X
 13.11.2023 Живот

Некогаш бил центар на гламурот и луксузот, а денес е град на духови. Како пропаднало најексклузивното одморалиште во светот?

Во областа Фамагуста на Кипар се наоѓа градот Вароша. До 1974 година тоа било најексклузивното одморалиште.

Вароша бил главен деловен и културен центар каде што се собирала светската елита. Рамо до рамо со Њујорк, Берлин, Париз била и Вароша, која била наречена „француската ривиера на Кипар“. На ова место летувале ѕвезди како Елизабет Тејлор, Ричард Бартон, Софија Лорен и Брижит Бардо.

Официјалните податоци покажуваат дека тука годишно летувале 700.000 луѓе и дека градот имал хотели колку цела Турција во тоа време.

Градот никогаш не спиел и имал совршено уредени плажи, спортски терени, музеи, споменици на културата, кафулиња, ресторани, но потоа дошле црните денови.

 
Имено, следувала турска инвазија.

Кипар долго време бил предмет на борба меѓу Грција и Турција. До 1974 година кипарските Грци и Турци живееле заедно на островот без инциденти, а потоа меѓуетничките конфликти ескалирале. Следувал државен удар на грчката воена хунта, а Турција го искористила тоа, па го нападнала Кипар и окупирала третина од островот, поточно неговиот северен дел.

Поради симболот што градот Вароша го претставувал за Грците и поради богатството и славата што ги имал, турската војска одлучила да го изолира ова место и да го услови враќањето на Грците таму со признавање на северниот дел на Кипар.

Градот Вароша буквално бил опколен со бодликава жица, а околу 39.000 жители биле принудени да го напуштат градот. Кипарските Грци останале на југ, а турските на север. А Вароша останал „замрзнат“ во времето по таа војна.

Денес, кога ќе зачекорите во овој град, како да сте се вратиле 50 години наназад со временска машина. На истото место сè уште стои салон за автомобили полн со најнови модели од 1974 година. Има и кафулиња, ресторани и хотели. И сè е недопрено.

 
- Тоа беше рај. Рај. Не претерувам кога го кажувам тоа. Прекрасни песочни плажи, сè нагоре од север до крајот на југ - се сеќава Јоргос Арестис, кој живеел во Варошa 30 години.

Во 2003 година, на поранешните жители на Вароша им беше дозволено да се вратат и да ѕирнат во заборавеното одморалиште низ оградите и бодликавата жица. Но, на оние што се осмелија да влезат во Вароша ги дочека пропаднат град на духови.

Главната плажа во Вароша е јавна и отворена за посетители, но зад неа се распаднатите хотели и остатокот од напуштеното одморалиште. Вароша може да се види однадвор како составен дел од екскурзии организирани од локални туристички агенции.

 

Извор: Svrckanje.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот