X
 13.12.2022 Наша тема

Насилството меѓу тинејџерите и кон своите родители зема сѐ поголем замав. Како да се спречи тоа, советува психотерапевтот Наташа Маџевска

Изминатиов период во нашата држава одекнаа вести за неколку случаи на булинг меѓу ученици и девијантно однесување на деца кон родители - ученик од Градско бил влечен низ училишните ходници за неговата долна облека, ќерка со нож ѝ нанела телесни повреди на својата мајка, син во јавност ја претепал својата мајка...

Разговаравме со гешталт-психотерапевтот Наташа Маџевска за тоа кои се причините за насилното однесување кај децата кон своите врсници и кон родителите, дали социјалните мрежи имаат улога во тоа и како да се спречат ваквите постапки.

Дали денешните млади се навистина поинакви?

-„Денешните млади сакаат луксуз. Не знаат да се однесуваат, ги презираат авторитетите и не ги почитуваат постарите. Се бунтуваат против родителите, голтаат храна и ги тиранизираат своите учители“. Овој цитат е од 5 век пр.н.е. и според различни извори го припишуваат на грчкиот филозоф Сократ или на Платон, а ни покажува како уште во Стара Грција возрасните со неодобрување гледале на младите. Периодот на адолесценција носи многу бурен и исцрпувачки однос меѓу родителите и младите. Соочувањето со адолесценцијата понекогаш е отежнато токму поради негативните очекувања, поради тоа што многу луѓе овој период го гледаат како ризичен и бунтовен период. Тука многу придонесуваат и медиумите, кои го истакнуваат бунтовното и ризично однесување на помал број млади. Секоја нова генерација расте во различно опкружување, но заедничко е искуството на соочување со истите развојни промени и предизвици за влегување во светот на зрелоста и осамостојувањето - вели таа.

Маџевска потенцира дека родителите имаат многу голема улога во раната адолесценција и дека наместо контролирање, потребен е отворен однос меѓу децата и родителите.

- Во раната адолесценција влијанието на врсниците е многу големо, но семејството сѐ уште има големо влијание врз вредностите за младиот живот иако можеби не е лесно да се види. Во овој период родителите имаат голема улога, иако некогаш можеби се чувствуваат повредени и отфрлени од своето дете во однос на другарите и врсниците. Треба да се има на ум дека потребата од грижливи родители кои јасно ги изразуваат своите вредности и правила е присутна и затоа семејните вредности многу влијаат врз обликувањето на идентитетот на младите. Отворениот однос со родителите, поддршката и водењето како родител е најважен заштитен фактор кон ризично однесување на младите. Многу повеќе отколку контролирање и надзор, кој прави спротивен ефект кај младите - истакнува таа.


Гешталт-психотерапевтот Наташа Маџевска

Детето или младиот човек што се однесува насилно го гледал како пример тоа однесување во својот развој, смета психотерапевтот и додава дека тоа што родителите премногу им угодуваат на децата доведува до контраефект. Така, штом детето нема да добие нешто, ќе се исфрустрира и ќе проба да го добие тоа со насилство.

- Многу често се кажува дека децата се огледало на семејствата. Во развојот и растењето родителите треба да се многу присутни за децата, да ги уважуваат и да разговараат за емотивните состојби и да ги поттикнуваат и негуваат емоциите. Многу често родителите им прават лоша услуга на децата и младите кога не им дозволуваат да погрешат и да учат од сопствено искуство. Родителите ги завршуваат активностите кои би требало да се одговорност на децата и младите. Младите имаат очекувања дека родителите, возрасните, секогаш треба да се присутни за нив. Во прв момент кога нема да ги добие работите на начин кој младиот човек го сака, тој е исфрустриран и со насилство сака да ги добие работите - објаснува Маџевска.

Причини за насилно однесување на младите

Во однос на тоа кои се причините за насилното однесување на младите, психотерапевтот вели дека некои млади не знаат за подобар начин за решавање на проблемите со врсниците, а некои можеби биле или се жртви на насилство.

-Младите што имаат насилно однесување го прават тоа од различни причини. Некои од нив едноставно не познаваат подобар начин за решавање на проблемите со врсниците. Тоа се деца кои тешко се справуваат со емоциите лутина или тага и вешто се кријат зад нив. Овие деца се соочени со некој силен стрес во некој дел од својот живот и се склони да усвојуваат однесувања на врсниците за да бидат главни. Некои од нив можеби доживеале и доживуваат насилство во опкружувањето во кое живеат. На овие деца и нивните родители им треба поддршка од стручни лица за да ги надминат заедно проблемите, да остварат квалитетен однос со семејствата и врсниците и да ги постигнат своите позитивни потенцијали - потенцира психотерапевтот.

Социјалните мрежи имаат голем удел во однесувањето на младите

Појавата и постојаното користење на социјалните мрежи како да ја влоши ситуацијата во последните години. Маџевска смета дека тоа што се скриени зад екранот, на младите насилници им дава сила и тие не размислуваат за последиците. Недостига и надзор од родителите.

-Преку социјалните мрежи многу полесно се шират непријатни информации без разлика дали е вистина или лага, исмејување и размена на тајни. На социјалните мрежи младите се присутни 24 часа, седум дена во неделата. Многу полесно се праќаат вознемирувачки пораки кон жртвата. Информациите се пренесуваат и споделуваат брзо и стасуваат до голем број приматели. Скриеноста зад екранот на младите насилници им дава сила и верување дека никој не може да ги открие. Бидејќи не го гледаат соговорникот, тие не ни размислуваат за последиците на своето однесување, имаат помало чувство на одговорност и се склони на поголем чекор во своето насилно однесување. Младите денес ја користат современата технологија без надзор или водење од родителите. Ова го отежнува насочувањето на децата и младите за правилно користење, како и препознавање на изложеноста на непријатни искуства. Пишувајќи на неколку метри од домашните, се наоѓаат во друг свет во кој и не е тешко да се загубат - вели психотерапевтот.

Ретко кој од младите кога се соочува со некоја непријатна случка бара помош од својот професор, наставник, училиштен психолог или пак пријавува кај директорот. На прашањето зошто е тоа така, психотерапевтот Наташа одговори:

- Многу често учениците не бараат помош бидејќи во целиот процес тие стануваат емоционално несигурни, нивното функционирање во училиште носи несигурност и незаштитеност, ја губат самодовербата, односот со другите им е несигурен, а секако имаат и психосоматски изразени симптоми.

Фото: Freepik

Како да се спречат ваквите немили настани?

Со психотерапевтот разговаравме и за тоа како би можеле да се спречат ваквите настани. Според неа, решението е во разговорот. 

- Насилството може да се намали ако ги поттикнуваме децата и младите да разговараат за случките што им се случуваат, да зборуваме за грижите и стравовите што ги имаат и да им се покаже подготвеност за давање поддршка од возрасните. Да им се појаснува процесот на настани кои ги следат во својот развој, да им се даде можност самите да разговараат за својата самоподдршка и чувство на сигурност. Секако, во процесот на растење и осамостојување децата и младите да се подучуваат како да се грижат за себе на ненасилен начин преку примери од возрасните и секако да ги поттикнуваме да побараат стручна помош - сподели Маџевска.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема