X
 13.12.2023 Наша тема

Смирен разговор, сослушување и заштита од дезинформации - психологот Розалија Секулоска советува како да зборувате со детето по трагедија

Едноставно создадената енергија ако не се канализира здраво, ќе се залепи како необработена во телото, во несвесното, претсвесното и може да биде иницијална каписла за експлозија во иднината. Прво, родителите треба да бидат смирени кога разговараат со децата. Со смиреноста не го преплавуваат детето, туку му нудат сигурен простор во кој ќе може да сподели сѐ што е проблем, истакнува психологот и психотерапевт Розалија Секулоска

Случајот со Вања ја потресе јавноста и не постојат зборови кои би ги опишале соодветно стресот, стравот и несигурноста што владеат деновиве. Во целата оваа ситуација особено е важно како децата и адолесцентите се справуваат со информациите и со целиот товар што оди со нив. И малата сигурност што постоеше кај родителите сега е комплетно разнишана. Многу прашања, недоумици им се вртат низ глава на родителите, меѓу кои и како соодветно да се зборува со децата на оваа тема. На кој начин, со кои зборови да им се пристапи, објасни... И како да препознаат и дознаат дали детето е исплашено. Со психологот и психотерапевт Розалија Секулоска разговараме повеќе околу овие прашања.

Дајте им простор да ги изразат мислите и емоциите, какви и да се


Како што вели таа, стресот и загубата се составен дел од животот. Не ги одминуваат ниту децата ниту возрасните. За жал, кога стресот и траумата ќе се случат на рана возраст, можат да бидат доживеани и залепени за мозокот со тоа што ќе создадат некои несвесни верувања, шеми на однесувања, фобии...

- Едноставно, создадената енергија ако не се канализира здраво, ќе се залепи како необработена во телото, во несвесното, претсвесното и може да биде иницијална каписла за експлозија во иднината. Прво, родителите треба да бидат смирени кога разговараат со децата. Со смиреноста не го преплавуваат детето, туку му нудат сигурен простор во кој ќе може да сподели сѐ што е проблем. Кога зборуваат, да ги тргнат настрана сите одвлекувачи на вниманието. Кога зборуваат да бидат во физички рамноправна положба и да се гледаат в очи. Нема точни и неточни одговори. Ова е средина во која двете страни имаат слобода да се изразат. Родителот, како возрасен и одговорен, понекогаш е доволно само да ги валидира, а тоа значи да ги прифати моменталните детски чувства. Во други ситуации е повикан по валидацијата да понуди советување, поддршка и насока што понатаму - посочува Розалија Секулоска.



На прашањето како родителите да забележат дека нешто се случува со нивните деца, таа вели дека треба да имаме предвид дека сите зборуваме вербално и невербално.

- Кога детето вербално ќе побара помош, тогаш е многу појасно бидејќи е експлицитно. Имплицитниот крик за помош е преку невербалното однесување кое не може да се скрие, но може да не се види. Токму затоа, родителите, наставниците, возрасните убаво би било да се обидат да одгатнат што се крие зад детскиот молк, повлекување, агресија, стил на облекување, лажна насмевка, избегнување контакт со очи, намалување на училишниот успех. Тогаш се зборува со децата. Дајте им време и простор да го преживеат она што им се случува во главата. Дајте им простор да ги изразат мислите и емоциите, какви и да се. Не осудувајте ги, туку разберете ги. Понудете заеднички да дојдете до решение. Бидете им поддршка на децата. Понекогаш тоа е доволно. Поддршката разбира и не осудува - истакнува нашата соговорничка.

Како можете да препознаете дали некој има асоцијално растројство на личноста

Според нејзините сознанија, се проценува дека околу 1% од светското население се психопати. Во светот на психијатријата, и психопатијата и социопатијата спаѓаат под капата на состојбата наречена антисоцијално растројство на личноста (APL). Има многу дезинформации за психопатијата и терминот често се злоупотребува и лесно се користи.

- Како можете да препознаете дали некој има асоцијално растројство на личноста?
Точна и прецизна дијагноза може да постави само експерт, но има некои знаци кои укажуваат на нарушување. Тука ќе набројам: непочитување на другите луѓе, како и социјалните вредности, лага и манипулација, агресивност, импулсивност, недостиг на каење.
Психопатите и социопатите постојат во општеството, тие се шармантни, манипулативни, бесчувствителни и насилни. Она што им е заедничко е недостиг на емпатија, непочитување на правила (понекогаш и закони) и насилно однесување без чувство на вина. Сепак, постојат разлики меѓу нив. Психопатите се раѓаат како таква структура на личност. Можат да бидат многу успешни луѓе со стабилни работни места и позиции. За разлика од социопатите, тие немаат емпатија, туку ги имитираат емоциите. Од друга страна, социопатите не се раѓаат, туку се создаваат најчесто поради рана доживеана траума. Имаат емпатија која често пати може да ги издаде. Ова се карактерни нарушувања кои ги има во секое општество и отсекогаш постоеле. Социопатите и психопатите можат, а и не мора да значи дека ќе извршат убиство. Исто како што секој убиец не мора да значи дека е социопат или психопат. Но тие имаат тенденција да ги кршат нормативите, законите, правилата, моралот и етиката - детално ни објаснува Секулоска.



Тешко е да се заштитиме од информациите

Еден од чекорите да се заштитат децата од секакви информации кои периодов се шират на социјалните мрежи е да им се ограничи времето што го поминуваат на интернет. Но и да се советуваат како да препознаат кои информации се релевантни, кои точни, а кои измислени.

- Во оваа ера на достапност на информации, убаво е сите да се заштитиме од сѐ и сешто што се пласира на социјалните медиуми. Да не заборавиме дека медиумите се едно од средствата на социјализација и воспитување. Така што не би сакале сѐ и сешто да допира до нас и до младите. Возрасните можеби имаат веќе изградени ставови и за нив е полесно за разлика од младите кои ја немаат таа мозочна зрелост и животно искуство. Како да се заштитиме? Многу тешко, бидејќи е лесно достапно, интересно, зависно и е модерно. Но би рекла да бидеме модели пред младите така што и ние нема да сме постојано на социјалните медиуми. Така што сметам дека треба: да се ограничи времето, да се структурира слободното време, да се гледа што гледаат децата во медиумите и тоа слободно да се дискутира со нив, да се провери информацијата, одвреме-навреме, барем на неколку часа, да се исклучи интернетот - советува психотерапевтот Розалија Секулоска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема