Најдобриот совет за воспитување на децата е : „Не слушајте совети“. Зошто? Затоа што сите луѓе меѓусебно се разликуваат и не само што се разликуваме едни од други, туку и нашите деца се разликуваат од нас.
Ако прифаќате мудри совети за воспитување и се обидете да ги примените на своето дете, можеби ќе му помогнете, но можеби и ќе му нанесете тага. Некои деца сакаат да добиваат поттик, а некои не, некои добро реагираат на пофалби, а некои не, некои деца уживаат во физички игри, а други сакаат да мечтаат.
Најважно е да сфатите што е тоа што го радува вашето дете, а што е тоа што го заморува, па да се однесувате во согласност со тоа. Обидете се со што повеќе различни активности и физички и сите останати. Списокот е речиси неисцрпен. Доколку детето не се заинтересира, не мора веднаш да се откажете, но ако секој ден плаче кога ќе го качите на лулашка тогаш не навалувајте.
Сличен совет важи и за меѓучовечките односи. Некои деца се радуваат кога има повеќе луѓе, а некои пак сакаат помирна атмосфера. Не треба да се инсистира на масовни средби, доколку детето лошо реагира кога е во гужва.
Другиот совет се однесува на подготвување на детето на ситуациите кои ќе го чекаат во животот. За сите тие ситуации важи „учење по модел“. Секојдневно, а постепено воведувајте го детето во ситуациите на кои би требало да се прилагодува. Кога се работи за училиште, тоа значи дека отприлика половина година пред да започне со училиште, во одредено време детето треба да изработи нешто што ќе му го доделите како задача, за да стекне работна навика. Нека биде тоа цртање или било што друго што ќе трае пет минути во почетокот, а потоа ќе се зголемува како што ќе се наближува денот за одење во училиште.
Третиот совет се однесува на договарањето на сите луѓе кои учествуваат во воспитувањето на детето и заземањето на јасниот став за тоа што е пожелно, а што непожелно однесување и реакции. Дали наградувате или казнувате натпреварувачко однесување, дали треба да се делат играчките со сите други или треба да го чува она што е негово. Дали е во ред да плаче и колки, дали треба да ги издава другарчињата и каква е казната за лажење. Секој концепт е подобар од немање никаков концепт. Во ситуацијата во која мајката дозволува, а таткото забранува и обратно, често резултатот е збунето и избезумено дете.
Автор: Јелена Новаковиќ