возило/камион, градежен работник, пекар, заварувач, електричар и др. Како најчести причини поради кои работодавците се соочиле со тешкотии во обезбедување работници со претходно наведните занимања се следниве: недостиг на интерес и мотивација кај кандидатите за извршување на работните задачи во конкретното занимање; недостиг на кандидати кои поседуваат практични знаења и вештини потребни за извршување на работните задачи во конкретното занимање; недостиг на кандидати со соодветно работно искуство; недостиг на кандидати со соодветно образование; недостиг на кандидати кои би прифатиле работа за понудената плата.

Во однос на потребата од дополнителни знаења и вештини кои треба да ги поседуваат кандидатите при вработување, особено кај кадарот со високо образование, работодавците ја нагласиле потребата од познавање странски јазици, одлично познавање на работа со компјутер и поседување соодветен сертификат за стекнати знаења. Освен тоа, одредени работодавци посебно ја нагласиле потребата од дополнителни знаења и стекнати сертификати за напредни ИТ-вештини. Меѓу другите вештини се нагласува и потребата од поседување т.н. „меки“ вештини како што се комуникативност, исполнителност, доверливост, одговорност, флексибилност, подготвеност за тимско работење и сл. Покрај важноста на квалификациите и вештините кои би требало да ги поседуваат кандидатите при вработување, за одредени занимања работодавците истакнале дека е пожелно претходно работно искуство. Во услови на сѐ поголем недостиг на работна сила со соодветни знаења и вештини, работодавците се принудени континуирано да вложуваат во човечкиот капитал на своите работници. Така, речиси 90% од анкетираните работодавци истакнале дека вложуваат во обуки на вработените, кои во најголем дел се реализираат интерно од страна на обучувачи од редот на вработените. Од друга страна, само мал дел од работодавците користат надворешни обучувачи, односно специјализирани провајдери на обуки или консултантски фирми.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни