X
 25.04.2022 Колумни

Анамнезата на еден штрајк

Ви се извинуваме, деца. Ќе надоместиме сѐ што пропуштивме и нема да биде на ваша штета. Се обидуваме да ја кренеме главата - како инаку ќе ве научиме дека таа служи за држење горе?

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Секогаш е вистински предизвик да се пишува колумна која се однесува на состојбите во воспитно-образовната сфера низ годините, а денес, особено, би рекла. Многу нешта треба да се прифатат како неизбежна придобивка од долготрајниот и, за жал, се чини многу успешен процес на делби, кои по сите аспекти, па и во процесот на следењето на писанијата подразбираат кој пишува, а не што. Во зависност од тоа, фактите се земаат предвид. Или не. Без оглед на тоа дали и колку тежат. Или не.

Пишувањето е исклучително напорно, исклучително комплексно. Многу нешта треба да се изговорат онака како што се викаат, оти само таквото именување е во функција на подобрување. Како точната дијагноза – терапијата зависи само од тоа како е воспоставена и има ли потенцијал да се инсистира на лекувањето. Досега, за жал, многуте поставувачи на дијагнозата не придонесоа кон мрднувањето од точката на дијагностицирање затоа што сите знаеме што ни е, ама никој не е во состојба тој факт да го искористи за подолготраен третман. Главните екими, особено. Ако го погледнеме овој организам наназад, ќе можеме да го здогледаме само фактот дека предолго овој толку есенцијален, толку важен, толку специфичен, а толку маргинализиран систем трпи сериозни деформации, кои најмногу се рефлектираат на оние што тоа најмалку го заслужуваат - децата. Предолго овој гломазен систем, кој продуцира индивидуи за сите сфери, се менаџира од страна на различни министерски провиниенции – дури 19 во период од три децении, што ќе рече дека министер за образование се менувал во просек на секои неполни две години. Секој од нив почнува одново, без издржана и длабока анализа на моменталните состојби и како по правило, ништо што претходно е сработено не е она вистинското. Секако, дур одново се најде вистинскиот зафат, дур се прават обиди да се имплементираат, дур се сослушаат (или не) сите обиди за толкување на зафатот и потребата од него, дур се избалансираат сите дочекувања „на нож“, дур се сослушаат родителите кои си ги самододелија новите компетенции во одлучувањето, дур се помират разбранувањата во фелата по основа на истиот, дур се согледа дека нема соодветна клима за имплементација – дојде време да се именува нов менаџер, кој ќе почнува одново. Во целиот систем, досега нема вистинско место за луѓето од базата, кои најдобро знаат како системот функционира на терен, како дише училницата, конечно. Оние што можат да дадат придонес, немаат пристап до виталните делови на организмот, кој полека но сигурно „старее“, станува инертен и неспособен да се рехабилитира. Затоа сме денес во состојба која подразбира излевање на револтот од предолгото игнорирање – позиција на вровување која боли многу повеќе отколку што мислат сите останати, а кои ја следат „битката“ со осуда, навивање и би се рекло, невидена пизма кон оние што во овие мачни времиња на алиенација и дерогирање на сите вредности, за децата се и повеќе од родители.

Нема да пишувам многу за штрајкот. Мачно течат овие денови. Многу. Нема опис за емоцијата која се вика Празна училница. Нема учител кому децата не му недостигаат. Но, сепак, она што треба да се изговори е фактот дека штрајкот е симптом, како температурата која при настанато заболување предолго не се симнува. До 38 е толерантната граница која се нарекува „организмот сам се бори“, но кога ќе се покачи до над 40, станува јасно дека самоборбата не дала резултат и се работи за сериозно болен организам, кој бара соодветен третман. Многубројните рецидиви на болката низ годините укажуваат на непобитниот факт - третманите сепак не се вистинските. Во основа, битката за подостоинствени плати не е единствената која се бие деновиве. Тврдам и дека не е најважната. Затоа и здоболува нездогледувањето на фактот дека таа е последица на многуте досегашни загубени битки: Битката за силен, здрав учебник. За растоварена наставна програма. За обуки кои нема да подразберат сертификат кој ќе се брои како ливче плус кое гордо ќе го споделуваме, туку ќе служи за наше преоблекување во ново учителско руво во интерес на децата. За подобри услови за работа. За можност за напредување по заслуга, а не по припадност. За правење разлика меѓу напорот, трудот и посветеноста кои раѓаат квалитет и брзата лента на успех кој нема габарит. За немешање на политиката во училницата.

За колегијална соработка, која се загуби некаде попат. За почит кон нас цела година, мерена преку квалитетна соработка со родителот. Оној кој за нас е „Вие, господине“, а ние за него „Ти, учителке“. Оној кого го повикуваме по петпати и не доаѓа. Оној што ни се јавува и во време на ручек, и во доцните вечерни часови, оти тогаш се сетил да се јави. Оној за кого неговото дете никогаш не е виновно, само е темпераментно, ама ние тоа не го сфаќаме. Она на кое треба да му пишеме две оценки погоре на крајот, оти треба да знаеме кој му е родителот и што има врска, нема раката да нѐ боли.

Веќе сум кажала – не е лесно денес да си учител. Таа тежина се мери со невидено трпение, такт, напор, желба, потреба да се остави трага во младите умови. Љубов, конечно. Ние најдобро ја знаеме тежината на неколкуте ковид-години, онлајн наставата и сите недоследности кои притоа испливаа на површина. Знаеме што добија децата, а што изгубија. И ние, исто. Стереотипите и погрешните сфаќања на најблагородната професија на свет, од типот „четири часа и одење дома, зимски распуст еден месец, летен распуст три месеци, дома кога седеа, а плата земаа, ништо не работат, мрзливи, неспособни“ и цела низа слични удари со камшик, на нашите грбови исцртуваат трајни траги кои значат понижување и непочит. Нема веќе смисла да се обидуваме да уверуваме дека нештата не се такви. Одамна овде не вирее ниту вистината ниту потребата таа да се прифати. Затоа и немаме избор, потценети, омаловажени и маргинализирани, освен поради целата историја на болеста, да се обидеме да потсетиме дека сме тука и го сакаме најважното – да го најдеме лекот.

Ќе завршам со тоа што ќе нагласам дека анамнезата на болеста е долга и комплексна, иљачот предолго се бара, а болката прогресира. Затоа сме тука каде што сме. Останувам во надеж, како и секој учител во ова премреже, дека додека се објави писаниево, ќе се вратиме онаму каде што припаѓаме – ќе им се вратиме на децата. Конечно, за оние што за мене се секогаш најважни, пак ќе повторам: „Ви се извинуваме, деца. Ќе надоместиме сѐ што пропуштивме и нема да биде на ваша штета. Се обидуваме да ја кренеме главата - како инаку ќе ве научиме дека таа служи за држење горе?”

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни