X
 13.12.2019 Наука

Зошто океанските животни јадат пластика?

Минатата недела на брегот на Шкотска десетгодишен кит беше пронајден мртов. Обдукцијата на животното откри дека во дигестивниот систем имало околу 110 килограми пластика и друг отпад. Низ светот има и други слични случаи на мртви китови, заринкани на брегот, со желудници полни со ѓубре.

Нејасно е дали сето ова е сè почесто или ние повеќе внимание обрнуваме како што станавме посвесни за кризата со пластиката, додека нејзиното производство и понатаму експоненцијално расте. Во 2015 година произведовме 448 милиони тони. А се очекува производството до 2050 година двојно да се зголеми.

- Научниците се борат да одговорат зошто морските животни јадат пластика - вели Метју Савока, постдокторски истражувач од маринската станица „Хопкинс“ на Универзитетот „Стенфорд“. Знаеме дека пластиката е насекаде. Знаеме дека животните ја јадат. Но, откривањето на причините е навистина тешко.

- Знаеме малку за тоа што навистина се случува во океанот - вели Савока.

Конвенционалната мудрост е дека животните јадат пластика затоа што не знаат подобро. Но, ова не објаснува зошто само одредени типови китови излегуваат мртви на плажите со стомакот полн со пластика.

Овие видови ловат длабоко во океанот, понекогаш 48 метри под површината, каде што е црно. Тие ја користат ехолокацијата за да ловат храна - обично лигни. Можно е, според Савока, пластичното ѓубре да им звучи како храна.

1
Фото: Jasper Doest/National Geographic


Нели пластиката плови?


Всушност, многу видови пластика, вклучувајќи ги шишињата за вода, природно тонат. Другата пластика што инаку би пловела обично е заплеткана од алги, со што се менува нејзината маса и таа е повлечена надолу. Мали парчиња пластика се пронајдени дури и во Маријанскиот Ров, најдлабоката точка во светот.

Зошто други видови китови немаат пластика во стомакот?


Некои китови имаат природни филтри за својата храна и не завршуваат со полни стомаци со пластика. Китовите нужно не јадат повеќе пластика од другите видови. И некои морски птици што се гнездат на островите крај бреговите на Австралија и на Нов Зеланд јадат повеќе пластика отколку кое било друго морско животно.

Но, смртните случаи кај китовите секогаш се значајни затоа што ги гледаме многу. Повеќето китови умираат во морето и потонуваат на дното. Многу животни, вклучувајќи ги и птиците и рибите, не се забележува кога ќе се појават мртви на брегот. Но, кит од 15-20 метри? Тоа се забележува.

Како јадењето пластика им штети на животните?


Понекогаш смртта предизвикана од пластиката е очигледна - на пример, пилињата албатрос биле пронајдени мртви само со пластика и без храна во стомачињата или кит чии црева биле распарчени од остра пластика.

Но, поголемиот дел од времето штетата е скриена, што веројатно се манифестира како хроничен, непопустлив глад или летаргија.

Китовите треба да излезат на површина за да дишат.

- Да речеме дека еден кит може да фати 30 парчиња храна во едно нуркање. Ако пет или десет од нив се ѓубре без хранливи материи, тоа е 10 до 30 отсто помалку храна отколку што инаку би добил - вели Савока. Овој недостиг би му отежнал на животното да има енергија за да го прави сето она што го прави, како што е размножување, мигрирање итн.

Пластиката е на врвот од листата со работи што влијаат врз животот во океаните - климатските промени, премногу риболов, воден сообраќај, загадување со бучава.

- Навистина е штета бидејќи нивните животи се доволно предизвикувачки и без дополнителниот притисок што им го вршиме. Пред 50 години во океаните речиси немаше пластика. Еден голем кит може да живее двапати подолго од тоа. А ние, во текот на животот на еден кит, од океани без пластика ги претворивме во океани со стотици илјади тони пластика - вели Савока.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука