X
 08.04.2016 Образование

Балкански педагошки лекции: Ако детето случајно падне, удри го за следниот пат да внимава

Неодамна ви ги пренесовме грешките, навиките и замките кои се карактеристични за родителите од Балканот, а сега ви нудиме уште неколку. Тука можете да го пронајдете првиот дел.

Педагошка лекција 9 - Ако детето случајно падне, удри го за следниот пат да внимава

Ваква ситуација јас лично видови и иако мислев дека тоа повеќе никој не го прави - згрешив. Семејство, наизглед нормално, со две деца, едното 6 или 7, а другото 2 години. Слегуваат по скалите, на излегување од хотелот. Постарото момче се загледа во нешто, се лизна и падна. Таткото веднаш го подигнува, и јас го очекувам прашањето: „Дали си добро? Се повреди?“, а наместо тоа малиот добива неколку удари по главата од таткото и карање од мајката. Верувам дека тие мислеа дека така ќе го научат следниот пат да внимава каде оди, но луѓе тоа е само дете кое дошло на одмор, се` му е ново и интересно, сака се` да види. Што е чудно што не внимавало каде оди? Што, возрасните не паѓаат по скалите?

Педагошка лекција 10 - Ако не престанеш да плачеш...

Е ова е стварно вистинско чудо. Замислете, дете кое плаче. Со закон треба да се забрани. Посебно ако на родителите не им е јасно зошто детето плаче и ако тие мислат дека причината е глупава. Тогаш или ќотек за да знае зошто плаче или закана во стилот: „Ќе дојде една баба и ќе те одведе во торба“ или „Го гледаш она кучето? Ако не се смириш, ќе те касне!“.

Педагошка лекција 11 - Ако не изедеш се` од чинијата, нема... (нешто што детето го сака)


Во оваа замка и самата паднав, признавам. Иако знам колку е глупаво да се уценува дете за да јаде, но понекогаш се чувствувам беспомошно. Мислам дека за нашата нација е особено важно детето добро да јаде, да не биде слабо, бидејќи дебелината е знак за здравје. Секако дека ова не е точно, и кога би се ослободиле од овој притисок дека детето мора да изеде се`. Кога би им ја укинале нездравата храна, сигурна сум дека децата би јаделе без закани.

Педагошка лекција 12 - Јади леб!

Навистина, еве навистина не знам, некој нека ми објасни ве молам - ЗОШТО? Зошто детето мора да јаде леб? Децата повеќе сакаат да го изедат овој оброк без нездравиот леб кој носи само нездраво чувство на ситост. Оставете ги побогу! Утре кога ќе имаат вишок килограми поради истиот тој леб и навика да го јадат и со супа, ќе се прашувате каде сте згрешиле...

Педагошка лекција 13 - Споредба со другите деца (другари, браќа, сестри)

Кога нешто нема да го направите како што треба, кога не ви оди од рака, кога ќе погрешите, потребна ви е поддршка и некој да ве „турне“. Не ви е потребен некој кој со прст ќе покажува кој е подобар од вас. Така не се станува подобар, така се станува поуверен дека сите се подобри од вас и нема цел да се трудите...

Педагошка лекција 14 - Нема повеќе никогаш да...


Мислам дека не постои повеќе дете кое верува во оваа закана. Ако не го направиш тоа, нема повеќе никогаш да одиш во парк. Ако не изедеш се`, нема повеќе никогаш да те носам на сладолед. мислам дека децата кога ќе го слушнат ова, во себе се смејат.

Педагошка лекција 15 - Ајде, одиме. Тргни веднаш. Не сакаш? Е добро, јас си одам, ти остани тука!

Најголемиот страв на едно дете е да биде оставено. А најчестото оружје на многу родители е да го злоупотреби овој страв. Тоа не е само лошо поигрување со стравот на детето туку и застарен начин родителите брзо, без многу педагогија да го добијат посакуваниот резултат.

Педагошка лекција 16 - За кого јас сето ова го правам?


Предизвикувањето на чувство на одговорност или вина кај детето затоа што вие мора да направите нешто за него ќе ви донесе - што точно? Освен огорченост и предизвикување на чувство кај детето дека подобро би било да не е родено... Верувајте, ниту едно дете нема да се замисли и да си рече себеси: „Гледаш како мама и тато се мачат, ај и јас да направам нешто...“

Извор: Зелена Учионица

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование