Ако постои нешто што ги обединува жителите на Берлин, тоа е нивниот апетит за донер-ќебап. Канцелариските работници во потрага по брз ручек, децата кои се враќаат од училиште, младите луѓе по „напорната“ диско-вечер, сите тие редовно застануваат во една од многуте ќебапчилници во градот.
Она што ги привлекува гладните жители е говедското месо со зачини, тенко исечено, ставено во пита-леб со крцкава салата, во сос од јогурт со лук. Тоа е германската верзија на традиционалниот турски донер-ќебап, истото месо што се служи во чинија со ориз и салата.
Но, ако биде по барањето на турската влада, на секоја донер-ќебапчилница во Германија наскоро ќе ѝ биде забрането да продава ќебапи под тоа име.
Во неодамнешната апликација до Европската комисија, турската влада побара да се признае донер-ќебапот како турски специјалитет, роден и развиен во денешна Турција. Тоа ќе му даде ист статус како италијанската неаполска пица или шпанската шунка „серано“. Само ќебапите што се придржуваат до строги критериуми ќе може да се наречат донер-ќебапи. Секоја друга верзија во Берлин нема да го помине тестот.
Најраната позната фотографија на донер, 1855 година, Истанбул, Отоманска Империја
Фото:
Wikipedia
Германското сојузно министерство за храна и земјоделство беше една од 11. организации што поднесоа приговор.
- Со чудење ја проследивме апликацијата од Турција. Донер-ќебапите се дел од Германија, а разновидноста на методите на приготвување ја одразува различноста на нашата земја и тоа мора да се зачува. Во интерес на многубројните обожаватели во Германија, посветени сме да се погрижиме донер-ќебапот да остане онака како што се приготвува и јаде тука - изјави портпаролот на министерството.
Берлинската верзија на донерот се родила во раните 70-ти години, а двајца луѓе биле заслужни за нејзиното создавање. Мехмет Ајѓун и Кадир Нурман биле дел од бранот турски гастарбајтери кои помогнале да се поттикне повоениот економски бум на Германија. Тие го претвориле класичниот турски донер-ќебап во сендвич лесен за јадење.
Според Здружението на турски производители на донер во Европа, со седиште во Берлин, се проценува дека скромниот донер ќе генерира годишна продажба од околу 2,3 милијарди евра само во Германија и 3,5 милијарди евра низ Европа.
Популарноста на ова јадење во секојдневието на Германците било извонредно достигнување на една генерација мажи.
- Нивните рецепти се пренесувале усно. Општеството не го вреднувало она што тие го правеле, но тоа не ги спречило да го прават - вели Дениз Бухолц, кој е половина Германец - половина Турчин и косопственик на берлински ресторан кој има посовремен пристап кон јадењето.
Но, не секој се согласува со строго дефиниран донер. Кулинарската историчарка Мери Ишан вели дека била сведок како донерот еволуирал во текот на децениите кога живеела во Турција.
- Во 70-тите години донерот се правеше со јагнешко месо. Не знам како се случи промената, но се чини дека некој ги убеди луѓето дека јагнешкото е мрсно и лошо за здравјето. Така почна да се користи говедско место. И, ако добро се сеќавам, во донерот имаше само исечен кромид. Немаше домати и пиперки како што има денес - вели таа.
Фото: Freepik
Ишан ја истражувала историјата на ќебапот и вели дека станува збор за историја со огромни празнини истакнувајќи дека фразата „донер-ќебап“ не се појавила во пишан отомански извор до 1908 година, иако најраните прикази за печење донер-ќебап датираат од 17 век.
Европската комисија ги упати турските и германските влади да се вклучат во разговори за да се најде компромис, но последиците од каков било договор ќе се чувствуваат низ целиот свет.
Турчинката Улку Гани, која води турски турнеи со храна во Сиднеј, вели дека нејзиното семејство правело донер сличен на класичните берлински рецепти, со пита-леб полнета со домат, зелена салата и кромид и месо. Таа додава дека ќебапот не е единственото турско јадење што испратило кулинарско ехо низ цел свет.
- Правиме сарми од зелка што потекнуваат од Украина и Бугарија. Правиме сарми од лозов лист што потекнуваат од Грција. На крајот на краиштата, храната е нешто што е заедничко за сите. Сите сме поврзани со храната - вели таа.
Извор:
ВВС
Фото:
Wikipedia