Иако на прв поглед врвните ресторани и автомобилските гуми се неспоиви теми, врската е силна и финансиски издржана.
Кога размислуваме за Мишелин ѕвезда, првото нешто што ни паѓа на ум се елитните ресторани и врвната кујна. Сепак, зад ова престижно признание се крие изненадувачка приказна за нејзината поврзаност со индустријата за гуми.
Како браќата Андре и Едуард Мишелин, основачи на компанијата „Мишелин“, од индустријата за гуми преминаа во оценување на рестораните и го променија светот на гастрономијата? Нивната приказна е комбинација на генијален маркетинг и посветеност на квалитетот што трае повеќе од еден век.
Потекло на Мишелин ѕвездите
На почетокот на 20 век браќата Андре и Едуард Мишелин, основачи на компанијата „Мишелин“, се соочиле со предизвик: како да ги поттикнат возачите да патуваат повеќе, а со тоа да ги истрошат гумите.
Во 1900 година тие го објавиле првиот „Мишелин водич“, бесплатен водич за возачи, кој содржел информации за сервиси, бензински пумпи и места за одмор, вклучително и ресторани.
До 1926 година водичот еволуирал, а фокусот бил префрлен на гастрономијата. Таа година првпат била воведена првата Мишелин ѕвезда како знак за квалитетот на еден ресторан. Системот за оценување бил проширен во 1931 година, кога биле воведени две и три ѕвезди, што означуваат ресторани со исклучителен квалитет.
Врската помеѓу индустријата за гуми и елитните ресторани
Стратегијата на браќата била генијална: со охрабрување на луѓето да патуваат во далечни ресторани се зголемила потребата за автомобили, а со тоа и потребата за гуми. Овој маркетиншки потег не само што ја промовирал нивната компанија, туку и ги поставил темелите на стандардите во гастрономијата кои се почитуваат до ден-денес.
Значењето на Мишелин ѕвездите
Системот за оценување работи на следниов начин:
Една ѕвезда: Многу добар ресторан во својата категорија.
Две ѕвезди: Одлична кујна, вреди да се посети.
Три ѕвезди: Исклучителна кујна, вреди да се патува до ресторанот.
Овие ѕвезди ги доделуваат анонимни инспектори врз основа на критериуми како што се квалитетот на состојките, вештината во подготовката на храната, хармонијата на вкусовите и конзистентноста.
Интересни факти за Мишелин ѕвездите
Бесплатни водичи: Првите водичи на Мишелин биле дистрибуирани бесплатно со цел да се поттикне патувањето и, индиректно, да се зголеми продажбата на гуми.
Француска доминација: Како родно место на „Мишелин водичот“, Франција има најмногу ресторани со Мишелин ѕвезди, што ја одразува богатата кулинарска традиција на земјата, вкупно 639. Од нив, 75 ресторани имаат две ѕвезди, додека 30 ресторани ги добиле престижните три ѕвезди.
Анонимност на инспекторот: Идентитетот на инспекторите на Мишелин е строго чувана тајна за да се обезбеди објективност во процената.
Критериуми за доделување: Инспекторите ги оценуваат рестораните врз основа на квалитетот на состојките, хармонијата на вкусовите, техниката на подготовка, личниот допир на готвачот и конзистентноста на квалитетот.
Извор:
24sedam.rs
Фото:
Instagram